(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КУКЛИЦА) Убавините на Македонија: Куклите скаменети од неостварена љубов, станаа туристичка атракција
Женски Магазин започнува нов серијал „Убавините на Македонија“, со фото-репортажи од прекрасните места што ги има нашата земја
Неостварената љубов на една невеста ги скаменила сите жители на Долно и на Горно маало во селото Куклица, Кратовско, според легендата која сѐ уште се раскажува. Денес, на тоа место стојат камените кукли, во кои доминираат токму фигурите на невестата и на младоженецот.
Со приказната и фотогалеријата за селото Куклица, екипата на Женски магазин го започнува серијалот Убавините на Македонија. Оваа фасцинантна глетка на камените кукли што личат на пирамиди и на човечки фигури, ќе ве пречека на осум километри северозападно од Кратово.
Легендата за настанувањето на куклите ни ја раскажаа нашите домаќини од здружението „Извор“, кое постои од 2002 година. Нивната програма ги опфаќа заштитата и унапредувањето на животната средина, одржливо искористување и зачувување на нашето природно и културно наследство, подобрување на социо-економската положба на населението од регионот и развој на еколошко – културниот и рурален туризам.
„ Некогаш многу одамна едно момче од селото, не можејќи да се одлучи која девојка да си ја земе за жена, дали онаа од Горно маало или онаа од Долно маало, им закажал сваба на двете девојки во ист ден. Девојката од Горно маало чекајќи го свршеникот да дојде по неа ги слушнала звуците на тапаните, гајдите и зурлите во Долно маало и била љубопитна да дознае кој се весели и зошто. Кога девојката разбрала дека нејзиниот свршеник е со друга невеста, скршена од тага и од болка проколнала со зборовите: „Да даде Господ да се скаменат сите свадбари во Долно маало, но и јас исто така“. Во тој момент, Господ ја уважил нејзината клетва, се скамениле младоженците, сите гости и сватови во Долно маало, но исто така се скаменила и несудената невеста од Горно маало “, вели легендата.
Локалитетот на кој припаѓаат овие необични облици е сместен во познатата Кратовско Злетовска вулканска област. Изградена е од вулкански туфови, дацити, андезити, игнимбрити и друг вулкански пирокластичен материјал. Парчињата од вулкански карпи се изградени се од повеќе или помалку од свежи андезити, дацити и постари метаморфни карпи. Вулканските туфови се прилепени со андезитска лава која подоцна има големо значење при процесот на образување на овие фигури. Големината на фрагментите варира од неколку милиметри до 20 сантиметри.
„Атрактивната форма на „куклите„, настанала со помош на ерозија на атмосферилии (сонце, дожд, мраз, град, ветер) и други атмосферски влијанија. Карпите во кои се образуваат се многу стари, околу 25 милиони години. Нивното образување трае и денес, а ќе трае уште многу стотици илјади години ако човечкиот фактор не ги промени природните услови во кои се среќаваат“, додаваат од „Извор“.
За овој наш природен феномен, пред осум години, направи репортажа чешкиот онлајн магазин idnes.cz.
„Таков редок природен геолошки споменик не можете да видите кај нас. Камените фигури се високи над 10 метри. За нив научниците сметаат дека се создадени пред 10 милиони години“, вели чешката репортажа.
Текстот завршува со ефектни зборови дека Македонија е вистинска ветена земја, и со отворена покана да ја посетат оние кои сакаат да патуваат.
Фотографиите и дел од магијата на Куклица за која се надеваме дека барем малку ви ја пренесовме во нив, можеби ќе бидат вашата инспирација за следната прошетка или излет.
М. Џаровска
Фото: Вангел Тануровски