Љубовната приказна на Драган и Иванка Костиќ: Сѐ уште седиме еден крај друг - во ноември ќе одбележиме 45 брачни години

Добивај вести на Viber

Драган Б. со точка Костиќ (74) и неговата Иванка (68), ги врзува голема љубов, но и почит. Тој е ѕвездата во домот, но таа столбот на семејството и негова најголема поддршка.

Од мај 1974 до 25 ноември 1979 биле во врска. Го чекала година и пол да се врати од војска и во тој период била сведок на популарноста на емисијата Поп албум, развојот на Диско селектор, создавањето на емисијата Пријатели добар ден (Гиго и Цветко), неговите први телевизиски ангажмани и подемот како ди џеј во диско клубот Турист. 

Драган и Иванка во Турист

Родители се на Бранко и Елена и баба и дедо на три внуци: Андреј, Ива и Николај.

ЖМ: Љубовта е таа силна емоција која сите нѐ движи и е инспирација за многу уметници да ги насликаат ремек делата, да искомпонираат музика и да ги напишат најубавите стихови. Кој ви е омилен текст од песна, во кој пронаоѓате дел и од вашата љубовна приказна со сопругата?

- Кога Елвис Присли се развел од сопругата Присила, по излегувањето од судницата, седнал покрај неа во нејзиниот автомобил и ја отпеал песната која никогаш не ја снимил и која никогаш не ја извел пред некого, во живо:„I WILL ALWAYS LOVE YOU“. И уште една песна чиј текст секогаш емотивно ме допира, „Рио Есперанца“, на поранешната пеачка на групата Литл фит – Шон Марфи, која зборува за верба во надежта, копнежот по очекуваниот. А Иванка? Нејзини фаворити се баладите на Чолиќ, Балашевиќ, Владо Георгиев…   

Драган во 1975 година

ЖМ: Кога првпат се сретнаа вашите погледи, кои беа причина да го одберете патот по кој заедно ќе чекорите низ животот? Беше ли тешко да се освои убавата скопјанка Иванка?

Драган: Во тоа време, 1974, полека се искачував во естрадната хиерахија во професијата - новинар водител, иако од средината во која работев - Македонската радио телевизија (тогашна РТ Скопје) поимот музички новинар беше некако маргинализиран, исто како и диск џокејството. Не дека немаше диско клубови, но во нив не се влегуваше како врвен познавач, туку преку пријателски врски или, „знам еден кој многу добро познава музика и има многу плочи". Тоа е како игра во која по секоја победа или серија такви, се искачувате скалило погоре. Од локалниот клуб Пони, преку клубот во мотелот Путник крај населбата Белимбегово,сегашна Илинден, до Панорама, која беше куса приказна, но значајна за натамошниот поттик. Радиото беше во тоа време врвен показател за моментната (условна) популарност или препознавање. Впрочем диск џокејството (поимот ди џеј дојде подоцна), ми беше иницијатива за влез во радиото. На тој пат, повеќе од очигледна беше препознатливоста во средините во кои се движев. Бев слика на своето време, шармантен, зборлест, информиран (одлики на хороскопскиот близнак), симпатичен како физичка субјективна карактеристика, како и многумина други имав „клубче", две дворни простории на Ленинова 12, низ кои минуваа познати скопски ликови, на забави, журки, добра музика, и многу девојки. Близината на две елитни гимназии, Јосип Броз и Орце Николов, обезбедуваа непресушна низа девојки, а веќе и работата по клубови ја зглемуваа бројката за можен избор на убавина.Не бегав од неа, но и бев пробирлив. Не бев некоја добра женска инвестиција за подолго време, бев непостојан во врските, кои беа речиси куси, освен неколку. Во тоа време немаше музички настан на кој не присуствував. Најчесто во МКЦ, кој беше гнездо на македонското музичко јато. Создавав пријателства со луѓе, кои како и јас го почнуваа својот лет, но едно беше посебно значајно за мојата љубовна приказна. Бев водушевен од неверојатните пејачки перформанси на таканарекуваната македонска Џенис Џоплин, Зорица (тогаш Милисављевиќ ) подоцна Поп-Панкова. Таа како мој најблизок женски пријател, една вечер на скопското корзо кај Кенан, ме запозна со својата училишна другарка Иванка. Неврзан разговор, вообичаено трачарење за овој оној, оваа или онаа, а кога дојде времето за дома (се знаеше доколку се излегува) решив да ги испратам девојките до автобуска. Автобусот на Иванка дојде порано и одејки кон него, гледајки ја, Зорица ме праша: „Нели е згодна?". Замислено, реков: „Аха". Како да реков ДА пред матичар. Ама ќе мине долго време пред тоа да се случи. Набргу, ја викнав на прв состанок, во Езерце. Го паметам по тоа што, не ја испи кока колата. Беше мај 1974, а месец дена подоцна, на 29 јуни, ја почнав емисијата Диско селектор. Среќа или судбина? Би рекол, првото. 

Драган и Иванка на венчавката

ЖМ:Во музиката, како и во љубовта потребно е пред сѐ да се биде искрен, рекол големиот Џузепе Верди. Иванка, дали таа особина на Драган, кој секогаш е искрен во својата професија поврзана со музиката и јавните настапи веднаш ја препознавте? Со што ве освои?

Иванка: За него ми зборуваше мојата пријателка Зорица, тој правеше емисија на првата програма на Радио Скопје, Поп албум, но се уште не беше водител, го немав видено сѐ до вечерта кога на корзо го сретнавме пред Кенан. Ми беше интересен, комуникативен, беше очигледно дека познава многу луѓе и многу луѓе го познаваа, судејки по постојаните поздравувања со оние кои поминуваа крај нас. Морам да признаам, беше симпатичен. Бев љубопитна, за почеток.„Ајде да седнеме некаде деновиве" - беше неговиот предлог за состанок. Седнавме, во Езерце. Јас повеќе слушав, тој зборуваше и повеќе од доволно за двајца. Чудо, му верував во сѐ што зборуваше. И се уште му верувам. И се уште зборува за двајца. И се уште седиме еден крај друг, веќе 50 години, ако Господ даде здравје, во ноември годинава ќе одбележиме 45 брачни години. 

Драган во двор пред клупчето

ЖМ: Колку време бевте во врска и како изгледаа вашите денови како момче и девојка?

Драган: Од мај 1974 до 25 ноември 1979.Ме чекаше година и пол додека бев во војска, беше сведок на популарноста на емисијата Поп албум, развојот на Диско селектор, создавањето на емисијата Пријатели добар ден (Гиго и Цветко), моите први телевизиски ангажмани, и мојот подем како ди џеј во диско клубот Турист.Додека бев во војска, ги носеше моите текстови за емисијата Поп албум кои јас ѝ ги праќав од Нови Сад (каде бев во војска), но и плочите за емисијата која ја водеше Димитар Чемков, редовно неделно ми ги испраќаше музичките списанија кои во Скопје ми доаѓаа од Англија, а имаше тешка задача (заради која ми е криво што ја малтретирав), секои два-три месеци, од пристигнатите два-триесет албуми од Англија, да ми ги напише песните на албумите и составите на групите.Немаше мобилни за да ми ги слика, туку сѐ беше рачно, макотрпно. Одевме по концерти, на места каде тогаш излегуваа сите, пред Ванила, Кермес, Кампинг, во кино, а по враќањето од војска кога почнав да работам во Турист, нашите вечерни излегувања беа таму. Иванка имаше свое место во кабината на ди џејот и по стапувањето во брак, сѐ до раѓањето на синот Бане 1981.

ЖМ: Правевте традиционална свадба или забава за најблиските? На каква музика се забавуваа гостите?

Драган: Свадбата беше традционална (а каква би можела да биде 1979?) Во Олимпијско, со еден куп роднини, од кои повеќето сум ги видел тогаш и речиси никогаш повеќе. Тоа беше желба на нашите родители, традиционалисти.Музиката...и не се сеќавам, два напред - три назад, традиционална македонска народна музика, понекоја српска (ми беа дојдени чичковците од Белград и Ниш, тетка ми од Крагујевац), понекоја македонска забавна и понекој Ју хит. Немаше ди џеи во тоа време по свадбите... 

ЖМ: Бракот не е само заеднички живот, туку и заедничко сонување, планирање и остварувањето на целта. Кога ќе погледнете назад на животната патека која понекогаш е послана со рози, а понекогаш и со трње, можете ли да кажете дека сепак остваривте поголем дел од тоа што го посакувавте?

Драган: Палавоста е дел од младоста, треба да се знае до каде е линијата меѓу неа и сериозниот живот. Кој носи одговорности, поставува препреки кои мораат да се минат за да се продолжи понатаму. Никогаш не сме имале сериознивзаемни недоразбирања, понекоја кавга како дел од брачниот ентериер, кои не траеле долго, секогаш едниот (било кој) попуштал.Гледајки наназад лично сум можел да остварам многу повеќе во материјална смисла, кариерно...тоа е толку колку во оваа средина можело. И премногу за еден човек. Посакував за семејството сигурност, материјално, но човекот не може во животот да добие сѐ што ќе посака.Треба за нешто и самиот да се избори, за да се почитува повеќе. Се надевам дека децата нема да ме обвинуваат заради тоа.

