Мамо, прости ми
Мајка ми беше цврста како карпа, со душа нежна како свила. Мудроста беше нејзина најголема доблест. Како мајка на три ќерки, имаше ставови и не попушташе. Тогаш мислевме дека е тврдоглава, но сега знаеме дека тоа било за наше добро. Со погледот ни ги читаше мислите и ни го разоткриваше срцето. Се чудевме како може сѐ да знае за нас, без да прозбориме. Затоа никогаш не се осмеливме да ја излажеме. Двете сестри ѝ го исполнија сонот - беа мамини ќерки по нејзин терк. Јас бев спротивното. Избегнуваше да ме критикува. Но, кога ќе го преминев лимитот, ќе се исправеше пред мене и без врескање, достоинствено ќе ми „плеснеше“ сѐ во лице. Еден таков настан се случи неколку дена пред Осми март. Имав 12 години. На празникот, кога ѝ го дадовме подарокот, само ѝ подадов рака. Бев се уште лута. Згрешив ли, што ги бранев своите ставови и сакав да ја убедам да ги прифати?
Дури, после многу години собрав храброст да ѝ речам: „Прости ми, мамо, што тогаш не ти посакав среќен празник и не те бакнав.“ Ми прости, зашто знаеше дека 50 проценти од нејзините гени ги наследуваат ќерките. Ми прости, зашто знаеше дека кога разговараат две личности цврсти како карпа, со душа нежна како свила, нема ниедено камче да се одрони и да застане на ничиј пат.
Денес на 8 Март, ќе ве прашам дали се пронаоѓате во следната комуникација со вашата мајка?
Се јавувате и ја прашувате како е, а таа ви одговара дека не се чувствува добро, сѐ ја боли од времето.
- Аман, мамо, мене уште на овие години сѐ ме боли. Уморна сум, сон не ме фаќа...
Одите да ја посетите и таа се присетува на некоја случка од минатото, а вие ја прекинувате: „Аман, мамо, главава ми е преполна со глупости, луѓево полуделе, на работа хаос, децата сѐ нешто бараат....
Сака да ве подучи околу грижата за децата и домаќинството. Без да ја сослушате до крај ѝ велите: „Аман, мамо, доста со совети. Ова се други времиња. Знам како...“
А може ли да биде поинаку?
Кога ќе ви рече дека се ја боли, да ѝ појасните дека тоа е рефлексија на годините, на измаченоста од животот. Да ја сослушате и да ѝ понудите да ја однесете на контрола.
Може ли да не ја третирате како „здодевна старица“ и да уживате заедно во нејзините спомени, додека тивко и со насмевка ви ги открива?
Прашајте ја за рецептот од нејзиното јадење кое сте го обожавале како дете. Да ја потсетите дека била вредна домаќинка.
Горчливиот вкус од таа случка со мојата мајка, која повеќе ја нема, ќе го чувствував и денес, ако не ѝ речев: „Мамо, прости ми.“ И, ако таа не ми одговореше: „Прости ми и ти, ќерко.“
Затоа, додека не е доцна, одете кај вашите мајки, разговарајте со поголемо трпение. За нив највреден подарок ќе биде ако ѝ кажете: „Мамо, прости ми.“
Соња Алексоска Неделковска