Љуби го ближниот свој.. како себе што се љубиш
Смачено ми е од политика. Смачено ми е што најубавите години од животот ги изврвевме во стрес и нервози. Смачено ми е од сите што се прават паметни за сметка на оние кои не сакаат да се експонираат. Па ако сакате да знаете...и од себе ми е смачено.
Секој има право на свое мислење, но на овие простори тоа важи само до моментот кога туѓото мислење ќе биде истакнато јавно. Молчев периодот. Молчев затоа што ми се смачи да ги бранам и правдам ставовите кои ги имам. Молчев затоа што како стареам станувам поемотивна и сѐ ми се лепи на душава. Затоа што се отрув/ме без да видиме дека животот минува покрај нас. Излегов и гласав. Го одбрав она што е согласно моите убедувања. И никому не должам објаснување, ниту барам.
Почнав така да се однесувам со луѓето. Не сакам да ми објаснуваат. Ако се разбереме без драми, одлично. Тоа е ТОА. Тоа е оној клик кој создава или големи пријателства или големи љубови. Кога треба да туркаш нешто, налет. Немам повеќе ниту време ниту пак сила да се туркам на раце и да се докажувам. Ме фати умор. Ако треба да одберам како ќе го минам времето, тогаш одбирам самотија наместо тргни-застани. И ова не е само за љубов, не ме разбирајте погрешно. Мудроста да се направи селекција во животот е најскапоцениот дар. Способноста да се оттргне она што е канцерогено за нашите мисли и чувства нема цена. Колку пати ви се случило да почувствувате леснотија кога ќе се тргнете или кога кога ќе тргнете одредени особи? Но, не на сила, туку да созрее тоа чувство на оставање таквите личности зад себе, како да сте ги познавале во некој дамнешен живот.
Има луѓе за кои сум била спремна во ниедно време на денот и ноќта да станам од сон и без прашање да сум покрај нив. За дел од нив уште ми тлее тоа чувство. Тоа се оние со кои сум своја, каква и да сум и што и да значи тоа. Тоа се оние кои не ми фаќаат кусур и со кои можам да си дозволам слобода. Имало и такви кои ми го свртеле грбот, кога ми требале и кога не сум знаела што со себе.
Отпрво, шокот и неверувањето се огромни. Потем, чувството на бес и неправда дека некој си дозволил така да ве искористи. Па тагата дека и покрај сѐ губите некого како човек, додека не настапи моментот на блажен мир.
Едноставно, мир! И за кратко време тие цицачи на енергија како никогаш и да не постоеле. Е сега, зависи и колку сте спремни да учите од сопствените грешки. Јас, на пример, додека не ги повторам едно 20-тина пати (колку да сум сигурна дека се грешки де), не научувам ништо. Дали е наивност или оглупавувам, немам поим. Ама еве признавам дека на ниту една грешка до сега од прва не сум се опаметила. Дека ако децата при првиот допир со жешката рингла го заобиколуваат шпоретот, јас би била од оние кои помини-замини, оп, рачето на џиш. И не еднаш се имам прашано зошто упорно ги правам истите грешки!
Ми требале години за да си го исчистам животот од некои луѓе кои ме затруле. И сум им се враќала. Повторно ќе речам, не го врзувајте ова само со љубовен живот. И сфатив дека проблемот бил во мене. Да, токму така. Во мене. Во она дека сум научила да не се откажувам додека не ги исцрпам сите можности и шанси.
А што е тоа „сите“?
Кои се сите можности и шанси?
До каде може и треба да оди човек во компромисите со себе за да ги задоволи другите?
Сите имаме различни критериуми за можности и шанси. Оној кому му ги давате, сигурно и после 100-тиот пат не мисли дека претерал. Ова ми се случувало и мене, кога сум претерувала. А сум го искусила и од другата страна. До каде да се оди за да не се загази во води од кои нема назад? Оти не е проблемот во давањето шанси некому, туку што станува со самопочитта секој пат кога другиот бескрупулозно ќе ја упропасти (некогаш многу ми се пишува жаргонски, па да употребам и други изрази...ќе треба да преговарам со уредниците J) дадената шанса. Ми се случило да загазам толку длабоко во тој вртлог, што на крај повеќе бев лута на себе отколку на другиот.
Табиетлии сме. Сите од прв до последен. И терсене. Со свои мисли, убедувања, стравови. И сѐ повеќе самуваме. Велат дека човек кога ќе научи сам со себе, тогаш ќе знае со сите. И можеби е тоа така, доколку самотијата е сопствен избор, а не предизвикана од низа околности, за потем да се навикнеме на неа како неминовен дел од нашиот живот. Годините си минуваат, на крај повторно се сведува на тоа дека квалитетот на проживеаното не е колку сме спечалиле (оти нема со нас да го носиме в гроб), или колку сме биле познати и славни (оти и тоа е релативна работа), ниту колку сме биле убави (да не почнам сега со морбидни муабети), туку колку ќе нѐ спомнуваат во заеднички случки и колку нашето име ќе предизвика некому насмев на усните. Колку нашите деца ќе можат јасно и гласно да ни ги изговорат имињата без да гледаат во земја.
Бирајте луѓе пред кои нема да се чувствувате дека треба да давате сметки за секој ваш чекор.
Бирајте луѓе кои во она што ќе го кажете или направите, нема да гледаат од негативната страна.
Бирајте луѓе за кои ќе ве боли срцето ако и помислите дека би останале без нив.
Бирајте луѓе за кои знаете дека кога и да ги побарате, нема ниту да прашаат зошто, туку каде сте за да дојдат поскоро.
Бирајте луѓе кои нема да ги интересира вашиот статус во општеството ниту каков автомобил возите.
Бирајте луѓе...толку.
И за крај...бидете луѓе. Токму онакви какви што би одбрале да бидат покрај вас.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Купи ден-помини
Како вчера да не постои
А утре нема да осамни
Ете, само денес да се изврви
Купи го денов, токму овој
За една рака ситни пари
Кои ти стојат во преградата до воланот
Дур бесцелно се возиш низ градот кој го знаеш
А одамна не го познаваш
Купи ден
Купи и за мене (е)ден
Иако знам дека ќе ме чини повеќе од оној претходно
Со плитко и забрзано дишење
Како да не можам да се изнаголтам воздух
За сите ситни парички кои ги стискам во раката
Купи ден
И помини го
Стани изутрина
Одлепи го телото од сопствената сенка
Натопи ја во када со топла вода
И стави ја на закачалка да се суши
За да не се згужва премногу
Остави ја дома
Нека одмори малку
И онака на сонцето ги има премногу
А твојата чувствителна е кога ја газат
Купи ден
И имај храброст да го поминеш
Да зборуваш како навиен
А да не паметиш што си кажал
Да се смееш на шеги кои не ги слушаш
А кои се стари и изветвени
Да пикаш храна во стомакот
Само затоа што цревата ти завиваат како пес во зима
И да пиеш 3 литри вода (во три шишиња од по 1 литар)
Затоа што докторот во една емисија така рекол
Купи го проклетиов ден
И помини го
А можеби еден ден ќе имаме и двајцата храброст
Сите парички да ги фрлиме низ ветар
И да видиме дали нов ден ќе дојде
Без да го броиме кусурот од нечија испотена дланка
И без да се пазариме со сами себе
За да одживееме уште еден празен ден
Оти нема азно кое мирот ќе ти го купи
И насмевката ќе ти ја врати
А најмалку да ти донесе ден
Од оние убавите во кој наместо железни парички
Мојата рака ќе ја држиш
Купи ден...ден за слобода