Комплицирано е! (ма немој)
Односите со луѓето знаат да бидат комплексни,
почнувајќи од оние по дома, па натаму. Ниту еден од нас не е идентичен со
останатите. Да, знаеме да се погодиме со некого во оние суштинските работи.
Имаме исти ставови за животот, љубовта, но она на што најчесто се фокусираме се
разликите. Е, тука настануваат проблемите. Пробувам да си замислам каков ќе ми
е животот со некој кој ќе е ист ко мене. Ужас! Сакам во другиот да го најдам
она што мене како личност ми недостасува, да имам баланс онаму каде што сама не
знам и не можам да го постигнам.
Сакам да сум со луѓе кои се отворени кон сите, кои се позитивни и кои знаат од мене да го извадат она најдоброто. Другарка ми Јоци знае да ми каже “Анино, оној што го вади лошото од тебе, не е за тебе”. И во право е. Не станува тука збор само за љубовен однос, туку за односи кои се меѓу пријатели. Дружбата со луѓето ми е прилично ограничена. Немам онолку време колку што би сакала да имам, па станувам избирлива со кого го поминувам времето и со кого делам се’. Оти оние кои ми се блиски ме знаат во секое светло. Ме виделе еуфорична, тажна, депресивна, изгубена. Тие биле тука кога љубовта кон себе ми стоела во некој ќош, стуткана и заборавена. Тие ме научиле да се гледам себе онака како што тие ме гледаат и да учам да се сакам секаква.
Оние кои можат да го извадат најлошото од мене ги одбегнувам. Сега, на овие години можам и да им ја намирисам енергијата и навреме да се тргнам. А не го можев тоа со години. Дозволував нечија токсичност да стане моја болест. Бев како сунѓер кој впиваше сечија лоша мисла и енергија. И тогаш им бев добра на сите. До моментот кога научив да кажувам НЕ!. И тоа онакво одлучно НЕ, кое не е со инает кажано, туку од душа. Кликот за да престанам да бидам вреќа за боксирање на нечие его, беше клик на моето будење. Станав побудна и многу пофокусирана. Почнав да пишувам поинаку, не знам дали подобро или полошо, ама поинаку. Станав посвесна за се’ околу себе, а најмногу за себе и она што ми се случува внатре. Е, тогаш станав комплицирана.
Комплицирани се сите оние кои не одат по задникот на другите. Комплицирани стануваат тогаш кога се вртат кон себе и своите потреби, затоа што веќе нема “изволте и малтретирај ме како ќе ти дојде”. Имам многу драга пријателка која беше роб на семејството. Ги решаваше сите нивни проблеми и меѓусебни препукувања, изигрувајќи тампон зона која беше злоупотребувана. Во моментот кога таа прекрасна жена рече СТОП и се сврте кон себе, стана комплицирана. Дури, беше и обвинувана дека не се грижи за семејството како порано. Бљак, бљак и бљак. Никој на светов побогу не е дојден за да биде плодно тло кое ќе ги впие туѓите проблеми и фрустрации.
Често гледам и социјалните мрежи како се става IT’S COMPLICATED во делот кој покажува со каков статус се луѓето во својот љубовен живот. Јас се извинувам, ама што е тука комплицирано?! Единствената компликација која ја гледам е онаа доколку едниот или двајцата се во односи или бракови кои не функционираат. Решение? Или е полесно да стои дека е комплицирано за да се предизвика внимание?
Нема комплициран однос. Има само однос во кој едниот или двајцата не се на чисто што сакаат од себе или еден од друг. Па знам луѓе кои биле во лоши бракови и кои кога си ја нашле сродната душа биле доволно доблесни да си го ослободат партнерот и да го живеат она што го сакаат без да лажат или да се лажат себе.
