Љубица Бубе Димовска: Човек учи да се грижи малку повеќе за себе како идат годините
Работниот ден го започнува во 05:30, додека за време на викендите кафето и е посебна приказна, во кое ужива покрај најблиските, вели специјалниот едукатор, рехабилитатор и дефектолог, Љубица Бубе Димовска.
- Од понеделник до петок, денот ми започнува во 5.30, рутински и организирано за да се подготвиме и излеземе од дома за работа и училиште на време. Не сакам трчаници, доцнење, затоа кафето не го пијам дома, туку на работа, со моите драги колешки, пред да ни почнат обврските. За викенди, првото кафе ми е посебна приказна. Го пијам со моите најмили, лежерно, без брзање. И сеедно е дали молчиме, разговараме, се смееме, тоа кафе ми е од посебно значење.
Кафето за мене има посебно значење. Не сум зависна од кофеинот како состојка, туку го обожувам ритуалот на пиење кафе. Ова го имам наследено од моите родители, кои беа страствени конзументи на кафе, многу шетаа и имаа направено фотографии од секоја дестинација која ја посетиле со шољи кафе пред нив.
Ми се допадна тоа и решив и јас кога ќе пораснам ќе правам кафе-спомени на местата кои ќе ги посетувам. Една од најголемите желби ми беше да испијам еспресо на Плоштадот Свети Марко во Венеција, заради култната сцена од филмот Moonraker кога James Bond (Roger Moore) влетува во плоштадот со гондола. На мое големо разочарување, столиците и масите беа во очајна состојба, цели покриени со измет од гулаби.... за цената на кафето не сакам да дискутирам, зашто бев спремна да си го платам тоа задоволство. Ми се распрсна желбата како меур од сапуница. Иако бев многу млада, од тогаш ми стана јасно дека ми е поважно со кого го пијам кафето, а не каде, заради самиот ритуал и го практикувам само со драги луѓе. Во пиењето кафе има приказна, размена на мисли и енергија, дури и кога се пие со молчење, ако си со вистинската личност. И не е важно дали е во некој локал, во “ќумбенце“ кај другарка ми, во чаршија, во некое мало градче, на некое шеталиште... Но ако треба да издвојам едно посебно место за пиење кафе, тоа е мојот двор - мојот рај. Сакам да го послужам во убави филџани, на послужавник, често со некое благо кое сум го направила.
Најубави ми се кафињата со татко ми летно време кога децата се на распуст и имам повеќе време пред да излезам на работа. Тато ме чека со кафе во двор и денот може да почне. Сега и ќерките ми се пораснати, па имаме и наш ритуал на кафе пиење - бесценето. Посебна приказна е кафето на тераса кај моја Еленка, проследено со длабоки разговори. Самиот ритуал на кафе пиење прави убава врска меѓу луѓето. Научуваш кој какво кафе сака да пие, без шеќер, со едно лажиче шеќер, еспресо во мала шоља ама до горе итн. Се трудиш да му го погодиш, внесуваш дел од себе во тој процес... Ова е мојот бенефит од кафето, самиот ритуал ме прави среќна.
За тоа какво кафе е перфектно според нејзин вкус, Бубе вели: „Турско без шеќер и нес кафе со една лажичка кафе, една шеќер, пола шоља вода, пола млеко. Или како што милува една моја драга личност да каже, Ти Бубе пиеш милк шејк од кафе“.
Дефектологот кој секој ден е во контакт со деца истакнува дека лична нејзина мотивација се среќни приказни - независно дали се нејзини или на некој друг.
Таа работи со дечиња и открива дека обврските ѝ се слатки и мили, но зависно деновите може да бидат исцрпувачки или да ја наполнат со позитивна енергија.
- Од понеделник до петок сум доста ангажирана и мора да имам добар план за да постигнам се‘. Работам со деца, па обврските ми се слатки, мили и истовремено и ме исцрпуваат и ме полнат со позитивна енергија. Викендите ми се посебно убави, опуштени, а плановите се да го поминам секој миг со моите најмили, без оглед каде сме и што правиме.
Работните денови немаат крај, а кога конечно ќе завршат се наоѓам себеси заспана пред телевизор. Вечерите за време на викенди ги поминувам со една посебна личност, во долги прошетки, убави разговори, пријатни молчења и секако, пиење кафе.
Димовска, важи за голем љубител на книги, но сака и филмови посебно трилери, хорор, научна фантастика.
* Со која убава мисла го почнувате денот... или го завршувате?
- Убави мисли најчесто ми текнуваат во текот на денот и се поврзани со некои моменти, настани, личности... Често ги споделувам на социјалните мрежи, во момент на инспирација. И не е нужно да се мое лично искуство или доживување, едноставно во тој момент тоа ми се допаѓа (или не) и ми ја развива мислата. Почетокот и крајот на денот гледам да се ослободам од мисли кои ми ја црпат енергијата. Човек учи да се грижи малку повеќе за себе како идат годините...Н.М.