Ќути си (трај си)...или можеби не!
Порано многу повеќе зборував од сега. Не дека некогаш сум била којзнае каква дрдорка (иако сум имала неколку проблесоци на ломотење до бесвест), ама со годиниве станувам се’ повеќе молчелива. Да не речам, табиетлија. Имав една другарка, постара од мене неколку години (ова беше пред околу 25 години, плус минус 2-3 години) која беше многу пребирлива за партнери. И кога велам пребирлива, не мислам на оние вообичаени нешта кои секој ги гледа како што се табиет, однос кон луѓето, ставови, верувања, визии итн. Тука мислам на гледање на ситници од типот дали знае да спари чорап со кондура или боја на шал со јакна. Лично, тоа отсекогаш ми било многу смешно и непрактично. Едноставно, некои луѓе немаат ниту имагинација, ниту интерес, ниту пак време и нерви да се занимаваат со ситници. Тоа би било како јас со накитот или шминкањето. И да, знам дека естетиката е една од работите на кои сите паѓаме (некој повеќе-некој помалку, некој за ова-некој за она), но да не бараме влакно во јајцето оти ако нешто си бараш, скоро секогаш си го наоѓаш...особено ако не ви е во прилог.
Другарка ми си имаше јасна слика каков треба да биде нејзиниот совршен партнер, за разлика од мене која на свои дваесет и кусур се’ уште не знаеше што сака да биде “кога ќе порасне”). И, еден ден конечно го најде принцот на бел коњ. Замазнет, дотеран, со некои фини манири и како со глазура озгора. Замислете скроз утнато тесто за крофни, ама глазурата е мазна, светкава и тооооолку примамлива. И сето тоа важи до првиот загриз, додека не изблуете се’ оти внатрешноста е скиселена. Така беше и приказнава. Замазнетиот и глазираниот беше на око супер, со извежбани фрази и глума која е достојна за во театар. После неколку состаноци кои се одвиваа во временски период од два месеци, другарка ми посака да не’ запознае еден со друг целосно воодушевена од ликот и делото на новиот дечко. И така, одам на кафе во она тениското под Водно (ви кажав дека приказнава е од времето на дедо Ное), спремна дека ќе го видам г-дин Совршен во сиот свој сјај. Седнуваме и откако помина официјалниот дел во кој разменуваме учтиви фрази, почнуваме муабет со другарка ми, оти дотичниот стана да се поздрави со еден пријател. Инаку, тука ми беше првиот аларм дека нешто не е во ред, оти не се ни обиде да ја запознае другарка ми со пријателот. Премолчив, си реков “Ано, ај жити се’ не биди цепидлака”. Моја грешка, признавам.
Да се разбереме за една работа. Можете да бидете најмолчеливи на свет, додека не сте во друштво со блиски особи пред кои немате тајни. И додека ние бевме запенети во муабет, седнува г-дин Совршен (ставете го слободно во наводници) и после неколку (претпоставувам дека за него биле долги) минути вели: вие две секогаш толку многу зборувате???
Опопопопопоп...чекај малку! Има непишани правила на однесување, џентлменско однесување. Има и непишано правило дека на жена никогаш не и’ се кажува дека зборува премногу. Башка, нашиот муабет не беше трачерски, туку другарка ми кажуваше за нешто што и’ се случило на работа, а јас потпрашував. Имам една лоша карактеристика, кога ќе се шокирам од нешто подзинувам и се ококорувам. Веројатно тоа е комично да се гледа, ама изразот на моето лице тогаш е вообичаено исполнет со ужас и она “не ми се верува!!!!!!!!”. Очигледно дека за г-дин Совршен не беше ѕвезда водилка мислата оти ”ќутењето е злато”, бидејќи после си разврза муабет за еден службен пат на кој бил и уште еден кој му претстоеше, па за кариерата која му беше во подем и сето тоа без пауза. Не е дека ние многу зборувавме, туку дека ТОЈ не зборуваше. И не само што сакаше да зборува, туку муабетот беше сведен на “ја волим само себе”. Отпосле се преиспитував дали можеби утнавме ние нешто, а тој бил во право. Не е дека го игнориравме и дека бевме непристојни. Не е дека се муабетеше нешто во што тој не можеше да се вклучи, оти не зборувавме за мене туку за другарка ми со која тој комуницираше интензивно (маратонските телефонски муабети на фиксен телефон беа причина за конфликти на другарка ми со брат и’-кој не можеше да се чуе со девојка му од нив).
