„Мајстор сум за правење погача „слоново увце““: Семејно интервју со актерот Марјан Ѓорѓиевски
Го паметиме како момчето од Битола, пионер во стендап културата кој со видеа од секојдневни случки стана вирален. Претставуваше ликови кои може да ги сретнеме во соседството, или едноставно со нив живееме под ист покрив.
Марјан Ѓорѓиевски повеќе од десетина години ја смее македонската јавност, а исто толку е сериозен актер и режисер на сцената во Битолскиот театар.
Приватно е татко и сопруг. Заедно со сопругата Анета го имаат осум ипол годишниот син, Огнен.
На 17-ти ноември Марјан ќе настапи пред скопската публика како дел од турнејата „За Македонските работи“.
„Македонската публика сака да се смее, но хуморот како да стана дел од неговиот идентитет, но и само хуморот успеа да ги преживее сите неправди“, вели актерот.
Дали е строг родител, дали ги засмејува по дома исто како и публиката, на што тој се насмее, како го поминува слободното време, зборува во интервју за Женски магазин.
ЖМ: Во последно време оваа култура сè почесто е присутна и некако полека но сигурно си има и своја публика. Како ја оценувате во моментов, состојбата со стендап културата кај нас?
- Од 2011-та до денес работите многу се сменија, денес во Македонија постојат изведувачи, млади изведувачи, изведувачи во обид, и контент креатори кои имаат огромен потенцијал за стендап комедија. Стабилна стендап сцена е резултат на демократско општество, да се прифати хумор на своја сметка е големина, мислев на политичарите, а ние обичните смртници сме навикнати на хуморот што ни го приредуваат сите овие години (се смее). Ни треба хуморот на сите нас, зар не е убаво повеќе да се смееме? (се смее)
ЖМ: Хуморот е лек кој треба да се консумира повеќе пати во денот. Како вие го консумирате и во кои количини на дневна основа?
- Се будиш и хуморот почнува, зашто во Македонија ако не внесеш хумор во секојдневието тогаш ќе треба да плачеме сите колективно (се смее). Најмногу хуморот го консумирам во секојдневието кога сопруга ќе даде некој оригинален коментар, и еве после толку години, уште успева да ме насмее.
Политичките дебати, ги третирам како токшоу. Социјалните мрежи ми се како за добро утро, се смеам со тоа како луѓето си создаваат слика за себе си и како сакаат да се презентираат пред јавноста. Македонската реалност е многу брутална, а забавна на социјалните мрежи.
ЖМ: Како започна вашата приказна со театарот, што беше пресудно за да ја засакаш актерската игра?
- Ајде вака ќе пробам да доловам: Имаш 9-10 години, интроверт си по природа, ама чувствуваш дека многу сакаш да играш во „претставите“ кои ги создававме на улицата. Дваесеттина деца кои имаат идеја да прават претстави, публиката се соседите, родителите, кои имаат слободно попладне.
Некоја гаража, (нели секоја идеја почнува од гаража) (се смее), веќе неколку дена подготвуваме претстава, некои глумат, некои режираат, некои прават плакати … Натпис: Влез 10 денари.
Процесот на подготовка е таен, сите сакаме да ја изненадиме публиката. Денот на изведбата е свеченост за сите нас. Веќе влегуваат гледачите, и време е да ја пуштиме сијалицата. Светнува!
Адреналинот е подигнат. Тишина. И еве ја првата реплика: Вечерва драги наши ќе гледате … Нашите родители со солзи во очите не гледаат. (Сигурно си велат само со театар да не ни се занимаваат децата)
Таа беше најголемата сцена што сум ја освоил, понатаму е само склоп на случајности и многу работа.
ЖМ: Кога се појавува желбата за стендап – от? Кое беше првото појавување пред публика?
- Стендап-от секогаш сум го доживувал како нешто многу природно, како дел од мојот начин на живот. Како дел од мене. Како одговор на реалноста која ме опкружува. Од тинејџерски години го следев стендап-от во Америка, (преку социјалните мрежи), но некако знаев дека еден ден ќе го правам тоа.
Ги замарав сите околу мене дека сакам да правам стендап во Македонија, кој ме бодреше, кој велеше – кај нас стендап тешко. Може беше тешко, на почеток, ама сега стендап комедијата е дел од нашето секојдневие.
На факултет професорот ми даваше литература која би можела да ми помогне, имав обиди за правење стендап на ФДУ … и некако патот сам се градеше до мојот прв настап во 2011-та година. 2011-та година 21 мај во кабаре „Лектира“ сцената ја осветлија малите рефлекторчиња и се случи првиот настап. Присутни 300 сведоци. Им правиш на луѓето да се смејат. Испомешани чувства, несигурност, бунтовност, искреност, наивност, радост, се во едно. А потоа уште неколку настапи, па почнаа клиповите и веќе цела Македонија беше претесна, па балкански фестивали, турнеи.
