„Луѓето со солзи радосници ни приоѓаа по настапот во Манчестер, публиката дишеше со нас“: Зарина Првасевда за Женски магазин
Насловно фото: Марко Лопац
Зарина Првасевда или Евгенија Здравевска кое име и да го изберете сеедно е. Таа е една и единствена. Со вокалот по кој е специфична и препознатлива, 30 годишната девојка која потекнува, како што самата вели од големиот Демир Хисар, така поткрева што е невозможно а да не ве полазат морници или пак да не ви надојдат солзи. Знае и умее од секој еден на своите концерти да го извади она жарче што некаде тлее длабоко скриено во срцето и на површина да ги покаже и најскиените чувства. Зарина, знае како да разбуди силни овации, да нема мрдање при нејзините изведби, но да има по некое скришно липање на песните.
Зарина, е навистина посебно освежување кое и требаше на публиката на македонската и светска традиционална музика. Има свој ансамбл составен од исклучителни музичари, а дел од нив се прогласени и за најдобри домашни џез музичари.
Зарина кон крајот на минатата година беше победник на “UpBeat – Best New Talent Award 2023” на интернационалната UPBeat платформа, а нејзиниот деби албум “ЕХО”, кој е одпеан на 4 јазици е издаден за една од најголемата издавачка куќа на Балканот – “Croatia Records”.
Во нејзиното портфолио има бројни соработки и вокални аранжмани со голем број на домашни и странски музичари, современ танц, како и филмски проекти, а својата музика концертно ја има претставено на реномирани фестивали во Франција, Унгарија, Хрватска, Бугарија и секако Македонија. Албумот „Ехо“ во 2022 година беше дел од топ 10 најслушани албуми на Балканската светска музичка листа.
Неодамна го имаше одличниот концерт на WOMEX - најголемата музичка конференција во светот, во Манчестер за кој долго ќе раскажува и прераскажува, а ние како Женски магазин ја имавме и честа први да ги слушнеме впечатоците лично од Зарина.
ЖМ: Зарина неодамна се вративте од Манчестер каде имавте концерт. Како си поминавте, што беше вашата прва помисла кога излеговте на сцена, а со која мисла го завршивте концертот?
- Да, токму така. Неодамна се вратив од Манчестер, каде имав настап на најголемото експо за традиционална музика во светот и сум многу среќна што ова можам да го споделам со читателите на Женски магазин.
Мојата прва и последна замисла пред секој концерт, дури и пред оној за 20 луѓе е да го изведам со најголема професионалност и да дадам се од себе во однос на музиката, така што секој присутен да си има свое доживување кое останува во спомени.
Се надевам дека така и бидна.
ЖМ: На патот до таму, односно до последно не се знаеше вашето претставување, наидовте на препреки. Што се случи?
- Па се случија препреки многу, но најголемата од се беа визите кои не држеа во стрес и неизвесност се до ден пред концертот. Доцнеа одлуките, па пасошите, па пропаѓаа авионски билети, па се купуваа нови… Но, фала му на Бога на крај се излезе како што беше планирано и целиот ансамбл беше на сцена. Во суштина, ова беше едно од тие искушенија каде се тестира вербата во тоа што го работам и истрајноста на патот, а во отсуство на само една од овие работи не би бил возможен патот до таму кадешто сакам да стигнам.
ЖМ: Како сте задоволни од фидбекот на публиката таму?
- Немам зборови. Внимателна, присутна и публика што мислам дека дишеше со нас. Многу сум задоволна, а и она што го слушнав после концерот кога отидов од другата страна беше доста воодушевувачки. Приоѓаа луѓе кои не ни го разбираат јазикот, кои имаа сѐ уште морници или солзи радосници во очите…тоа е вистински комплимент за мене.
ЖМ: Последен концерт имавте вчера...
- На моја огромна радост вчера се случи еден концерт во Паблик рум на Дизајн викенд. Ова беше концерт посветен на сите оние кои навиваа за нас да стигнеме во Манчестер, на мојата прекрасна публика и моето гориво за сѐ што правам. Секогаш сум возбудена и многу се радувам на секоја нова средба со мојата публика.
ЖМ: Со години растеш опкружена со музиката. Се појави однеднаш-зошто не се експонираше?
- Целиот свој живот од раѓање до денес, музиката ми била тука, наоколу, до мене и со мене. Се појавив одеднаш за пошироката јавност, но, оние кои ми беа блиску, ги следеа малите чекори што ги правев. Пеев различни правци на музика, пеев во културно уметнички друштва.. постојано бев во потрага по моментот, но нештата сепак не се случуваат кога ние сакаме и кога ние мислиме дека е време, туку би рекла, се случуваат кога сме спремни да ги примиме и кога е вистинско време да се случат.
ФОТО: Татјана РанташаЖМ: Јавноста те препознава по традиционалните песни. Дали само тие „ти лежат“ на душа или сакаш да си потпевнуваш и друго?
- Традиционалната музика ми е светилиште и не би рекла дека тие песни “ ми лежат” , туку дека МИ СЕ срцето, а се разбира дека истражувам, се едуцирам, пејам и слушам квалитетна музика од разни правци и жанрови и уживам во неа силно...Толку убаво виножито е музикава што понекогаш воздивнувам од самата помисла на таа широчина и раскош.
ЖМ: Често патуваш и низ нашава Македонија. Колку се радуваш кога луѓето ќе ти пристапат на убав начин, ќе те пофалат за она што го работиш и пееш?
- Нема нешто поубаво. Тоа е во суштина идејата на бавењето со музика, таа добива тежина правопропорционално со бројот на души што ги допрела и со силината на емоцијата што ја предизвикала. Ако ова сум го постигнала со барем еден човек на дуњава, ќе се радувам, а се радувам бескрајно кога ќе ги видам сите тие души на мој концерт и кога ќе ги видам како потпевнуваат и се радуваат на тоа што го правиме, кога ќе ми пристапат на улица, во продавница, кога ќе ми напишат по некој убав збор..навистина е благослов.
ЖМ: Како правиш пауза, оддишка понекогаш?
- Порано оддишка ми беше планината, сега се помалку имам време за да си дозволам два-три дена таму горе во сред работни обврски и сл., а за еден ден не се ни исплати целиот тој пат.
Во последно време оддишка ми прави добра книга, а кога сум многу уморна и сакам баш да се подисклучам од се, можеби и некоја серија. Најмногу сакам да минувам време со најблиските пријатели, да готвам, да седиме со саати и да си мезнуваме готвена храна, да зборуваме за општествени теми и психологија, да слушаме нова и стара музика и да анализираме...
ЖМ: Што мислиш, се остваруваат ли соништата на Зарина?
- Не мислам, си ги живеам и преблагодарна сум на Бога за тоа.
ЖМ: Каде се гледаш за 5 години отсега?
- На светска турнеја со целиот ансамбл. На сцената на Карнеги Хол, во распродадена сала. (Се смее) Баш ми се забавни соништава, мора да признаете. Но, се додека не чинам никому друг зло, ќе си сонувам.
И не само што ќе си сонувам, туку и напорно, чесно, вредно и посветено ќе си работам на тоа да си ги остварам соништата, како и до сега така и од сега.
Фото: Ѓорѓи ВасевЖМ: Што те исполнува, што те мотивира во животот?
- Ме исполнува времето поминато со внука ми Неда, а и кога не сме заедно, бидејќи живееме во различни држави, ме мотивира само помислата на неа, гласот што ќе и го слушнам. Откако се роди тоа мало скапоцено нешто, ми стави поинаков светоглед на животот. И претходно размислував на примерот што треба да го оставам на поколенијата, но откако таа е присутна во мојов живот, дефинитивно со многу поголем интензитет размислувам на тие нешта и константно се трудам да бидам најдобрата верзија од себе си.
ЖМ: Кој е твој ветер во грб-семејството, пријателите или пак нешто друго?
- Се разбира, примарно ветер во грб ми е семејството и пријателите и љубовта што ја делам со нив, без ова би била дрво без корен. Но, би лажела ако кажам било што друго освен дека најсилното гориво за ова што го работам сепак е публиката, мојата публика.. оние кои ја обожуваат мојата музика, тоа што правам и споделуваат со мене. Таа енергија е огромна инспирација.
ЖМ: Твое животно мото?
- Никогаш не прави компромис со вистината, совеста и квалитетот.
Ирена Ставрова