Љубица Јаневска - Ивановска: Празниците се радост за срцето, а бескрајна тага за душата – болката ми ја разбираат тие што загубиле блиска личност
Велигденските
празници се деновите кога се придржува до семејната традиција. Бојадисува јајца во четврток, заедно со својата ќерка
Нела. Обожава да готви, а на празничната трпеза има јадења што ги приготвувале нејзините баба и мајка.
За Љубица Јаневска - Ивановска, водителка на Канал 5 телевизија, празниците се момент за најблиските, за тие што ги сакаш, да уживаш во сè она што го нуди мигот. Од друга страна, празниците се момент на вистината - дека тие што ги нема никогаш нема да се вратат.
Велигденските празници нé оттргнуваат од секојдневието, а со тоа се создава можност да се запрашаме каде сме, каде грешевме, за да ни биде подобро. Практикуваш ли да се анализираш себеси?
- Постојано се анализирам. И хороскопскиот знак ми е таков што постојано барам совршенство во сè. Знам дека тоа е претерано, но некогаш, односно почесто е посилно од мене. Решив да го сменам тоа. Последнава година особено се посветив на себеспознавање, работам многу на себе, сакам да станам подобра личност, подобар партнер. Сакам да се разбирам со луѓето многу повеќе и полесно. Сметам дека на тој начин многу повеќе ќе придонесам, прво за мојата, а потоа за среќата на тие околу мене. Празниците се момент за најблиските, за тие што ги сакаш, да уживаш во сè она што го нуди мигот. Од друга страна, празниците се момент на вистината, дека тие што ги нема никогаш нема да се вратат. Празниците од една страна се радост за срцето, а бескрајна тага за душата, особено ќе ме разберат сите оние што загубиле некој близок. За Велигден, Божик, родендени, најмногу недостигаат.
Кога ќе се оди до длабочината на душата, се среќаваме со многу спомени. Која случка ја обоиле со среќа, а која со голема тага?
- Има ли поголема среќа за жената кога ќе дари живот и ќе стане мајка и има ли поголема тага за едно дете, без оглед на возраста, кога ќе остане без својата мајка. На едното се радуваш во секој момент од денот, ти доаѓа како лек на секоја грижа, на секоја нервоза, секоја тага и болка. Те прави посилен, похрабар, поиздржлив. Другото ти недостига бескрајно во секој момент од животот, и во радост и во тага, и во среќа и во болка, и на празник и на делник. Понекогаш се прашувам, каква е таа сила во секој од нас да може да живее со болката и тагата носејќи ги насекаде со себе, живеејќи ги секој ден. Но, ако Исус ја победил смртта, тогаш тоа ни дава надеж дека ние можеме да го победиме секое зло, да се издигнеме после секоја тага и болка. Треба да веруваме во себе. Неминовни се тагата и среќата, радоста и болката. Едноставно, учиме да живееме со сè.
РАСТЕВ ВО МУЛТИЕТНИЧКА СРЕДИНА, ПОДАВАЊЕТО ВАПЦАНИ ЈАЈЦА НА СОСЕДИТЕ БЕШЕ НЕШТО ПОСЕБНО
Кои се спомените од детството врзани за Велигденските празници?
- Бојaдисани јајца, целото семејство на едно место, баба ми која потскокнуваше меѓу своите деца и внуци. Тоа беа едни други времиња кога не се користеше празникот за патување некаде надвор и терање викенди. Како деца едвај чекавме да дојде Велигден. Семејното собирање и велигденската трпеза беа многу важни за секој од нас, од најмал до најстар. Уживавме во таа семејна радост, јадењата карактеристични за Велигден, насмевките на сите. Можеби сум била мала и не сум знаела да забележам, но не паметам дека имало грижа на лицата на никој во семејството на тие семејни велигденски дружби. Ние како деца сме биле најсреќни, чие јајце ќе биде најцврсто, кој ќе се покаже најмногу. Бидејќи растев во мултиетничка средина, подавањето вапцани јајца на соседите било нешто посебно. Уживав да им го гледам восхитот кога ќе им дадевме јајца во боја и за нив беше радост велигденското јајце.
Почитта кон христијанските вредности се пренесува од колено на колено. Од кого ја наследи?
- Нема да погрешам ако кажам и од мама, но и од баба. Секако, мајка ми повеќе влијаела. Од нив научив што треба да се подготви за велигденската трпеза, како да се вапцаат јајца, што треба да се направи во црква, зошто е важно да се почитуваат празниците. За Велигден секогаш имало јагнешко на трпезата. Останало од мојата баба, па потоа мајка ми на ист начин за Велигден ја подготвувала трпезата. Сега и јас.
Кога првпат почна да бојадисуваш јајца?