ЖМ: Иванка, дали вие и претходно ја сакавте музиката или таа љубов ви ја наметна Драган? Како ја прифативте неговата популарност, но и отсутност од домот во доцните часови, поради неговата работа како диџеј?

Иванка: Раснев во традиционално семејство, дома се слушаше народна музика, радиото беше сѐ, само не украсен ентериер. Тоа е време на емисијата Музички омнибус, музика од Скопскиот фестивал, но и тогашните Ју фестивалски собирања, Белградска пролет, Опатија, Сплитскиот фестивал, Сараево, Загреб, на радио емисијата Три гонга со Ѓоко Георгиев (Драган се уште не беше појавен). За мене неговата популарност раснеше речиси незапирливо, но без некоја помпа, само чувствуваш дека се зголемува. Интересот за него, заради сите негови квалитети, постојано се зголемуваше, подоцна нашиот дом стана свратилиште на речиси секој позначаен македонски изведувач.Ги примавме сите дома како свои, помагаше со својот авторитет секому во пробивот покрај тогашните строги естрадни критериуми, Ако не се лажам и ти беше кај нас во почетокот на кариерата.Ни станаа семејни пријатели Здравко Чолиќ, Горан Бреговиќ, Ѓорѓе Балашевиќ... Додека не се роди Бане, не беше тешко отсуството, бидејки првите години од бракот ги минував со него, вечерите во Турист. Беше забавно, ама за него и напорно, секоја вечер да држиш по тристо и повеќе луѓе во добро расположение. Но, тој го сакаше тоа, умееше. Преку ден немаше одмор за него, речиси секој ден беше на снимања во радио, па почна телевизиското Неделно попладне, па вечерните Ноќни програми на ТВ (малкумина луѓе се сеќаваат на тоа), водеше и ноќна радио програма, по вечерниот настап во Турист, доаѓаа со кола и пред полноќ го собираа, водеше до ми се чини шест наутро, па почна Радио урнебес, е тогаш повеќе му ја гледав сликата одошто него. Многу пати пропушташе значајни семејни собири, не ми беше лесно и сеедно, ама, стоев зад него. Тоа беше негов избор, а јас го прифатив. 

ЖМ: Семејството е средиште на животот и клуч на вечната среќа. Вие Драган често истакнувате дека сте поборник за традиционалното воспитување. Кои вредности инсистиравте со сопругата да ги почитуваат вашите деца?

Драган: По определба сум традиционалист, но не по секоја цена.Времето наметнува нови животни параметри на кои човек треба да им се прилагоди.На децата им ги пренесовме своите морални вредности, Иванка имаше поголем удел во нивното воспитување, јас бев повеќе коректор.Никогаш не бев строг, правичен колку сметам дека требало.Баравме да бидат чесни, скромни, одговорни во она што го работат, да знаат да почитуваат за да бидат почитувани. Взаемно да се сакаат и си помагаат. Еден ден ќе се имаат себеси и семејството кое го создаваат.И двајцата, син ми Бане и ќерката Елена имаат свои семејства, јас ја гледам познатата семејна слика, мојата и на брат ми, но во поблага форма, реков, животот воспоставува нови правила, кои мораат да почиваат на искуството од претходните. За да бидат, постабилни, поцврсти. 

ЖМ: Пред три години станавте дедо. Како се снајдовте во оваа улога?

Драган: Ми раскажувале оние кои веќе го имале тоа искуство. Им потврдував и им верував, но треба сам да ја почувствуваш убавината на протокот на времето. Да почувствуваш како душата ти се исполнува со чувството на љубов и количеството на возвратеното: ДЕДОООО, дојди!! 

ЖМ: Како изгледаат вашите семејни средби? 

- Имав среќа, дел од младоста и подоцнежната возраст да ја минам во една неверојатно хармонична атмосфера на семејството на Иванка, секој празник можност за средба, три сестри, тројца баџанаци, еден шура, куп деца, пријатели роднини.Татко ми и мајка ми, речиси до последните денови традиционално, за Божик, Нова година, родендени, да дојдат и тоа во свечена гардероба и да донесат подароци.Со Иванка се грижиме дел од таа подзаборавена традиционалност да ја одржуваме со неделниот ручек на целото семејство.Иванка е таа која цело саботно попладне и неделното претпладне ја подготвува софрата, мое е да седнам на чело и да нудам.Посакувам што подолго да трае, додека нѐ држи здравјето, и да им пренесеме на децата да го продолжат тоа во своите семејства.

Соња Алексоска Неделковска