Македонската килибарна ракија: За консументи со префинет вкус

„Гевгелиска дестилерија“ се занимава со производство на квалитетни алкохолни пијалаци со единствен и префинет вкус.

Приказната на Гевгелиска дестилерија започна пред многу години, како сон и визија на Александар Попов, претприемач и ентузијаст, чија желба беше во родниот крај да создаде бренд кој ќе го стави гевгелискиот регион на светската мапа на производители на алкохолни пијалаци со врвен квалитет.
Препознатливи се по ракијата која е направена на врвен начин, а воедно претставува и заштитен знак на брендот. 

Гордион Амбер е ракија која е уникатна... За неа и приказната за Дестилеријата ни ја раскажува Александар Попов.

ММ. Уникатниот производ има и уникатно име - „Гордион Амбер“. Како настана името на првиот производ на „Гевгелиска дестилерија“?

- Името на нашата гордост „Гордион амбер“ асоцира на неговото географско потекло, односно на Гортинија - старото име на Гевгелија, добиено по кралот Гордион. Втората асоцијација е килибарната боја по која е препознатлива нашата ракија.

ММ. По што е најпрепознатлив производот? Дали има посебен начин на создавање?

- Килибарната боја секако, но за да се стигне до неа клучни се неколку елементи што се обидовме да ги споиме во нашата крафт ракија. Потеклото или сончевите зраци на југот, благата медитеранска клима, вековната традиција на гевгелискиот регион и мирисот на автентичното македонско грозје, со префинет вкус. Во производството користиме двојна дестилација на младо вино, според прецизно дефинирана и нијансирана рецептура, во традиционален аламбик казан. Притоа користиме внимателно селектирани сорти грозје од прва класа, кои се одликуваат со здраво зрно, соодветен број шеќерни единици, правилно оформен грозд и без дополнителни примеси. И крајно, подеднакво важно, за Гордион Амбер се користи исклучиво срцевината од дестилатот.

ММ.Како би го опишале вкусот на Гордион Амбер? Што е она што го прави специфичен?

- Гордион Амбер е висококвалитетна craft ракија за конзументи со врвен и префинет вкус. Се одликува со привлечна и мека арома на ванила. Тоа, меѓу другото се должи и на начинот на чување во буриња изработени од стогодишно француско дабово дрво што на ракијата ѝ дава дополнителен луксузен шмек. Може да се пие и со и без храна. За гурманите, препорачуваме го комбинираат со апетисани или комбинација од пршута и овошје како диња или суви урми.

ММ.Која е вашата целна група потрошувачи и дали Гордион Амбер е пијалак во кој може да уживаат и дамите?

- Гордион Амбер е пијалак за луѓе со изграден вкус, за љубопитни и за истражувачи на нови дестинации. Ние, а сега веќе и нашите верни потрошувачи ја дефинираме како пијалок совршен за after work дружба со колегите или вечерно опуштање со пријателите. Ние сме убедени дека дамите особено ќе уживаат во нашата ракија, бидејќи се одликува со мека арома и префинет шмек. Всушност, кога размислувавме за вистинските обожаватели на Гордион Амбер, размислуваме за луѓе кои знаат што сакаат, за оние кои консумираат одговорно и со стил. Ние милуваме да кажеме дека добрите пијалаци се пијат во мали количини.

ММ.Кажете нѝ нешто повеќе за Гевгелиска дестилерија? Како дојдовте до идеја да се занимавате со производство на ракија?

Приказната на Гевгелиска дестилерија започна пред многу години, како сон и визија во родниот крај да создадеме бренд кој ќе го стави гевгелискиот регион на светската мапа на производители на алкохолни пијалаци со врвен квалитет. Сонот почна да станува реалност во 2016 година кога ги купивме првите лозови насади во околината на селата Моин и Ново Којнско. Наредната година, произведовме мали количини ракија и истите ги созреавме во дабови буриња. По созревањето повикавме неколку дегустатори да направат евалуација на нашиот производ. Ракијата беше одлична, со автентичен вкус и арома, а реакциите на дегустаторите исклучително позитивни. Ова беше мотив да инвестиравме во изградба на модерен капацитет и опрема, со цел и мисија да произведеме традиционален производ – craft лозова ракија без додадени вештачки/синтетички адитиви и без конзерванси. Ракија која не содржи екстракти за ароми и вештачки супститути на шеќер. Нашиот концепт не се темели исклучиво на производство и продажба на ракија. На нашите купувачи им нудиме комплетно искуство, кое вклучува дегустација во нашата дестилерија, запознавање со процесот на производство, уживање во прекрасното природно опкружување и еко-просторот на кој е лоцирана Гевгелиска дестилерија, како и разгалување на сетилото за вкус со совршена органска храна и врвен пијалак. Нашата визија е Гевгелиска дестилерија, покрај производствен капацитет, да стане и едукативен центар за млади дестилери, како и омилено место за „дегустаторски“ туризам во едно од еколошки најчистите места во Европа.

ММ.Од каде го научивте процесот на создавање на ваквите уникатни производи?

- Лозјето е земјоделска култура со долга традиција на одгледување во Гевгелија. Речиси секое второ семејство има мала винарија или казани за прозиводство на вино и ракија. Тоа е вештина што се пренесува од генерација на генерација. Токму на тоа и сметавме кога во нашата работа ангажиравме и дел од локалното население, што пак влијае и на економската слика или на зголемување на вработеноста во регионот. Тука пред се’ мислам на нашите вработени од околните села Моин, Миравци, Ново Којнско кои гравитираат околу локацијата на Гевгелиска дестилерија. Нашата цел е овие луже кои обично работата во сивата зона, да бидат соодветно доедуцирани, бидејќи се клучни за ваквиот тип производство. Затоа, Гевгелиска дестилерија станува добар пример за спој на традиционалното производство карактеристично за гевгелискиот регион и специјализираната технологија во која исто така вложуваме сериозни средства.


ММ.Споменавте дека „Гордион Амбер“ зрее во француски дабови буриња. Зошто е тоа важно, со што се одликуваат овие буриња?

- Нашите експерти – врвни енолози го избраа дабовото дрво, поточно француското дабово дрво постаро од 100 години, кое додава вредност на производот. Станува збор за начин на чување на пијалокот кој е стандрадизиран во голем број врвни дестилерии во европските земји кои имаат долга традиција на производство на алкохолни пијалаци. Дополнително би сакал да нагласам дека целиот процес на производство на нашата ракија е според стандардите на Европската унија.

ММ.За виното се вели дека со годините е сè поубаво. Дали истото важи и за ракијата?

- За нас во „Гевгелиска дестилерија“ правењето ракија не е занатска рутина. Напротив, целиот процес го доживуваме како своевидна уметност. Се разбира, постојат јасни и строги правила и рецептури, но за да добиете врвен пијалак мора да внесете и доза уметност. Вусшност, тоа е она што ги разликува врвните од просечните пијалаци. Дел од таа постака е и чувањето односно „зреењето“ на нашата ракија „Гордион Амбер“ во француски дабови буриња. На пример, за да ги пласираме првите количини ракија на пазарот, тие претходно три години се чуваа во овие специјални буриња. Ракијата, како и виното, си има специфичен процес на производство и на чување на готовиот производ и тоа е нешто што мора во целост да се почитува доколку сакате на потрошувачите да им понудите вистинско задоволство.