КОЕ Е ЗНАЧЕЊЕТО НА МОЈ ТЕРМИН, КОГА МОЈОТ ТЕРМИН НЕ Е МОЈ: Три месеци да се дојде до специјалист, погрешни пораки до граѓани и уште...
Дали некогаш основните работи во македонското здравство ќе се средат, револтирано прашуваат граѓаните, кои едвај стигнуваат до лекар специјалист и тоа голем дел од нив само за да добијат мислење за продолжување на терапијата за нивната хронична болест. Други пак, кои се обратија до редакцијата на Фактор, велат дека секојдневно добиваат пораки од системот МојТермин за преледи кои никогаш не ги побарале. Револт изразуваат и матичните лекари кои на нивните пациенти не можат да им обезбедат термин, за акутно заболување, за кое мора веднаш мислење да даде лекар специјалист.
-Работата е дојдена дотаму, „никогаш да не ти затреба доктор“. Па тоа е вистинска голгота низ што се треба да се помине за 10-тина минути кај специјалистот кој треба само да напише „продолжување на терапијата“ за хроничното заболување. Повеќе од два месеци интернистката во координација со матичната лекарка се обидуваше да ми закаже термин. Во системот гледаа и едната и другата. Тоа се успеа некако. Дојде денот со закажаниот термин. Но, кое е значењето на МОЈ ТЕРМИН, кога мојот термин не е мој термин. Лекарот специјалист, конкретно на Клиниката за гастроентерохепатологија го чекавме најмалку 45 минути да дојде. Закажани пациенти од 9.00, лекарот го нема. Значи првиот пациент, го губи терминот, вториот пациент го губи терминот, третиот пациент го губи терминот.