Комплицираноста е во нашите умови. Инаку, се’ е едноставно. Зошто уживаме во комплицирани работи? Порано мислев дека ако не е нешто комплицирано, не вреди да посветам време и внимание. Додека не сфатив дека најголеми бенефити има токму едноставноста. Дека да се живее едноставно, да се говори така е најголемата уметност во животот. Лесно е да се биде комплициран, да. Лесно е од се’ да се направи проблем. Оди и живеј едноставно да те видам. Да си толку отворен и чесен со себе и со сиот свет што дури и ќе мислат дека се фолираш.
Немам време. Не само што немам време, туку немам ни нерви, ни желба, а ни трпение да исправам и да се справувам со нечија комплицираност. Уште помалку да осудам некого да се справува со моите демони. Сакам се’ да ми биде упростено. Ама баш се’. И воопшто веќе не се навлекувам мазохистички на луѓе кои треба да ги оправам. А, не! Мене, со сите мои бљак страни и демони, никој не ме оправал, ниту сум барала. Сама сум се справувала со себе, сум го одбрала потешкиот пат за да можам полесно да живеам. Затоа, прагот на толеранција ми е сведен на минимум. Да, има луѓе на кои треба да им се помогне со разговор, со присуство. И не зборувам за нив. Зборувам за оние на кои најчесто во животот им е скоро се’ погодено, ама пусто модерно е да се зборува за комплицираност.
Познавам човек кој плука на сите тие блуеници и кој сака да се смее. Сака и умее и во најтешките ситуации да најде зрак светлина и да се фати за неа, да ја зграпчи со двете раце, да ја присвои и од неа да стори проблемите да изгледаат минимални. Познавам човек чиј живот Е комплициран, ама кој живее едноставно, полн љубов и добрина кон сите. Ете, таквите ми ја враќаат вербата во тоа дека има надеж за сите глумци и глумици кои не се тоа по професија, туку сакаат да глумат во реалниот живот.
И знаете што? Подалеку од мене, подалеку од моите драги луѓе кои знаат да извадат од себе насмевка и тогаш кога автомобилот ќе тргне по удолница.
Не се навлекувајте на немтури кои не ни знаат што е комплициран живот, туку само сакаат да бидат модерни и во тренд. Не се навкелувајте на непостоечки проблеми кои ви се сервирани колку само некој да си ја добие саканата порција внимание, за сметка на вашето време, мир и нерви. Не им давајте храна која ќе ја изблујат веднаш, оти таквите не сакаат мир. Тие уживаат кога прават проблеми...и на себе, а и вам. Чувајте се од таквите, за да си ја сочувате душата чиста и срцето здраво. Ве љубам, да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Таа знае кога е време да се разбуди
и рацете ширум да ги отвори
очите да ги избистри
светот во дланките да го зграпчи
боса да заигра
без грижа дали некој ја гледа
или потајно и’ се потсмева.
Таа знае
без никој да и’ каже
кога е време плеќите да ги свие
и во некое ќоше грбот да го навали
да ги пушти уздите
со кои животот си го држи
силно и цврсто како давеник
и во тебе засолниште да најде
за да се одмори.
Таа знае
кога на коленици да падне
и оздола милно да те гледа
со покорна насмевка да молчи
а сепак круната да си ја задржи
онаа која жена ја прави
која никој не може да ја згази.
Таа знае
знае точно кога да се исправи
и главата угоре да ја крене
со очи полни небо
и длабоко воздух да земе
за битката со себе што претстои.
Таа знае
таа толку добро и проклето знае
кога е време за да замине
без ниту еднаш да се заврти
и ниту еднаш во тебе да погледне
иако душата кај тебе ја остава
без во ниту еден миг да се покае.
Таа знае
како да се залечи
и како своја повторно да биде
дури и тогаш кога во нејзиното јас
твоето ти се прпела
и знае кога е време да те исплаче
а попатно и себе со тебе
без да моли
со очи суви како пустина
и зборови кои на хартија ќе ги истури.
Таа
таа знае се`
дури и тогаш кога не знае како без тебе.