Крајот како нов почеток
Отсекогаш сум сакала краевите да ги доживувам како нови почетоци. Почнавме со дружбава на 01-ви Јануари, а ја завршуваме на 31-ви Декември. Не дека нема да продолжиме и следнава година, но еве, набрзина да се навратиме на се’ она за што сме се сложиле, а и за она за кое сме имале различни ставови и мислења.
Созревав покрај вас. Да, токму така. Ја имав таа чест и можност со пишувањево тука да се преиспитувам себе за многу работи и одлуки кои ги донесов или не ги донесов. Напати, си ја подвиткав опашката и си ги согледав грешките и среќна сум што имав шанса да одраснам некои животни ситуации.
Изгубив луѓе, некои и физички, некои ми се вратија во животов после одреден период кој им/ни бил потребен за да си ги средиме чувствата. Добив и неколку нови пријателства, кои ми значат и ме збогатија. Оваа година не напишав книга поезија, ама се втурнав во нови води кои ме облагородија, како што е пишувањето раскази за деца. Си дадов себе амин за да пробам да излезам од рамките кои сум си ги поставила. Ми бевте огледало, соговорници, ми одобрувавте, ме критикувавте, но за цело ова време ме сакавте (а според мене само тоа се брои).
Што научив годинава?
Дека не можеш да избегаш од себе, дури и тогаш кога ќе се затвориш за целиот свет.
Дека парата не вреди ништо ако немаш со кого да седнеш во кафеана и да пееш на цел глас.
Дека нема ништо повредно од здравјето, сопственото и на оние кои ги сакаш.
Дека родителите ми се најдобрите пријатели.
Дека насмевката на ќерка ми, нејзиното превртување со очи кога ќе треснам некоја зелена и издишувањето “со кого тоа го делам воздухот” е мојот мир.
Дека пубертетот на ќерка ми е голем испит за мене како родител.
Дека гласчето на ќерката на другарка ми кој вели “Те сакам појќе тетка Ана” е музика која ме исполнува.
Дека кога сакаш некого, нема сила која ќе го смени тоа.
Дека изговорите се најдобар начин за да се саботираш и да си несреќен.
Дека најубави се прегратките од оние кои ме застанале на сред улица и ми рекле “само да те гушнам еднаш”.
Дека давањето секогаш повеќе исполнува од земањето.
Дека радоста кога моите драги луѓе ќе доживеат успех е храна за душава.
Дека среќата се мери со мирен сон.
Дека секој од нас е тука за да го даде својот максимален придонес да го направи светот поубаво место за живеење.
Дека знам да плачам врз вашите пораки во кои сте ми ја дале вашата доверба.
Дека да си сам е избор кој воопшто не е патетичен.
Дека луѓето кои навидум се груби, имаат најубави души.
Дека оние кои веќе не се меѓу живите, ќе бидат секогаш тука додека се сеќавате на нив.
Дека не се каам за ниту една постапка со која сум си ги бранела идеалите.
Дека ја научив ќерка ми да молчи ако нема што убаво да каже некому.
Дека ја научив да се бори за она што го сака (некогаш и на моја штета).
Дека почит не се стекнува со наметнување авторитет, туку со давање слобода.
Дека.....
Едноставно, научив дека животот е дар. Дека е чудо кое треба да го негуваме и сакаме. Научив дека треба да си простам за сите неуспеси кои ги доживеав и дека ако се камшикувам, сигурно нема да сум среќна.
Сакам 2019 да биде поубава за сите нас. Да ве читам и да ви се радувам на се’ убаво што ќе ви се случува. Да бидеме порастеретени од политика, кавги и докажувања кој е попаметен. Сакам да зборуваме повеќе за убави нешта, да се смееме повеќе, да ни се смират превирањата во нас и на ова парче земја во кое живееме. Знам дека ќе речете дека сум идеалист, ама па....кој не верува во магија, нема ни да ја доживее, нели?
Сонувајте со отворени очи.
Поставете си цели и верувајте во себе.
Бидете растеретени од празни озборувања.
Ич да не ви е гајле ако некој ве критикува само колку да се ослободи од сопствената негативна енергија.
Застанете цврсто позади оние кои ги љубите и зад сето она во што верувате.
Поминувајте повеќе време со најблиските.
Смејте се, побогу!
Не оставајте дружби и убави моменти за некое друго време. Времето знае да биде подмолно.
Чувајте си ги и устата и душата неиспоганети.
Не се плашете од ништо! Стравот е првиот чекор кон неуспех.
Најдете повеќе време за реални лајкови, а не за оние виртуелните.
Помагајте колку можете на оние кои имале помалку среќа од вас во животот.
Дозволете си време да сте сами со себе и да резимирате.
Бидете нежни и кон себе и кон другите. Не се наплаќа за тоа.
Ви посакувам се’ што би посакала за себе, најблиските и за ќерка ми.
2019-биди нежна.
До следниот понеделнички муабет во новата 2019 година,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Алтан зборот да ти е
Ко ламба во ноќ да свети
Ко стомна вода за жеден чоек да биди
Ко корка леб во рака на сирак
Ко мирен сон за грешник
Уста ко ќе отвориш мед да потече
Ама пусто за така
За така да биди треба душата чиста да ти е
Ко бистра вода во планина
Ко небо без облаци
Ко снага на мома лична
Ко дете на мајчини гради
Душата да не ти се испогани
Со лоша мисла да не ја храниш
Со завист да не ја поиш
Да ја чуваш ко азно под перница
И одвреме навреме да ја забришуваш
Таму кај шо се заматила да ја светниш
Кај шо лошотилак капнал
Таму пиле да ја замиеш
За да не ми ти го нагризи срцето
Оти најбрзо чоек заборава кој е
Ако душата некаде по пат си ја остави
И не клај некој знак за да се врати по неа
Та после
После години ко ќе минат џабе е
И да ја сретниш пак си заборавил оти твоја била
А и да ја одминеш можеш
Оти ѓаолот веќе си ја зел и по свое ја скроил
Алтан да ти е зборот
Со него да лечиш
Со него љубов да даваш
Некому надеж
Некому љубов
Некому утеха
Ама никому бол да не нанесиш
Оти чоек колку и силен да се прај
Ниту телото
Ниту душата од камен му се
И на дикат си клава
Од умот после на срцето му тежи
Дур еден ден телото не му оболи
Дур болести не го изгризат однатре
Да ми го паметиш ова
Дека зборот знае сабја да биди
Да исечи онаму кај шо нож не можи
Да искини во чоека се’
Ко од хартија да сме сторени
Така можи зборот да те скини
Така можиш некого со збор да скиниш
И не џабе се рекло
Оти зборот треба алтан да ти биди
Поарно премолчи
Поарно на само изнапцуј се
Викај и лути се
Оти еднаш кажан да го голтниш не можиш
Ниту назад да го вратиш
И тебе ќе те боли
Не само оној за кого бил наменет
И тебе на душа ќе ти тежи
И умот таму ќе ти биди
Умен да е чоек
Умни да сме и да знајме во себе СТОП да речиме
Да го замрзниме зборот пред од нас да излези
Оти тој алтан треба да е
И ништо помалку од иљач
Ништо помалку од љубов
Ништо помалку од живот