„Козле“, нов Ковид-центар со капацитет од 70 легла
Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ станува ковид болница за возрасни. Одлуката е донесена вчера, по што веднаш се преземени мерки за реорганизација.
Уште во текот на вчерашниот ден, дел од хоспитализираните деца се префрлени на Клиниката за детски болести кои се уште мора да го продолжат болничкото лекување, додека дел од нив се испишани за домашно лекување. Само уште четири дечиња од болницата „Козле“ чекаат резултати од ковид-тестовите. Оние кои ќе бидат потврдени дека се позитивни, исто ќе останат на третман во Козле, а останатите ќе бидат пуштени дома.
-Тоа значи дека во Институтот за белодробни заболувања кај децата останува центар за дечиња кои се суспектни или позитивни на вирусот, и нивниот третман продолжува тука, вели за Фактор, директорот на болницата „Козле“, д-р. Ангелчо Андоновски.
Извори за Фактор велат дека во Институтот „Козле“ ќе бидат донесени 70 кревети за возрасни. Тие веќе од утринава се монтираат во одделите, а ќе се зајакне и персоналот со интернисти и пулмолози, бидејќи таму медицинскиот кадар е целосно составен од педијатри.
Сепак, како што појаснуваат, на Институтот за белодробни заболувања, ќе бидат хоспитализирани возрасни пациенти со Ковид-19, но со полесна и средно тешка клиничка слика, за кои нема потреба од респираторна поддршка, бидејќи немаат услови за тоа.
Очекуваат во текот на викендов да пристигнат претставници од Инфективната клиника, за да се направи план како сето тоа ќе функционира.
А.Б.