Маријана ќе стане баба, се радувам и се плашам за неа: Росана за сестрата близначка
Пејачката Росана Сариќ- Тодоровска го прифати популарниот предизвик на Фејсбук и постави две постари фотографии од неа и од својата сестра близначка, Маријана. „Погодувајте која е Маријана, а која Росана“, напиша Росана до сликата од детството.
Сестрите близначки чии песни „Признавам“, „Едно срце имам душо“, „Стој“, станаа евергрини се немаат видено од минатото лето кога Маријана која долги години живее во Австралија беше во Скопје. Росана на својата сестра ѝ ја посвети песната „Спомени“ на ланскиот „Макфест“. Оваа песна чиј автори се Александар Митевски и Бобан Василевски беше враќање на Росана на фестивалската сцена по десет години пауза. Придружните вокали на студиската снимка ги испеа токму Маријана.
„Маријана е исплашена за нас, а јас сум исплашена за неа“, вели Росана Сариќ- Тодоровска за својата сестра со која редовно се слуша.
„Оваа година нема да може да дојде во Скопје. Не само поради состојбата со вирусот, туку затоа што за прв пат ќе стане баба од синот. Многу се радувам за неа“, сподели Росана убава вест за семејството. Според она што ѝ го пренесува Маријана во разговорите, состојбата во Австралија како што вели Росана е страшна како и кај нас.
„Таа е на боледување од работа, и кај нив е страшно. Сите луѓе се многу исплашени, и тоа како се придржуваат на препораките и се во страв, за тоа како целата состојба ќе се одвива од ден за ден“, ни раскажа Росана која неколку години работи во книжарницата „Култура“ во Скопје. Маријана во Мелбурн работи како стоматолог.
И Росана, како и сестра си во овој период не оди на работа.
„Ние сме дома и секој си наоѓа по некоја занимација. Диетата сега отпаѓа, малку повеќе јадеме, хахаха. Читаме книги, готвиме, ги расчистуваме плакарите, гледаме ТВ, си играме со нашето милениче. Денес не е херојство да излезеш надвор кога е забрането. Херој ќе бидеш ако останеш дома и ги почитуваш препораките. Сама така сите заедно ќе успееме да го понедиме овој невидлив непријател“, ни ја пренесе Росана својата порака.
Таа нагласува дека е важно да имаме самопочит и разбирање за доброто на сите. „Да им се заблагодариме на сите здравствени работници, на полицијата, на војската, на сите вработени во продавницирте за храна, кои се несебично на првата борбена линија и се грижат за сите нас. Да им помогнеме на нив за да можат тие полесно да ни помогнат на нас“, додава Росана.
М.Џаровска