Ќе се снима филм за Тоше Проески: Издвоени 1.500.000 евра - ова се деталите
-Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа во 2007 година
-Започнува снимањето на филмот за неговиот живот во Македонија
Пејачот Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска, а филмот за неговиот живот наскоро ќе почне да се снима во Македонија.
Идејата е од МРТВ и копродукции од Македонија и од Балканот, а инспирација и иницијативата е дадена од премиерот Христијан Мицкоски.
Иницијативата е реализирана во соработка со Министерството за култура и Министерството за финансии, потенцира министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Како што истакна, средствата се обезбедени по експресна и брза постапка.
Тој во утринската програма на МТВ најави дека за снимањето на филмот за познатиот македонски пејач кој загина во сообраќајна несреќа во 2007 година ќе бидат издвоени 1.473.475 евра.
Ова ќе биде еден од најзначајните проекти што ќе го одбележи животот на најголемата современа македонска ѕвезда.
- Ќе се снима играна, документарна и ТВ серија посветена на нашиот Тоше Проески. Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, во копродукцијата ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот, а финансиски средства ќе се обезбедат од македонскиот буџет преку Министерството за дигитална трансформација - потврди тој.
Веста за неговата смрт го потресе целиот Балкан
Неговата колешка и блиска пријателка Елена Ристеска последна се слушнала со него пред да тргне на пат од кој никогаш не се врати.
Како што еднаш истакна за медиумите, била сигурна дека Тоше претчувствувал дека ќе се случи нешто лошо откако во нивниот последен разговор ѝ кажал зборови кои како да го навестуваат крајот.
- Се сакавме. Секогаш долго разговаравме за се, дури и ми се јави од Австралија. Зборувавме и таа кобна ноќ пред да заминеме за Хрватска, и се уште тврдам дека тој почувствувал дека нешто лошо ќе се случи. На крајот од разговорот ми рече дека ќе се видиме за неколку дена, но длабоко воздивна кога рече: „Ако дозволи Господ“ – рече еднаш Елена и продолжи:
- Во тој момент не ми беше чудно, додека следниот ден се разбудив и дознав дека починал. Кога мајка ми со неверување рече дека дошло до несреќа, знаев дека е вистина - изјавила и додала дека по неговата смрт не одржала ниту еден концерт без да отпее барем една негова песна.