Кралицата на супермоделите прошета на пистата и сите занемеа: Продефилираа и Ким и Никол Кидман, сите во чевли копита во кои едвај може да се оди
Што би можело да ги спои Наоми Кембел, Никол Кидман, Ким
Кардашијан, Дуа Липа и Бела Хадид на едно место? Станува збор за спектакуларно
шоу на брендот Balenciaga, со кој сите тие со задоволство соработуваат, а овој
пат прошетаа и на пистата во име на љубовта кон естетиката што ја пропагира
оваа модна куќа!
Имено, на ревијата на Баленсијага во рамки на Париската модна недела, дефинитивно главни ѕвезди беа споменатите дами, од кои секоја носеше дел од прилично ексцентричните, но секако впечатливи и луксузни парчиња од новата колекција.
Наоми Кембел, супермодел-ветеран, излезе на пистата во драматичен, црн фустан инспириран од моделите од 15 и 16 век за време на владеењето на династијата Тудорс во Англија.
Друг професионалец на пистата беше младата Бела Хадид, најбараната манекенка на денешницата, која блескаше во фустан кој наликува на дива од златното доба на Холивуд. Зелен сатен, романтичен лак и црни, елегантни ракавици преку лактите - ова издание воодушевува!
Ким Кардашијан е позната како муза на овој бренд, па дизајнерите немаа проблем да ја најдат совршената креација за неа - таа претстави црн, тесен фустан од ликра со набори и необично деколте, но и познатите чорапи-чизми кои старлетата едноставно ги обожава! Феноменално се снајде на пистата, годините на позирање очигледно вродија со плод!
Никол Кидман изгледаше доста футуристички, но во исто време женствено во помпезен фустан од шушкав сребрен материјал, кој беше комплетиран со црни ракавици. Таа, исто како и сите други дами, носеше по малку необични, црни салонки во кои не е така лесно да се влезе или барем така изгледа.
На крајот на се‘, оваа петорка ја заокружи младата пејачка Дуа Липа, која се појави во краток, жолт фустан со огромен шлеп.
Што мислите - која од познатите убавици беше најдобра?