ЖМ: Во моментов сте среде турнеја со наслов „За Македонските работи“, колку сте задоволен и како ве прифаќа публиката?
- Од 7-ми Октомври (Тетово), па до 5-ти Декември трае турнејата, од овие настапи до сега сум презадоволен, уживаме да се забавуваме на македонските работи. Прво самата посета на градот е посебен настан. Снимам специфични кадри од градот. Сакам да ги истражувам локалните култури. Македонија е мала, а толку различна. Да ти е ќеф едно кафе да пиеш со домаќинот од тој град кај што сум вечерта. Па почнуваат фотографирање со луѓе (како кога е кампања за градоначалник), па некој ќе каже „Со тебе пораснав“, „Ми ја направи вечерта“, „Ја кажа вистината. Пак да ни дојдеш“. Ми покажуваат фотографии пред повеќе од 10 години кога сме се фотографирале. За по пат ми пуштиле домашен сок, ајвар … Тоа сме ние, Македонците.
Вечерта на настап кога ќе излезам на сцена ги гледам луѓето како уживаат, сакаат да се изнасмеат, малку да им се тргне мислата од секојдневието. И за крај – Аплаузот. Најубава награда за изведувачот. Таа е публиката – единствена.
ЖМ: Освен со турнејата во моментов сте актуелен со интересниот серијал „Фамилијата“ на социјалните мрежи. Многумина верувам може да се пронајдат во некој од ликовите кои сите вие ги создавате и глумите. Како се роди овој проект?
- „Фамилијата“ е проект кој станува дел од мојот идентитет на социјалните мрежи. Од секогаш ме интересирале различни концепти, да им направам на гледачите џебен серијал, да го следат на социјалните мрежи, и притоа можат да влијаат во развојот на сценариото/ликовите. Заедно да создадеме приказна за едно македонско семејство – ух супер. Ај да пробам.
Ја снимив пробно првата епизода, и се роди. Нема назад, следуваше следна епизода, па следна. и во еден момент се појавија сите ликови кои се околу нас, а некогаш ние сме некој лик од серијалот.
Ова пред десет години беше невозможно, но денес со сите технологии кои ги имаме на располагање. Успеваме да создадеме приказна која многу ја сакам. Кога ќе заврши турнејата, продолжува животот на Жана со сите членови на фамилијата.
ЖМ: На кој последен стендап сте биле кај ваш колега?
- Последно бев, на настап на една млада група на дечки кои почнуваат да работат, но сè уште собираат сила да се појават пред поголема публика. Кога ќе дојде време ќе се претстават пред сите, до тогаш сме тука да им дадеме поддршка. Секогаш ми се интересни младите кои почнуваат, сакам да им одам на нивните настапи, зашто тогаш ја има искреноста и жарот со кој сакаат да се претстават пред публиката.
ЖМ: Обично вие ги смеете другите, но што вас може да ве насмее?
- Син ми, Огнен е тој што ме смее. (8 и пол години има) Поставува смешни прашања за светот, опседнат е со државите и со меѓународната политика (се смее).
ЖМ: Што е со театарската сцена, дел сте од ансамблот на Битолскиот театар, колку сте активен таму?
- Веќе десет години сум вработен во Битолскиот театар, играм и режирам претстави. На репертоарот имам 5 активни претстави во моментот. Освен стендап комедијата која е моно – форма, во театар исто така ја развивам оваа форма на еден изведувач, ја играм втората монодрама „Железно небо“. Предизвик ми се камерните форми на претстави, зашто публиката е тука до тебе, и мора многу веродостојно да се игра. Театарот е мојата базична професија – секојдневно сум во истражувачка мисија (читајќи текстови, ги посетувам и претставите на другите театри), се со една цел – како да се направи магија на сцена која ќе им отвори пат до сонот.
Театарот е местото каде може возрасен човек да ги оттргне мислите од секојдневието, да си отвори нови прашања.
На 14 Ноември Битолскиот театар слави 80 години од постоењето, тоа е театарот каде прв пат во слободна Македонија јавно се проговорило на македонски јазик, ја подготвуваме „Ѓоре Магаревски“ од Владо Малевски, тоа е првиот текст кој се поставил на сцената на НТБ пред 80-години. Сега публиката може да види колку работи се промениле после 80 години.
ЖМ: Роден и прооден во Битола. Дали денот го започнувате со утринско кафе на Широк сокак или во бифето на театарот?
- Првото кафе се пие на Широк сокак со Фоја (другар, писател и визуелен уметник), тогаш градот се буди, се разменуваат идеји за проекти, а второто кафе е во бифето на театарот, па почнува пробата. Како што може да се види дека Широк сокак мора да „отвори“ многу рано, за да ги подготви кафињата, за битолчани да ги дадат сите критики на светот за тоа како да се функционира и што било погрешно во градот, државата, светот.