- Кога основав семејство. Иако мајка ми инсистираше таа да направи, бидејќи бев бремена, сакав јас тоа да го направам. Едноставно имав мерак. Пред да се омажам, некако таа обврска ѝ припаѓаше нејзе. Ѝ помагав во средата, пред Велики четврток. Си ги сакаше оние старински подготовки на јајца, со ливчиња, со врзување со мрежа или неупотребливи хулахопки, со кромид. Пред очи ми е нејзината радост кога ќе имаше успешно бојадисување со кромид. Јас, пак, од друга страна, повеќе користам посовремени начини на украсување. Сакам да си ја пуштам креативноста и да се занесам. Како од неa да сум ја наследила таа радост кога ќе имам успешност во она што сум го замислила. Последниве две години, ќерка ми настапува со нејзината креативност. И отстапив таа да ги декорира јајцата, иако секако неодолевам на моментот да искреирам и јас нешто. Нела веќе 2-3 години станува со мене пред изгрејсонце и заедно бојадисуваме. Во среда навечер стопати ќе ми каже: „Мама, немој да заборавиш да ме разбудиш”. И реално не ја будам, но таа сама се буди токму во истиот момент кога и јас. Утрото, пред изгрејсонце, на Велики четврток е денот кога ги бојадисуваме сите јајца. Секако со првото црвено јајце ѝ го поминувам лицето на ќерка ми со ,,Црвено, бело…”
Каков е твојот однос
кон постот?
- Да бидам искрена, досега не сум постела цел Велигденски пост. Најчесто сум постела последната недела т.е. во страдалната недела. Убаво е значењето на постот. Пред сè за духовното, па за телесното. Ако целта ни е само прочистување на организмот преку посната исхрана, тогаш не сме направиле ништо. Важни се мислата, добрите дела, важно е духовното.
Уживаш ли во готвењето? Како изгледа твојата празнична трпеза?
- Многу сакам да готвам. Особено ако имам семејни собири. Тогаш без исклучок, се трудам сè да биде домашно подготвено. Божик и Велигден се деновите кога сакам навистина да се придржувам до семејната традиција и да ги готвам јадењата што сме ги ставале на трпезата, почнувајќи од баба ми, мајка ми и јас сега. За Велигден задолжително е јагнешкото. Секогаш има јагнешка чорба, Елбасан тава со јагнешко, мимоза салата и за десерт кох. Тоа се јадењата кои Велигден ми го прават Велигден од моето детство. Особено сум горда што научив да ги правам сите тие јадења. И бескрајно сум благодарна на мојата мајка што ме научи на секое од нив.
Со кого го прославуваш празникот?
- Со моето семејство и со многу блиски пријатели. Веќе знаете што ќе има на трпезата.
МАЈКА СО МНОГУ ВИСОКО НИВО НА ТОЛЕРАНЦИЈА
Велат дека родителството не се учи, тоа е вродена особина и кога ќе станете родител едноставно знаете како и што треба да се прави со децата. Каква мајка си, попустлива или строга и принципиелна?
- Мајка со многу високо ниво на толеранција. Е сега, кога ќе се премине преку тој праг, не е баш сеедно да ме слушаш (се смее н.з). Тогаш вртам нов лист. Нела е исклучително мирно дете, но и многу чувствително, па немам нешто особено потреба да бидам строга. Како и секое дете со мама секогаш сака да се мази, да искористи момент за нешто да не послуша затоа што знае дека мама е тука да ја заврши работата. Немам големи проблеми со Нела. Единствена мана, а во исто време и доблест и е чувствителноста во сè и кон сите.
*првото бојадисано јајце на НелаКои совети што ги наследи од твојата покојна мајка, ќе се обидеш да ѝ ги пренесш на ќерка ти?
- Наследив искреност, чесност и посветеност во сè што работам. Во ова време во кое живееме, можеби и не се најпосакуваните карактеристики, но тоа е она што треба да биде одлика на секој човек. И горда сум на тоа. Совети имало многу кои во дадени ситуации ме навраќале на нејзините зборови. Отсекогаш се залагала за искрен и чесен пристап во сè. Да бидам човек, да подавам рака, да не правам зло. ,,Не гради среќа на туѓа несреќа” и ,,Не го прави она што не сакаш тебе да ти го прават” се двата совета што први ми паѓаат на памет. Во овој дух, заедно со сопругот Александар, ја воспитуваме нашата Нела.
Сакаме да израсне во личност која ќе биде силна, храбра, чесна и искрена. Секако низ годините ќе се челичи низ различни ситуации. Важно е од секое искуство да научи нешто, да научи да не ги повторува грешките, да препознава лоши луѓе, да верува во себе и своите квалитети.
Соња Алексоска Неделковска
фото:приватна архива
Поврзани вести: