Љубов кон себе 2

Добивај вести на Viber

Во минатата колумна ви спомнав дека ќе ви раскажам како се саботирав себе со она оправдание дека немам време за себе, што е тотална лага. Ок, сите знаете дека имам полни 49 години и неколку месеци. Некој ќе рече многу, некој ќе рече малку. Што и да кажете, во право сте. Овие мои години се идеално време кога умот работи 100 на час, кога душата и срцето се премногу млади, ама за жал, телото сепак си покажува одредени недостатоци. Знаете дека кубурам со целулит, свадбарки и дека задникот ми е машала, за разлика од градиве кога сум застаната на развој на 14 години и ниту ден повеќе. И да, ова е веќе градба на тело, гени, како сакате наречете го. Но, во овие мои години веќе започнуваат и одредени хормонални промени, сакала јас или не, колку и да се чувствувам млада и полетна. Секако дека мојот однос кон телово си го зеде данокот. Хронично уморна, незадоволна како изгледам, а коркач и противник на естетски зафати од било кој вид, иако (да повторам) ако некому тоа му е начин како да е задоволен со себе и да биде среќен, сум ЗА. Само знам дека не сум јас за тоа, ниту некогаш ќе бидам. Прво, затоа што се плашам и второ, затоа што не мислам дека тоа ќе ми го среди проблемот во главава ако не преземам други чекори, драстични и со повеќе труд и мака.

Дојдов во ситуација да не можам да искачам 50-тина скалила, да се задишувам и препотувам, хормониве хаос, јас сум ама ко да не сум. Класика симптоми на менопауза, со сите пропратни елементи и плус со оној феномен кој ги мачи повеќето жени (освен другарка ми Цеце, која уште има нога и стас на кои можат да позавидат и 25 годишни девојки), а тоа е дека и од дишење се накачуваат килограми и човек станува така малку безличен, особено на слабите точки и стомакот (никогаш не ми се веруваше дека ќе имам проблем со тоа). Она легендарното дека “абе ќе видиш, од понеделник почнувам......”, секако дека е еден од начините на саботирање. Нема понеделник дечки, има сега и одма...ама кој да каже со време! Понеделниците минуваа, јас си тапкав во место, јадев ко обично со напади за благо (што не ми се случувало никогаш), си се тешев дека не е страшно да се накачат 7-8 килограми отповеќе, а притоа избегнував да застанам гола пред огледало. Арно рекле, чоек што може сам да си направи, никој не може да му направи. А јас сум експерт за да си го направам и најдоброто и најлошото. И оправданието дека немам кога беше цело време присутно. “Ама од 8-16 сум на работа, па после пишувам, па дете, родители, пазарење, дрндрндрн”. Браво Ано, еве ти медаља и аман, затни се!

Еден ден вртејќи на инстаграм (тоа дека немам време за себе, ама за инста имам!) налетувам на слика пред и после, знаете, од оние каде што има фотографија од промена на телото која е повеќе од очигледна. Да сме на чисто, не верувам во магични напитоци од кои “салото едноставно се топи пред вашите очи, а вие само си јадете ко нормално (читај, ко дупнати) и гледате како килограмите си одат од вас....но тоа не е се’, туку и се затегнувате”. Како не бе, приказни за мали деца, башка ем нереални, ем и опасни. Е, оваа фотографија ме одведе до профил на човекот кој ми го смени ставот за себе. Не е ова реклама, познат е доволно и без да го спомнам и нема ниту да го фалам, оти делата зборуваат повеќе од фалбите. Ивица го искомуницирав без многу двојба, ама да бидам искрена и без многу верба. Попатно прочитав сведоштва од луѓе (не иницијали, не замачкани ликови, не некои кои не постојат, туку луѓе кои се меѓу нас и кои имале и здравствени проблеми) кои работеле со него. Како вистински професионалец, ми даде да пополнам прашалник за мојата општа здравствена состојба, што смеам, а што не да јадам односно дали сум алергична на нешто и на крајот беше она најстрашното за мене...слика во костим за капење (оти мора да се види реалната состојба на телото) и мерки. Офффффф, да ви кажам одма дека кога ме сликаше ќерка ми и кога ги видов сликите одма ми дојде да акнам еден фотошоп? Да, ми дојде...кај мерките само ц’цкав и се туфкав и ми беше срам од себе, оти јадам гурабии за љубов а не сум била способна да си ја дадам сама на себе за да имам поголема самодоверба. Нејсе, пратив слики, мерки и после неколку дена добивам назад листа со оброци и сет вежби со видеа, со се’ и плус еден ферман од 40 и кусур страни со детален опис на се’, со рецепти и триста работи. Си исчитав, ги гледам вежбите и си велам “пфффффф, ова било лесно”. Да, да, ептен лесно...на првата кикснав, без кондиција, без навика да го кренам задникот од столче и без волја. Се изнаплакав од разочарување, од тоа дека се препотив за првите 2 минути и од читање на менито во кое ми беше ускратено се’ што сакам.

Ме фати инает, срам, страв дека ако си продолжам по старо ќе имам понатаму уште поголеми проблеми и се фатив за работа. Инаку Ивица инсистира строго да се придржувате на она што е кажано, со напомена дека ако лажете, се лажете само себе, а не него. Башка, не дозволува да му се лигавите и е прилично брутален и реален, притоа кажувајќи аргументи зошто е ова вака, а она така, додека единствениот аргумент кој јас можев да го дадам е кенкање и пренемагање. Ме стави во ред и да, имаше резултати уште после првата недела. Се намалувам во обем повеќе, во килажа полека и здраво. Не сум гладна воопшто, бидејќи ме навикна да јадам во точно одредено време и храна која е ем здрава, ем ве држи сити, а башка и почнав полека да можам сите вежби да ги правам. Е сега, не толку сета колку што има во упатството, ама имам огромен напредок кој веќе ми се познава и физички.

Вежбањето ми стана дел од секојдневието, храната исто. Нема веќе грицкање свашта додека се гледа филм, нема скокање оброци демек сега ќе каснам нешто џанк, ама после ќе гладувам (да знаете дека си го правев и тоа и дека е огромна, огромна грешка). Имаме и кавги со Ивица, кога ќе осети дека сум во лигавата фаза, ми вели да не бидам бебе...и да, ме нервираше, ама сега можам да си облечам фустан кој не можев да го закопчам, а сега се протнувам во него без да го откопчам. Открив дека имам мускули на места за кои не сум знаела дека може да имаат мускул и качувам скали дур речеш пиксла. Пак ќе напоменам, имам само 2 килограми до сега изгубено, ама во обем разликата е драстична. Башка, стомаков ми го снемува...почнав да се обликувам, а да не се чувствувам изгладнета.

Зошто го споделив ова со вас? Оти ова беше нешто што го сторив само за себе...а од друга страна и за луѓето кои ме сакаат. Но, првенствено за себе, без изговори, со труд и со потсетување дека не се сакав последнава година и тоа само затоа што не си наоѓав начин како да допрам до себе. На човек му треба да се сака себе на повеќе начини. Не само ментално и духовно да е исполнет, туку и физички да е задоволен со себе и притоа да е здрав. Не зборувам за фанатично вежбање и да ви свират цревата, мислејќи дека ќе изедете прво нешто што ќе ви се најде на патот. Зборувам за дисциплина и однос кон себе. Зборувам за тоа дека бев спремна за сите се’ да сторам, колку и да бара тоа време, посветеност и жртва, додека кон себе имав индиферентен однос. И не е до изгледот, оти внатре истата сум. Ама ми се смени начинот на кој сега се гледам, затоа што сфатив дека и храната и вежбањето покажуваат грижа не само кон телото, туку кон целокупното наше постоење. И да, јас сум хедонист кој сака да се напие вино, да касне и она што не треба и секако дека откако ќе си дојдам на себе (а кога велам на себе мислам на онаа Ана која можеше денот во една рака да го носи и да не се умори) ќе најдам начин (во договор со Ивица) како да избалансирам и хедонизам и здравје.

Не чекајте понеделник за да направите нешто за себе, без оглед за што се работи. Не чекајте, оти секој одминат ден мене ми беше неуспех во љубовта кон себе. Не дозволувајте да заборавите на кој начин да се сакате и да си го сочувате здравјето...и менталното и физичкото. Најдете си време, најдете сила. Кога можев јас, може секој. Кога можел некој со исхрана и вежба да си ја среди крвната слика, хормоните, притисокот, тироидата...можам и јас, можете и вие. Не од понеделеник, од денес, од сега. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да му се насмееш на денот

Радувајќи му се к’о дете на играчка

Да си го сакаш лицето наутро

Без шминка а со линии од перницата

Да си ги љубиш рацете

Гледајќи ги дур’ возиш низ метежот

И ич да не ти е гајле што веќе имаш старечки пеги

А не ставаш лак за нокти, кои и онака ги немаш

Да пееш на сиот глас ко’ ќе ти ја погодат песната

на радио

И на оној до тебе ко’ ќе те погледне к’о да не си токму

Да му намигнеш и да попуштиш уште малку погласно

Да си го изгушкаш детето пред да излезе

од автомобилот

И да го посрамотиш отворајќи го џамот, викајќи

на сиот глас

„те сакам најмногу на светот, убав ден

да имааааааааааааааш“

Та до работа дур’ стасаш да не есапиш нервозни луѓе

И за инает да им се смешкаш к’о да ги познаваш

За да им стане незгодно што те гледаат намќоречки

Да му се радуваш на денот

Да му се насмееш на животот

Оти каков и да е, твој е

И во твоите раце е одлуката дали ќе си го направиш

поубав

Да љубиш и да гушкаш

Да плачеш заедно со оние за кои душата те боли

Да врескаш заедно со нив

Како да можеш дел од нивната болка да земеш

И низ вресок да ја отераш во мајчината

Да се смееш

Да се кикотиш со главата крената кон небото

Небаре можеш облаците со смеа да ги растераш

Да погалиш

Да погалиш со сето срце и цела дланка

Не плашливо и скржаво к’о да се наплаќа за нежност

Да погалиш и да не се тргаш кога туѓа дланка на лице

ќе сетиш

Радувај се драги мој

Научи да му се радуваш на животот

И дека секогаш има и подобро и полошо

Од она што токму ти го живееш

Но дека не е случајно зошто токму тебе тој живот

ти се паднал

Научи дека секоја секунда е претходник

на она што допрва ќе се случува

И дека со секој здив си поблиску до смртта

Научи да не фаќаш кусур кога се лоши со тебе

Кога ќе сетиш потсмев во нечии очи или зборови

Суетен не биди и не враќај

Оти на лошото не можеш да му вратиш ако и самиот

лош не станеш

Научи да се бориш за она што го сакаш

Дал човек бил или идеал, сеедно

И двете вредат за да не спиеш со ноќи

И да си силен и чесен дур’ дишеш на овој свет

Диши љубов

Дај љубов

Засади живот

Откорни плевел

Стокми еден ручек за најблиските

Колку и да немаш поим од готвење

Фотографирај се со оние кои ги љубиш

За да ја ставиш сликата во рамка

И да ја наместиш така што да можеш често

да ја гледаш

Радувај му се на животот

Радувај му се на секој миг

Радувај му се безобразно многу

Со сите сетила и на сите начини

Диши љубов

Дај љубов

Биди љубов

Биди Ти