ЖМ: Интересна анегдота за Битола е дека скоро сите имаат прекар, па имате ли вие?
- Немам прекар, низ градот тој што не ме познава ќе ми се обрати со Глумец. Ама не е прекар тоа. Прекар е и радост и проклетство во еден град како Битола (се смее).
ЖМ: Кога работните ангажмани завршуваат во текот на денот, тука на сцена настапува семејството. Колку сопругата ви е поддршка, знае да ве искритикува, да ве пофали?
- Не треба некој да ме искритикува, јас сум многу самокритичен, зашто моето мерило во животот воопшто, не само во работата сум си самиот јас. А најтешко е кога се бориш со сам себе. Верувам дека секој си има свој пат, не ги доживувам колегите како конкуренција туку како браќа по оружје. (Што би рекол Горан Стефановски).
Тука е Анета да ми даде поддршка во новите проекти и новите налудничави/ невозможни работи заедно да ги оствариме. Реално ако не е Анета да ми даде поддршка јас тешко функционирам сам. Кога е таа тука, топло ми е, сигурно.
ЖМ: Како се запознавте со сопругата, како започна вашата љубовна приказна и со што таа ве освои?
- Со Анета се запознавме, една вечер (2010-та година) во „Лектира кафе“ (сопствениците се наши пријатели), Ноември, студено во Битола како никогаш. Во детали ја памтам вечерта. И од тогаш ти се смирува душата, не луташ, знаеш дека си со некој поврзан, и во арно и во лошо (што би рекле старите). Многу е едноставно кога ќе ја најдеш личноста, тоа е некоја размена на енергија.
Анета е директна, искрена, и добро се држи штом е со мене, зашто често пати периоди од живот се хаотични, работејќи на повеќе проекти и постојано со нови идеи за што е следно што во нашето семејство, дали се тоа проекти, инвестиции, планови за живот.
Родители сме на Огнен, од таа вечер кога дојде на светот, имаме одговорност не само за нас, туку за уште една личност која треба да и помогнеме да стане добар човек. Зашто тоа е најважното, денес. (сè уште си верувам во некои вредности кои ми ги дале родителите).
ЖМ: Каков родител сте, строг, попустлив?
- Заедно со Анета мора да менуваме улоги често пати, но Огнен е такво дете, кое не бара многу строгост и дисциплина. Во овој материјалистички свет и бескрупулозно презентирање на дечињата да бидат она што се желбите на родителите, за мене е неприфатливо, да му дадам толкав товар на дете кое допрва треба да расте, да се развива и да си го пронајде својот автентичен порив за негов животен избор. Со казни и строгост, само им калапиме фрустрации на децата кои после кога ќе бидат возрасни, ќе им требаат години да не чувствуваат вина за работите што ги прават.
ЖМ: Непроценливо е времето поминато со семејството. Па што најчесто правите семејно, прошетки, игри по дома …
- Имаме семејни ритуали, (пиеме топли напитоци и слушаме музика, нешто слично како што прават во Шведска, само кај нас топлите напитоци во зима
се топла ракија и греено вино). „Топлите“ викенди сме во Преспа, жално дека езерото пред очи ни заминува. Ама таму сме, си го сакаме преспанското езеро, таму ни е мирот и собирање на сончеви зраци периодов.
ЖМ: Колку често знаете да ја замените сопругата во домаќински работи … дали знаете да вклучите машина за перење алишта?
- Уф, машина за перење алишта не, (многу програми има, да не измешам нешто, ја оставам таа обврска на Анета), ама машина за садови, да.
ЖМ: Како стоите на тема кулинарство?
- Е кулинарството ми е јаката страна (се смее). Готвам се, од јадење за Огнен, до вечери и специјалитети за гости. Пола од интернет ми се рецептите, а пола од имагинација да се спои неспојливото (па нешто и сам си јадам, сепак се не се комбинира) (се смее).
ЖМ: Кое јадење најдобро знаете да го подготвите?
- Погача „слоново увце“, Зелник/мазник. Кифли (рецепт-меки кифлички за пречек на гости), тестенини, во повеќе варијанти, но сепак би го издвоил Топеното сирење. (варијантите се во зависност од тоа што има во фрижидерот) (се смее).
ЖМ: Колку често знаете да и приредите изненадувања на сопругата?
- Анче ти купив едни чизми, Чизмии?? Чекај број, дизајн???? (Многу сум среќен што на крајот и се допаѓаат работите што сум и ги купил) или – вечерва ќе мора да одиме во Србија на неколку дена, спремај се, тргнуваме (се смее) Анче што мислиш да направиме домашно вино??? Вино? Супер. Е па штом е супер, слегувај долу, стигна тракторот со грозје да го туриме во бурето.
Габриела Додевска Глигоровска