Патем речено, има нешто дури и во изгледот на некои луѓе што е одбивно. Не е ова момент во кој се осврнувам на нечиј физички изглед, туку мислам дека е изразот на лицето и ставот. Тоа е оној надмен и полн со себе поглед, малку потсмешливо накривен агол на усните и еден став кој вреска со “јас сум најпаметниот во собава”. Емотивно засегната, другарка ми не сакаше да го види тоа. Не дека не можеше или не гледаше, туку не сакаше да види. Тоа ми стана јасно кога ме погледна после неговиот испад со недвосмислена молба “не зборувај ништо”. И не зборував, ниту уште тие половина час додека бев со нив на маса, ниту 6 месеци додека тие беа заедно во врска. Не зборував затоа што знаев дека знае и знаев дека и’ требаше да го мине тоа. Да, не е секогаш муабетот дека не сме свесни што си правиме сами на себе. Некогаш, едноставно имаме потреба да ја изживееме бајката во која колку и да сакаме да веруваме, сепак знаеме дека не е реалност. Ви текнува на чувството кога гледате романтични комедии за кои знаете дека е скоро невозможно да се случат во реалноста, ама ви е убаво дур ги гледате? Е, така некако. Епилогот беше следен. Врската траеше колку што траеше, а за тоа време другарка ми беше нешто што не е. Секако, само за да биде тој задоволен. Но, кога нема искреност во односот, нештата не траат долго. Сеедно дали е тоа интимен однос или пријателски, ако има глума има и рок на траење.
За неполна година, тој си најде друга жртва која ја стори по свој калап, се ожени за неа и се разведоа оти нејзе и’ пукна филмот (веројатно дека “многу зборувала” по негови стандарди, па ја заќутувал), а другарка ми го одболедува со две журки и исто толку пијанства. После си најде прекрасен човек кој сакаше да ја слуша и кој ден-денес ужива во нејзините приказни. Јас научив дека оној кој не ми ги почитува зборовите и пријателите, не е за мене. Исто, научив дека секогаш е подобро да бидете сами отколку со човек кој не ви одговара, оти самотијата е поголема ако сте во нељубов со некого. А и ми се потврди и дека не секогаш “принцот” е навистина принц и дека некогаш знае да биде “коњ на бел коњ”. Се’ уште мислам дека молкот е преубав, особено ако немате некому нешто убаво да кажете. Се’ уште мислам дека нема поубаво од тоа молкум да си го терате своето, без да барате одобрување или потврда дека сте постапиле исправно или дека сте ок како луѓе. Се’ уште мислам дека човек кој не ве слуша додека зборувате, нема никако да ве чуе кога ќе се обидете да му кажете нешто и со ќутенката. Се’ уште мислам дека вистинскиот партнер е оној кој ќе има сила, трпение и желба да ве слушне какви ви се мислите дури и тогаш кога денот му е хаос.
И да, мислам дека никој нема право да ве натера да се чувствувате дека сте напорни само затоа што егото му е поголемо од почитта кон вас. Се разбира, онаму каде што има преголемо его, нема љубов. Како и да е, знам дека кога ни се случуваат и убави и лоши работи имаме потреба да ги споделиме со најблиските и најсаканите. Ако немаат време или нерви да се тука, тогаш треба да се преиспитаме колку се блиски и колку вредат за да бидат сакани. Оти не е исто да кажете некому “ќути” и “ќути си, трај си”. Некогаш нијансите комплетно ја менуваат бојата. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Можам да замолчам
со истата длабочина
со која зборој ти везам
и да молчам дур од тишината
не почне во главата да ти татни
та да ти се чини
оти некој во умот ти ровари.
Можам да молчам
знам да молчам
онака како што некој дрдори со часови
недели и години уста не затвора.
Е, така можам да молчам,
драги мој,
да си ја сошијам устава со срмен конец
без ниет некојпат да ја отшијам
и да не почувствувам желба
некогаш дури и да ти шепнам нешто
да те потпрашам како си
и како врвиш
или, не дај Боже,
да ти раскажам нешто за мене.
Можам,
една од малкуте работи
кои беспрекорно ги можам,
е да молчам
и години да минат
а да не ми недостасува зборот
кој за тебе таксан бил.
Во тишина со тебе муабет ќе везам
и пак ќе сме блиски
или ќе се касаме ко кучиња за коска
и ќе се мириме ко мали деца
ама со молк.
Ете, и така можам, пиле,
можам да ти молчам
и повеќе тука да не сум
ниту за мака кога ќе имаш
ниту кога за дете
за тебе да се грижам
ниту срцево да ми прескокнува
ликот кога ќе ти го видам.
И можам сите врати пред тебе
со катанец да ги заклучам
и никојпат во мене да не се видиш
ни каков маж си
ниту каков си можел да бидиш
и глата да ја завртам
за себе во тебе да не се видам
оти она што во твојот поглед можам да го сетам
не е она што сакам и можам да бидам.
Можам да молчам,
можам да молчам
дур не заборавиш дека сум постоела
да молчам дур не замолчиш и ти пред мене
и да си ќутиме, пиле,
да си ќутиме фрлени на два краја од светот.
Туку
она што ме мачи и боли
со зборојте што ќе правиме
со оние кои сме си ги напишале
и како со конци еден за друг сме се врзале.
Нив, пиле...
нив како да ги закопаме?