Бев незадоволна како изгледам, се затварав во себе и се закопчував до грло: Бубе Јаневска ослабе и го смени начинот на живот

Добивај вести на Viber

Една од најубавите жени меѓу познатите личности кај нас, презентерката Бубе Јаневска- Ивановска е среќна што ја остварила својата зададена цел, да се ослободи од килограмите кои ѝ пречеле. Бубе на својот Фејсбук профил изминативе месеци ги објавуваше резултатите од слабеењето и во една прилика напиша дека нејзината среќа само жена може да ја разбере. Мотивот за оваа одлука вели Бубе, е нејзиното незадоволство од тоа како изгледала, по што почнала да се сокрива зад широка облека и да се закопчува до грло. За „Женски магазин“, таа ја раскажа целата приказна.

- Веројатно, нема подобра причина од чувството дека не ти е удобно во сопствената кожа. И секој од нас, претпоставувам дека има точка до која оди ,,надолу”, а потоа се буди и решава да ги смени нештата. Така и јас. Тоа што бев незадоволна како изгледам ми донесе ниска самодоверба, затворање во себе, некаков револт којшто не знаев како да го контролирам и како да се справам со него. Потоа гардеробата... Стилот кој го негувам, како растеа килограмите, така исчезнуваше. Почнав да се затскривам зад поширока облека, да се закопчувам до грло, да избегнувам да носам дури и штикли. И наоѓањето соодветна позиција пред тв камерите каде што нема да се познава вишокот почна да ми станува секојдневна преокупација, па дури и да ме фрустрира. Тоа едноставно не бев јас. Откако знам за себе, никогаш не сум имала проблем со килограмите, ниту, пак, некогаш сум држела диети. Сум имала идеална тежина која со плус, минус 1-2 кг сум ја одржувала без многу мака. Но, во текот на бременоста отидов многу во плус со килограмите кои по породилниот период ги минусирав близу до моите идеални. И оттука мислам дека започна се`. Увидов дека можам лесно и брзо да се ставам во ред и почнав многу да не внимавам. Понекогаш знаев да ,,дигнам рачна,, и да речам доста е, но резултатите никако не доаѓаа. Се обидував со се` и сешто, но не ми успеваше. Ќе ме мотивираа изгубени 2-3 кг, но всушност, повеќе ме залажуваа и си дозволував да ,,паднам” пред искушенија на слатки, нездрава и брза храна. Почнав да спортувам, но начинот на исхрана и натаму ми остана главен проблем. Веројатно, незнаењето како да ги искомбинирам спортот и исхраната не ми донесоа соодветни резултати. Иако ми велеа дека добивам на мускулна маса, затоа слабо ми се намалуваат килограмите, за мене не беа доволен мотив. Сакав на вагата да ја видам бројката на мојата идеална тежина. Немањето идеи, или подобро незнаењето што да се појадува, каков ручек да се подготви, дали да се вечера во период на спортување, многу лесно ме ,,фрлија” на старите навики на исхрана. Недоволно пиев вода и течности, и тоа беше дополнителен проблем што качував килограми“, раскажа Бубе за своите почетоци и решавачкиот момент да ги промени нештата.

