Љубовта не смее да се уништи од сите страшни настани кои ни се закануваат: Ален Исламовиќ искрено за Женски магазин
Со песната „Судњи дан“, Ален Исламовиќ беше гостин на „Макфест“ во Штип минатиот викенд,. Легендарниот пејач на „Дивље јагоде“ и на „Бијело дугме“ вели дека неговата средба со штипскиот градоначалник Иван Јорданов пред многу години била судбинска, и е една од причините што пеел годинава на „Макфест“. Кога го запознал Јорданов пред повеќе години, тој како дел од организацијата на тогашниот концерт, бил во улога на негов возач.
- Свирев пред 11 години на фестивалот „Пастрмајлијада“ каде имаше околу 20.000 луѓе. Народот е прекрасен, „Макфест“беше одлично организиран. Ова е град на млади луѓе кои добро се забавуваат. Градоначалникот е млад човек кој носи нови идеи во градот, а интересно е кога бев пред 11 години, како дел од организацијата на мојот концерт во Штип, тој беше задолжен да ме вози низ градот. Чудни се судбините“, изјави по „Макфест“ Исламовиќ за Женски магазин и раскажа за песната која ѝ остави силен впечаток на публиката, „Sudnji dan“ (Суден ден).
- Песната ја најавив како сингл од мојот иден албум што го подготвувам. Истовремено, во ноември, кога ќе објавам спот за неа, ќе прославам и јубилеј, 40 години од издавањето на албумот „Мотори“, каде што ги напишав сите текстови, свирев бас и пеев. Спотот ќе го снимаме со Наско Будимлиќ на тапани, Златан Чехиќ на бас, и Драгомир Херендиќ- Драгијани на гитара. Тоа е старата екипа на „Дивље Јагоде“, и на своите фанови ќе им го подари тој јубилеј-„Мотори 40“, ни раскажа Ален. Ја откри и инспирацијата за оваа песна- лошите нешта кои изминативе години се случуваат околу нас.
- Па, оваа ситуација што се случува во светот, војната во Европа, кризата која тропа на вратата на милиони луѓе, заканите за нуклеарна војна, климатските промени, сето тоа влијаеше на мене да напишам песна за судниот ден и дека во тој момент кога ќе дојде тој ден, верувам дека мора да има малку љубов и дека не може да биде уништена од тие страшни настани. Верувам дека љубовта и волјата и желбата за живот и слобода треба да ги надминат сите лоши нешта што ние самите ги произведуваме. Мораме да испратиме порака до лудаците дека љубовта никогаш не може да ја срушат, без разлика што и да се обидат на овој свет“, изјави Ален.
Во претходно интервју за Женски магазин, легендарниот пејач ја раскажа љубовната приказна со својата сопруга Маријана.
„Јас иако имав 22 години кога се запознавме и веќе бев вратен од војска, таа чекаше да наполни 18 години. По две години криење, им кажа на родителите дека е во врска со мене, и од тогаш ни тргна среќно. Еве, и ден сме заедно, имаме две прекрасни ќерки, Лара и Уна, кои се омажија и кои ни донесоа прекрасни внуци. Сега веќе уживаме во тие денови како баба и дедо“, раскажа Ален.
Минатата година пак, Исламовиќ својата куќа во родниот Бихаќ во Босна и Херцеговина реши да ја претвори во туристички објект, и преку Женски магазин ги покани и неговите фанови од Македонија да го посетат.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски