Мајка ми е жена на која би сакала да наликувам: Искрено со Каролина Гочева

На први јули на стадионот на АРМ, Каролина Гочева ќе нè прошета низ нејзиното најубаво музичко време, и не случајно овој концерт на отворено е наречен „Ајде да летаме“. На многу места во нејзиното срце и низ многу теми „се прошетавме“ во овој убав муабет. Секое интервју со Каролина е посебно на свој начин, а во ова е искрена како ретко кога. Зборува за таблоидните наслови за кои вели дека никогаш не реагирала, мајка ѝ која ѝ е животен пример, сестрата и внуките, сопругот, но и за нејзината голема промена за која вели: „Иако и понатаму имам висок праг на толеранција, и тоа како знам да полудам и да повишам тон и да не бирам зборови“.

*На први јули ќе одржиш концерт на Стадионот на АРМ, со твоите најголеми хитови. Кој репертоар го избравте овојпат, ќе има ли можеби и постари песни кои долго не си ги пеела?

-После три години на мое огромно задоволство повторно имам концерт и тоа овојпат под отворено небо. Како што најавивме, ќе бидат опфатени најголемите хитови од целата моја кариера од различни периоди на моето музичко созревање, па кога го составував репертоарот бирав песни буквално од сите мои фази, такашто, ќе биде шаренолико. Изминативе три години, почнувајќи од концертите со Филхармонија, веќе и додадов некои од постарите песни во редовниот репертоар на настапите но ќе има и доста од тие кои одамна не се изведувани. Така што, ќе имаме еден двочасовен музички времеплов - почнувајќи од како што често ги нарекуваме “најубавите денови” до денес. 

*Имаш ли најдраги песни во кариерата кои имаат посебно, емотивно значење за тебе а се врзани за некоја конкретна случка, или настап кој засекогаш ќе го паметиш?

-Имам и најдраги песни,и најдраги концерти, настапи, патувања… навистина имало милион случки низ годиниве...сум пеела и среќна, и тажна и болна и вознемирена...вака на прва, најдраги ми се можеби првите концерти во МОБ, 2014та со „Македонско девојче 2“, имаше некоја посебна магија од првиот до последниот, исто, анплагдот во 2012 во Универзална, летните амфитеатри имаат исто посебна магија, сноштипеев повторно во Хераклеја после 4 години... патувањата… за песните пак, се случувало некоја да ми се допаѓа премногу додека ја снимам, па после да не ми е повеќе толку драга, а исто и некоја отпосле да ми прирасне за срце... но без сомнеж, од оние кои најмногу ме погодуваат кога и да ги пеам ми се „Капка под небото“ и  „Кој да ми запее“. 

*Го паметиш ли твојот најпрв настап пред публика, колку години имаше тогаш, како изгледаше твојата прва средба со публиката и со аплаузот?

-Секако дека го паметам. (се смее) Првиот настап ми беше на новогодишна приредба организирана од пионерски дом од Битола, ја пеев „Like a prayer од Мадона и уште од тогаш бев непоправлив тремаџија, хахаха. Истава песна ја пеев неколку месеци пред тоа на „Шарам Барам“, тоа пак ми беше прво ТВ појавување. Имав 9 години и цел ден ги малтретирав моите по дома со моите „вокални егзибиции“ и со часови ги чекав на радио песните што ми се допаѓаа за да ги снимам на касета. 

*Минатата година, ја објави соработката со Дуке Бојаџиев и со Исмаил Лумановски со песната „Идила“, која беше најава за албум со преработки на песни од најмаркантните домашни автори. Кога ќе го слушнеме тој албум и дали ќе има концертна промоција како претходните?

-Тоа е еден проект кој многу долго и внимателно се осмислуваше, а со изминативе две години и подолго од што претпоставувавме. Снимен е уште во јануари 2021, но со оглед на познатите околности моравме да почекаме подобро време, за да го претставиме како што заслужува, па конечно, ќе излезе наесен, а секако се планирани и промотивни концерти. Искрено, едвај чекам да се појави затоа што е работен со многу љубов, а и долго време ни лежеше на срце на сите тројца и многу сум среќна што го направивме. 

*Неодамна се врати од женски одмор со сестра ти, внуките и мајка ти. Колку сте слични, а колку различни со твојата сестра, околу што како деца, па дури и сега најмногу не се согласувавте?

