Дипломирала филозофија, сонувала за злато на светско во кик бокс, сега ја обединува екс Југославија преку дизајнот: Марија Костовска за Женски магазин
Марија Костовска од Скопје дипл.филозоф, натпреварувач во бокс и кик бокс и дизајнер. Воопшто не сонувала дека еден ден ќе дизајнира туку дека ќе освои златен медал на светско во кик-бокс. Подготвува проект инспирирана од корона пандемијата во кој ќе се обединат девојки од поранешна Југославија. Целта на она што го крои а чија премиера ќе ја видиме на крајот на месецов е да не ја изгубиме насмевката, која е виножито во овој свет, која како што вели нашата соговорничка има моќ да го обои и обедини овој црно-бел свет.
Со Марија зборуваме во денешното интервју.
*Подготвуваш интересен проект во кој ќе се обедини екс Југославија во една Црно-бела приказна, преку шест девојки. Како ти дојде идејата за овој проект?
-Целава ситуација со Корона, мораме да признаеме не потресе сите. Речиси и да не познавам човек кој не изгуби барем некој свој близок. Луѓето се почесто го губат оној свој ведар дух и позитвно размислување. Како и би го имале кога се плашат за себе и за своите најблиски. Но, како што и Владо Јаневски во својата песна вели - Ме имаш мене и гушни ме, што и да е ќе помине, така знам дека во овие моменти обединувањето барем за момент или преку едно кратко видео е нешто што ќе ни ги стопли срцата и ќе ни ја врати надежта и секако насмевката.
*Кажи ни подетално за проектот-која е целта?
„Your Smile is a rainbow in this black and white world!'
Како што гласи и самото мото во овој мој проект: Твојата насмевка е виножито во овој црно-бел свет. Целта е да не ја изгубиме насмевката, таа е виножито во овој свет, таа има моќ да го обои и обедини. Честопати е многу тешко да ја искривиме таа блага линиjа која ги спојува двете усни, особено во оние мигови кога очите ни се полни со солзи. Но таа линија има преголема моќ и прави чуда во овој реално црно-бел свет. Знаете, порано тој црно-бел свет беше само во телевизорите бидеjќи не бeа толку напредни, но реалноста била друга. Во овој 21 век за жал телевизорите се во боја бидejќи технологијата е доста напредната, но светот мораме да признаеме е нешто сосема дрго.
За овој проект, кој едвај чекам да го објавам на 31 август, а пошироката публика ќе дознае тогаш, дизајнирав маички, здолништа, накит и додадов декоративен сегмент на класичните стартки, оние од време на Југославија (се смее)...
*Кои се девојките кои ќе земат учество?
-Девојките меѓу кои сум и јас, се девојки со своја професија, и идеал. Подобро би ви рекла се работи за 6 девојки кои го негуваат виножитото во себе (се смее) . Секоја една од друга толку различна а сепак во секоја од нас има нешто исто. Интересен, и за мене многу драг момент, е што можеби и да сме 7 девојки во видеото или 6 девојки и еден дечко. Но, тоа мало ангелче е сѐ уште со скриен пол. Мене ми е особено драго што ете случајно имавме среќа да имаме и идна мамичка во видеото.
Значи, девојките ќе ја претставуваат својата држава, односно во секоја држава Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Македонија, по една девојка ќе направи видео на песната „Црно-бел свет“ со црно бела блуза на која пишува Твојата насмевка е виножито во овој црно бел свет и ќе носи бело или црно здолниште.
*Раскажи ни која е Марија Костовска. Како од такмичар во бокс и кик бокс се роди твојата љубов кон дизајнот, дали беше твој сон уште од мала?
-Која е Марија Костовска, тешко е да збориме сами за себе, затоа ќе ја спомнам мајка ми која вели дека сум се родила со насмевка. Јас сум таа, не знам како би си го замислила денот или животот без таа крива линија на лицето која прави чуда. Сестра ми често вели главното прашање кое е мистерија е дали Марија гледа кога се смее, бидејќи очите ми се накосуваат. Луѓето кои ме познаваат ме знаат како таква, јас дури и често имам навика да не се потпишувам со име доколку испраќам нешто како подарок или порака, само пишувам смајли, тие веќе знаат за кој станува збор. Но, да се разбереме далеку од тоа дека сум секогаш со позитивен и ведар дух, си имам и јас лоши моменти како секој нормален човек, но и во тие моменти се трудам да е тука таа насмевка или да останам јас, јас.
*Сонуваше ли дека еден ден ќе бидеш дизајнер?
Да бидам искрена како малечка не сонував да бидам дизајнер. Сонував дека сум со златен медал на светско во кик-бокс.
Но, некогаш судбината или животните околности го вртат нашиот живот за 360 степени. Тука е најважно да се држиме за виножитото цврсто, во спротивно не проголтува оној црн дел од овој црно бел свет.
Во мојот живот најубавите работи се случуваат случајно и искрено. Така и дизајнот стана дел од мене, сега и не би можела да го замислам животот без истиот.
*Дали дизајнот е твоја примарна професијa
*Да сега е тоа дизајнот, започнав и како тренер на кик бокс на мали дечиња но примарна професија е дизајнот.
Со дизајнот за прв пат се сретнав сосема случајно пред две ипол години, љубов на прв поглед би рекла. Знаете она чувство кога знаете дека тоа е тоа. По желбата иде работа без тоа нема успех, па така наизменично одев на курсеви за теорија и на пракса.
Морам да признаам дека сум среќник што имам среќа да го работам тоа што навистина го сакам.
*Од каде црпиш инспирација за креациите?
-Целата инспирација ја црпам од фантазијата, кога истата ќе ја ослободите, просто не можете да ја сопрете, но тоа што таа може да ни го покаже е неописливо волшебно и прекрасно.
*Како ти минуваат деновите во пандемијата, што правиш во слободно време, што те мотивира?
-Креирам, создавам, вежбам, слушам музика и сакам да сум опкружена со позитивни луѓе.
Ирена Ставрова