Корона, оди бестрага: Пере од Нокаут на оригинален начин го испрати вирусот на концертот во Охрид
Пере од „Нокаут“ го испрати коронавирусот во бестрага, додека ја пееше култната “Во бестрага“, на концертот на бендот сношти во Античкиот театар во Охрид.
„Корона, оди бестрага“, рече тој додека публиката направи ѕвездено небо од светлата на телефоните. „Ајде да ве видам, сите три илјади луѓе“, се пошегува фронтменот на бендот мислејќи на намалениот капацитет на Антички поради пропишаните мерки за заштита за организирање на концерти. „Храбрите секогаш се враќаат на местото на злосторството. По осум години, повторно сме на Антички“, рече Пере.
Принудно намалениот број на луѓе направи убава, интимна атмосфера и добивме топол и емотивен концерт. Иако на дистанца, се почувствува близина помеѓу „Нокаут“ и публиката како на ниту еден концерт досега. Како да се кај Пере дома, фановите ги довикуваа насловите на омилените песни, а Пере како добар домаќин им ги исполнуваше желбите.
Музичката легенда Венко Серафимов беше специјален гостин на концертот. Убаво беше да се слушне „Лага и измама“ во изведба на Пере.
Генерации израснале и со „Илјада причини за крај“ која остана за на бис, „Леат дождови“, „Лебедот бел“, „Еј би си“, а доказ за тоа беа и цели семејства кои беа дојдени на концертот.
Од центарот за борбра против хепатитисот „Хепар“ од Битола, „Нокаут“ доби благодарница за константна помош, во рамките на одбележувањето на Светскиот ден за борба против хепатитот.
Концертот кој заврши со довикувања: „Ве сакаме“, „Ви благодариме“ и „Сакаме уште“ го организираше „Прагма продукција“.
М.Џаровска