- Читав, барав решенија, истражував, се прашував кому да се обратам, дали да побарам совет од професионалец, каков начин на исхрана ми е соодветен. Многу дилеми, многу прашања, но бев цврсто решена да сменам нешто. Почнав да разгледувам и се појави една Фејсбук страница на која видов неверојатни резултати, поткрепени со фотографии, со бројки од изгубени килограми. Бев позитивно изненадена од тоа што го споделуваа луѓето. На две недели губеле по 2-3 килограми, па и повеќе. Тоа што го видов беше доволна мотивација за да го наравам првиот чекор. Искомуницирав со Емилија Спасовска - Мојсовска. Првото прашање што ѝ го поставив беше дали ѝ е специфична програмата за исхрана, во смисла дали клиентот мора да се придржува на планот или има право да каже дека тоа и тоа не го јаде, да не се става во мени. Кога добив потврден одговор дека клиентот во нејзиниот прашалник може да запише која храна не ја јаде и врз основа на тоа ја создава програмата, знаев дека ја имам добитната комбинација. И` кажав што ми е целта, и мојата борба против килограмите почна. Го добив менито, ги обезбедив потребните продукти и почнав да се адаптирам на новиот начин на исхрана. Признавам, воопшто не ми беше лесно. Замислете дека некој што не пие доволно вода требаше во еден ден да испие 2,5 литри вода. Исхраната е разновидна, со многу салати и омилени јадења, барем за мене. На секои две недели, според мерките, добивав ново мени и така не станува монотона исхраната. Морам да признаам дека слабеев, но и уживав во тоа. Почнав во јуни, а посакуваната тежина ја добив на крајот од октомври. Со тоа што, имав 15 дена пауза, поради неможноста на одмор да подготвувам оброци, па за среќа не добив нешто особено плус на вагата“, вели Бубе. Штом се вратила од одморот, таа дисциплинирано продолжила онаму каде што застанала.

Таа признава дека во текот на слабеењето имало моменти на крза, моменти кога не можела да ѝ одолее  на омилената храна.

-  Имало такви моменти. Но, јас не сум љубител на грицки и тие ги нема во неодоливата храна. Признавам дека сум ,,фаќала кривини” да се замезам со нешто, но не сум заменувала оброк со нешто друго. Кифличките ме предизвикувале и не сум можела да одолеам, признавам. Но, при секое правење отстапка се одложува за ден два губењето грами. Стагнираш или додаваш некој грам, задржуваш течности и тоа може да демотивира. Па, така со текот на времето наместо да посегнувам по нешто што не е на мени, во моменти на криза го јадев она што го имав за појадок или вечера тој ден, исто така, знаев да пијам дополнително вода за да го излажам желудникот. Но, како одминуваше времето кризите исчезнуваа. Особено сум горда на себе што се научив да внесувам течности. Сега дури пијам и три литри вода дневно, иако повеќе не сум на строг режим“, ни раскажа Бубе.

Таа најпрво си поставила цел, да ослабе 12 килограми, но потоа решила дека и 10 ќе бидат доволни и смета дека не згрешила.

-  Со минус 10 се чувствувам феноменално. Можете да кажете дека 10 се ништо, но и за нив е потребно многу трпение, упорност и волја, како и за нечии 20, 30 или 50 килограми. Покрај тоа што ги загубив килограмите, најважно од сe` е што продолжив со ваквиот начин на исхрана. Всушност, ова веќе не е само начин на исхрана, туку ми стана начин на живот. Нема веќе прејадување, нема веќе ‘чекај да не остане’. Јадам колку што ми се јаде, ни повеќе ни помалку.  Полна сум со енергија, ја вратив самодовербата, едноставно се чувствувам прекрасно“, додава убавата презентерка.

Бубе е сопруга на Александар Ивановски, а нивната најголема среќа е ќерката Нела, која има шест ипол години. За нејзините најблиски, вели таа е најважно што е среќна, што ја исполнила сопствената цел, што успеала.

- Тие ме сакаат подеднакво и со плус и со минус 10. Татко ми е тој што знаеше онака искрено да ми забележи и да ме искритикува, а понекогаш и само со поглед да ми укаже дека треба да намалам со тежината. Мислам дека сопругот е особено горд на мене поради тоа што, како што вели ,,научи да пиеш вода”. За него, оваа придобивка е најважна, а секако и јас го делам тоа мислење затоа што знаеме колку е важна хидратацијата за организмот, и за здравјето, воопшто“, вели Бубе која е мотивација за многу жени дека со голема желба и упорност секој може да ја достигне саканата цел.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива