Кога ќе си легнам, го сонувам Скопје: Фантастичен концерт на Андре Риу со „Македонско девојче“ на бис

Добивај вести на Viber

Светски познатиот холандски виолинист Андре Риу направи нешто повеќе од два часа да живееме во бајка, на синоќешниот концерт во ВИП Арената. Во Скопје одамна немало толку полна сала, толку културна публика, толку среќни лица во публиката.

„На ова дело, каде и да свириме во светот, луѓето стануваат и почнуваат да танцуваат“, рече Риу како најава за „Убавиот син Дунав“ од Штраус. И вистина, како на некој неформален бал, неколку двојки од публиката станаа и заиграа. Дел кој не се заборава е и кога целата публика стана еден голем хор и запеа, а Андре диригираше. 

Риу гордо со себе секаде го носи својот оркеатар, трите фантастични тенори и дамите сопрани од чија изведба на арии запира здивот. Шарматен и симпатично духовит, тој раскажа безброј приказни.

„Секоја вечер, пред да си легнам го имам истиот ритуал. Одам во својата хотелска соба, си ги облекувам пижамите, се покривам со ќебето и сонувам. Го сонувам Скопје“, беа дел од неговите приказни. Со радост, Риу раскажа за својот роден град Мастрихт од Холандија. На тамошниот Конзерваториум, го открил волшебниот глас на сопранот Дониј Ван Дорн, која сонувала за светска оперска кариера, а сонот ѝ се остварил. Сега целиот свет од кој сношти беше дел и Скопје, ја испраќа со овации по нејзиниот неверојатен настап. Во својот Мастрихт, го открил и уличните свирачи. Фасциниран од нив, ги поканил да му гостуваат на турнејата, што покажува за скромноста на овој голем уметник.

„Во животот, секогаш ќе имаме различни мислења. Европа или не Европа, Брегзит или не Брегзит, дали сакаме граници или не сакаме, една работа секогаш ќе го обединува човекот, а тоа е музиката“, рече виолинистот.

Најромантичен, истовремено и комичен дел од вечерта беше вештачкиот снег кој „заврна“ во публиката. Повеќето го прифатија со насмевка, а дел од дамите станаа од своите места за се избришат. 

Свечената атмосфера која владееше во текот на целата вечер, кулминираше на бисот, кога Риу и оркестарот ја свиреа „Македонско девојче“. Тој на крајот порача дека никогаш не се знае, можеби некогаш во животот повторно ќе се сретнеме. Според реакциите на публиката, тоа сигурно би требало да се случи во скоро време. 

Убавиот концерт го организираше „Пасворд продукција“. Зборовите на Риу, на македонски ги долови Ана Шутиноска, шармантната новинарка од „Антена 5“ радио.

Милица Џаровска