Ќерка ми пишува писма до Дедо Мраз ама едно оставила и кај баба и дедо за да знаат што да ѝ купат: Предпразнично со Милена Антовска Станковска
Ја знаеме од
утринската програма на Канал 5 телевизија, секое утро се будевме со неа, но последните неколку недели Милена Антовска Станковска се повлече од малите екрани бидејќи го очекува своето второ дете. Иако е во поодмината бременост несебично
прифати да ни одоговори на неколку прашања.
Предпразнично разговараме за украсите, елката, подароци, желби...
* Годинава полека но сигурно заминува, пред нас е Новата 2022 година. По што ќе ја паметите 2021, а што си посакувате во годината што следи?
- Годинава што изминува ќе ја паметам навистина по многу нешта. За жал и по лоши, но, за среќа и убави работи. Јас сум човек што секогаш ги дава и последните сили за се да биде добро и позитивно, така што веќе се обидувам да ги заборавам негативните моменти и сакам во меморијата да ми останат само позитивните ситуации. Секако оваа година за мене ја одбележа информацијата дека по втор пат сум бремена. Во новата година сакам само да се породам лесно, да ми се живи и здрави децата и секако сите мои блиски луѓе.
* Новогодишните и Божиќните празници се најубавиот период од годината. Домовите тогаш ги украсуваме и го навестуваме доаѓањето на Новата година, но и раѓањето на Исус Христос. Како Вие го украсивте Вашиот дом годинава?
- Оваа година оставив Лана Марија речиси се да украси затоа што веќе е голема и изрази желба да го направи тоа и морам да признаам дека има вкус. Боите кои ја красат нашата елка оваа година се бела, сребрена и светло сина.
* Сами украсувате или барате помош од лица задолжени за украсување на ентериер?
- Како што веќе кажав, сами. Сметам дека тоа е убав момент во кој треба едно семејство да ужива. Досега не сум ангажирала стручни лица за украсување, можеби некогаш во иднина… Кој знае.
*Ја украсувате само дневната соба или практикувате во скоро секоја соба од вашиот дом да има мал празничен детаљ?
- Најмногу дневната соба, но секако ќе има украси и во собата на Лана Марија затоа што навистина многу се радува.
* Дали со вашата ќеркичка Лана Марија пишувате писмо до Дедо Мраз (за да знаете што си посакала за Нова Година), или сами вие по ваш избор ѝ купувате подароци?
- Да, таа пишува писма до Дедо Мраз. Колку што знам едно такво писмо оставила и кај моите родители за да знаат баба и дедо што да ѝ купат.
* Подароците ги ставате под елка или ги криете на друго место до полноќ на 31.12?
- Би сакала да ги отвориме точно на полноќ, но мислам дека и јас и Лана Марија веќе ќе спиеме (се смее). Шегата на страна нема да издржи да не ги отвори, а и да ги скријам таа ќе ги најде.
* По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ, а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“. Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ? Некои обичаи кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...?
- Да, Божиќ е најрадосниот празник кај нас христијаните, денот кога Исус се родил. Така и ние дома го празнуваме со сите адети и обичаи како што налага нашата вера. Исто така со нетрпение го чекаме и денот пред Божиќ, Бадник. Генерално ваквите моменти се наследуваат од семејството, па така и ние.
* Што ќе им посакате на граѓаните за Нова година, вашата Новогодишна честитка до нив?
- Најпрво посакувам сите да сме живи и здрави. Сите ние имавме и имаме за жал се’ уште две тешки години кои се надевам наскоро ќе ги заборавиме. Да се потрудиме да бидеме подобра верзија од самите себеси и да го правиме тоа што не чини среќни и насмеани.
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива
Видео: Инстаграм - Милена Антовска Станковска