Кога слушнаа дека барам ракавици и шалови за децата во Турција погодени од земјотресот, без збор ми ги наполнија ќесите до горе: Хуман Скопјанец раскажа

Денеска со сопругата затворивме канцеларија и се упативме кон Скопската турска чаршија. Купувавме чизми, ќебиња и застанавме токму на оваа тезга, карши Зегин на Битпазар.

Вака ја почнува приказната која привлече внимание и која се шири вирално, извесен Фитим Бела од Скопје, на Фејсбук објавена во групата Стари Скопјани.

Фитим, како што раскажува во постот, ги прашал двајцата сограѓани продавачи на тезгата дали имаат капи, шалови и ракавици комплети за дечиња. Тие го прашале за која возраст и каква боја, а тој им одговорил дека му е за донација за Турција да испрати по катастрофалниот земјотрес.


„Таму има деца кои мрзнат на улица, овие двајца херои грабнаа по една кеса ги наполнија до горе, не гледаат колку и што ставаат, за разлика од газди во бутици што седат на топло, овие двајца херои цел ден се надвор на ветер и студ за парче леб, но срце планина“ - напиша Фитим.

Оваа приказна решивме да ја споделиме со вас, со цел да ве поттикнеме на хуманост. Хуманоста треба да нѐ следи секогаш, не само кога ќе се случат лоши катастрофи. Треба да бидеме луѓе, да помагаме според можностите во секој миг, зошто не знаеме никогаш што ни носи животот.

Пункт за донации има карши Слога чајџилница кај џамијата во Скопската чаршија.



И.С.