-Задничките одмори ми се една од најомилените наши традиции. Секоја година одиме некаде заедно ние 5. Со сестра ми сме доста различни во повеќето работи, освен што со текот на годините се повеќе физички наликуваме. Како деца нормално многу се каравме и тоа главно за секојдневни глупости, најмногу за телефонот (во тоа време беше еден домашен) и цел ден беше кај сестра ми, хахаха, за облеки, кој филм да се гледа и сл. И сега не се согласуваме околу еден куп работи и често знаеме да се скараме, ама па и многу сме блиски и многу се сакаме, особено јас нејзе. (се смее). Кога сме кај сегашните кавги, јас најчесто ѝ се лутам кога со часови не можам да ја добијам на телефон, особено ако е на пат. 

*Кој ти е најдрагиот спомен од растењето со неа, паметиш ли некоја интересна случка или детска палавштина којашто сте ја направиле заедно?

-Палавштините беа резервирани за сестра ми, секогаш беше похрабра, а и повеќе ѝ се прегледуваше низ прсти, второ дете Јас бев многу мирна и тивка додека растев, од оние деца што ќе влезат во просторија и ќе си седнат во ќош за никој да не ги види, а искрено, ни сега не сум баш некој пример за екстровертна личност но сепак, сум до некаде, променета, би рекла на подобро. 

*Физички потсетуваш на твојата мајка, колку и карактерно наликуваш на неа?

-Ова ми е еден од најубавите комплименти! Мајка ми е навистина жена на која би сакала да наликувам и драго ми е ако барем физички е така. Карактерно, не знам, можеби во нешто, но генерално, трите сме потполно различни, а заедно сме во совршен баланс. Не знам дал ќе се согласат ако го прочитаат ова но обично јас сум балансот, хахаха.

*Убаво изненадуваш со твоите клавирски изведби на кавер верзиите на хитовите кои ги објавуваш на социјалните мрежи. Колку време интензивно свириш пијано, која музика најмногу ти лежи, и ќе те видиме ли можеби во ова издание и на некој концерт?

-Си свирам јас по дома отсекогаш, обично, песни кои ми се допаѓаат тој период, тоа е нешто што одамна си го правам во слободно време, мислам, прашајте ги комшиите но дури пред некое време се сетив да да си ставам нешто и на инстаграм, а можеби ќе направам нешто и за некој концерт, зошто да не.  

*Во последно време, медиумите како да те оставија на мира кога е приватниот живот во прашање. Гледајќи наназад, има ли лага или озборување кое најмногу те повредиле, си реагирала ли на неправда нанесена од медиум или од чаршиско озборување?

-Мислам дека тоа се должи на муабетот што го правевме на вибер, хаха. Дури и кога им бев поинтересна, тоа обично се базираше на таа таблоидна потреба за бомбастичен наслов, па многу често знаеле работите да се извадат од контекст. Па, и ден денес гледам како милиониве онлајн медиуми само ловат и смислуваат провокативен наслов кој не мора да има било каква врска со текстот туку важно е да привлече коментари, најчесто негативни на сметка на личноста за која се пишува. Но, тоа е што е... јас не се лутам никому, на крајот, секој си е таму во животот каде што заслужил. Не се сеќавам и дека некогаш  особено сум реагирала, освен ако сум сметала дека тој некој новинар/ка ми е некаков пријател. Но, колку и нешто да ме погодило во тој одреден момент, не сум дозволувала значајно да ми влијае на животот. А и како велат, секое чудо за три дена.

*Публиката те знае како одмерена, внимателна и културна, ненаметлива. Каква си кога си лута, дали често знаеш да повишиш тон и да држиш лутина?

-Порано знаев како “одмерена, внимателна и културна” доста работи да ги премолчам, да голтнам кнедла и да се правам како ништо да не било, а во себе да си го преживувам тоа,  но среќа на време сфатив колку тоа е штетно по здравјето, па фала богу почнав да се менувам... така што иако и понатаму имам висок праг на толеранција, и тоа како знам да полудам и да повишам тон и да не бирам зборови... и искрено, многу ми е подобро вака.

*Како е Михаил, како најубаво го трошите времето кога немате работни обврски?

-Супер е Михо, главно работи... и двајцата имаме доста обврски особоено периодов. Кога сме слободни сакаме доста време да поминуваме заедно и со нашите пријатели, отсекогаш многу гледаме филмови и серии, многу сакаме да јадеме, па доста готвиме по дома, а и ги посетуваме нашите омилени кафанчиња. Сега времето е убаво, често и излегуваме, планираме и некое патување после мојов концерт... со еден збор мила моја Мице-живот.


Милица Џаровска

Фото: Мартин Трајановски