Нејзиниот рецепт го видоа 8 милиони: Македонката Мартина за успехот и почетоците на блогот за храна

Добивај вести на Viber

Денес на Интернет, особено на Инстаграм може да се најдат безброј профили за подготовка на храна. Некои се специјализирани за здрава храна, за вегани или вегетаријанци, но најинтересните, оригиналните и впечатливите секогаш се одвојуваат од другите. Таков е профилот на Мартина која како што ни откри започнала сосема спонтано, а денес има над 65.000 следбеници.

„Martina's cooking профилот постои скоро 2 години и уште од самиот старт и првата објава е профил само за рецепти и нивна подготовка.

Профилот започна сосема спонтано, без намера да биде некој голем блог за храна и слично. Од секогаш сум уживала во фотографирање на сè она што го готвам, па ова беше само едно мало катче каде само сакав да ги зачувам сите фотографии и рецепти. 

Кога профилот почна толку многу да се шири се роди и идејата и желбата за апликација за рецепти која излезе пред околу 1 месец и е прва апликација за храна на македонски јазик“, вака ја започна својата приказна за Женски магазин, Мартина Трајаноска, која има 22 години. Таа потекнува од јужната и сончева Гевгелија, поточно од местото кое е познато по топлите бањи, Негорци, но во моментов студира и живее во Скопје.

Таа за себе вели дека отсекогаш сакала да фотографира, особено она кое го готви и создава. А деновиве не може да ги замисли без снимање на рецепти за Инстаграм и за апликацијата.


Трајаноска подготвува скоро сè, од лесни до комплицирани и потешки за подготовка рецепти, па ни откри од каде црпи инспирација за истите.

„Инспирација црпам од сè околу мене. Инспирација најпрво ми се сите инста пријатели кои секојдневно ме следат и постојано комуницираме. Најчесто знам да се инспирирам да направам нешто од состојките што ги имам дома, инспирација може да се најде и на Интернет, но и во тетратките со рецепти на мама и баба“.  

А љубовта за готвењето ја наследила од најдрагите жени во нејзиниот живот.

„Готвам од многу мала. Секогаш сум се врткала во кујна со моите и ми било интересно и јас да сум вмешана во процесот. Со тек на време кога моите не беа дома знаев сама да пробувам да направам нешто, па само по себе си дојде и блогот на Инстаграм. Со искуството во кујна секако дека се надоградуваат и вештините, но желбата и љубовта во готвењето се најбитни од сè“.

Најчесто се инспирирам од состојките што ги имам дома, но и од тетратките со рецепти на мама и баба

Мартина, особено се прослави летово, бидејќи нејзиниот рецепт за „ледено какао“ стана еден од најсподелуваните и најподготвуваните ова лето, со над 8 милиони прегледи.


Оваа млада и успешна дама не би била овде, ако не е нејзината поддршка, нејзиното семејство, нејзиното момче и најблиските другарки кои како што вели таа, се секогаш тука за неа и е многу среќна што ги има.

* Омилен ваш рецепт?

- Омилено нешто што сакам да готвам е пилешко во некој сос со зеленчук и ориз, но секој ден можам да јадам пица и лава колач. 

* Која е ваша омилен кујна?

- Обожавам наша македонска, а и турска храна, но мексиканската може да кажам дека ми е омилена со сите зеленчуци, мешунки, зачини и сосови.

* Кој беше првиот рецепт што го направивите?

- Први рецепти кои сум ги направила се сукана пита со сирење, мусака и чоколадна торта. А прв рецепт кој го имав објавено на Инстаграм беа американски палачинки.

Мартина вели дека секојдневно е во комуникација со голем дел од нејзините, како што ги нарече Инста пријатели и додаде: „Верувам дека на сите што се некое време на мојот профил веќе им е јасно дека слободно, во секое време, може да ми пишат или да ме побараат доколку им треба помош. Секако многу пати се случило и некој да побара некој одреден рецепт кој претходно не сум го објавила, па да го снимам“. 


А што е потребно според неа, еден профил да биде различен од другите да го има за да се издвојува од останатите таа вели:

„Многу ми е мило и баш се радувам што има сè повеќе профили за готвење. Мислам дека најбитно нешто за да се остане на Инстаграм и за да се издвоите од другите е да бидете свои. Секако дека има милиони рецепти кои се такви какви што се и сите ги правиме по иста или слична рецептура, но додадете нешто свое, фотографирајте или снимајте на свој начин. Мојот профил мислам дека е препознатлив по едноставноста. Едноставни состојки, едноставна постапка, лесно достапно и лесно за правење“. 


* Планирате ли отварање на свој ресторан во иднина?

- Се надевам дека во иднина би имала можност за свој ресторан или lunch бар, или пак некое слатко местенце за колачи и десерти.

* Што прави во слободно време Мартина?

- Мартина во слободно време повторно работи (се смее)... Моментално по излегување на апликацијата за симнување постојано работам на нови идеи, рецепти, снимање видеа, постојано надоградување и подобрување. Сакам да биде интересно, корисно и лесно достапно за сите. 


Наталија Миланова

Фото: Инстаграм - Мартина