Леб без месење: Во време кога пекарите им свртеа грб на граѓаните, ние ви нудиме решение (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Пекарите ја остварија својата закана. Денеска утрово на рафтовите има само од старите залихи на леб, и тоа од специјалните видови.

Како што е познато, Владата на вчерашната седница одлучи да не попушти под заканите на пекарите и ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

Според пресметките на Владата, дел од поскапувањата се неоправдани, а како аргумент плус го наведоа и тоа што ист леб се продава по драстично различни цени низ земјава – од 28 до над 45 денари. Освен замрзнувањето на цената на лебот, Владата ја укина и субвенционираната струја за прехранбената индустрија.

Вработените во некои од скопските продавници велат дека утрово биле известени од фурните кои редовно им носат леб, дека нема да има достава ниту денес, ниту утре, а во петок евентуално ќе има специјални видови на леб.

Дел од маркетите велат дека пекарите ги известиле дека денес нема да им достават леб и тие ќе ги продаваат старите залихи.

За да не останат граѓаните без леб, ви го пренесуваме рецептот за домашен леб без месење од Мартина, кој се прави за 5 минути.


За подготовка на овој леб без месење потребни ви се следниве намирници:

-300 мл вода

-450-500 гр брашно

-1/2 коцка свеж квасец или 10 гр сув квасец 

-10 мл оцет

-20 мл масло

-1 лажичка сол

-1 лажичка шеќер


Начин на подготовка: 
Измешајте ги сите течни состојки. Додадете ги сите суви намирници.
Тестото измешајте го само со лажица и во никој случај не го фаќајте со раце.
Убаво измешајте го, покријте го со крпа и оставете го 60-80 минути да се нарасне.
Насраснатото тесто префрлете го врз набрашнета површина и кратко само оформете го, па префрлете го во плех на хартија за печење. Оставете го да нарасне уште 30 минути.

Печете го лебот во загреана рерна на 200 С, 20 минути, па оставете го во исклучена рерна уште 20 мин. Оставете го целосно да се излади, па послужете.

Ќе уживате колку е мек и превкусен.

Бон апетит!



Фото и Видео: Инстаграм -  martinascookingg

Нејзиниот рецепт го видоа 8 милиони: Македонката Мартина за успехот и почетоците на блогот за храна