Лозано го честиташе Илинден со „Македонија“: Фантастичен концерт на поп-ѕвездата во Охрид
Среќни луѓе кои излегуваат од стадионот пеејќи ги хитовите на омилениот пејач, редица фанови кои чекаат да се сликаат со него, во публиката различни генерации-тоа е формулата на еден успешен концерт. Таа формула ја има Влатко Лозаноски- Лозано кој сношти имаше фантастичен настап во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“.
Лозано е првиот наш пејач кој одржа концерт на овој стадион, токму на Илинден. Ненаметливо и чекор по чекор, тој стана миленик на народот. Без промоција на приватниот живот, без претерано присуство во медиумите, Влатко го засакавме поради песните кои влегуваат во уво и се лепат за срце од прва, а се музичко дело на хитмејкерот Лазар Цветкоски и Магдалена Ена Цветкоска која ги пишува убавите приказни во текстовите. Поради неговиот квалитетен вокал, топлината во интерпретацијата и едноставноста. Сето ова, Лозано го покажа на охридскиот концерт. Од „Душо варљива“, преку „Километри“ и новата „Не те вадам од памет“ стадионот ечеше од почеток до крај. Публиката го пречека скандирајќи му го името, а го испрати со овации по кои се врати на бис.
За крај, ја слушнавме омилената „Километри“ во соло изведба на Влатко, на клавијатури. Специјално за Охрид, тој и неговиот тим направија одличен аранжман на „Лихнида кајче веслаше“. „Среќен Илинден Македонијо“, изјави Лозано на крај, а празникот, тој го честиташе со негова изведба на песната „Македонија“ од „Меморија“, која во оригинална верзија ја испеа групата „Тајм“.
Настанот го збогатија настапите на тинејџерските ѕвезди Антониа Гиговска и Лина Пејовска, а го организираше продукција „Прагма“.
Хитот „Јако јако“ е најдобар начин како накусо да се опише концертот. Фановите на Лозано, а најмногу оние кои се сликаа со него по концертот, сигурно дека вечерва и уште долго „нема да го вадат од памет“.
Милица Џаровска
Фото: Горан Десковски