Ме оперираа неколку денови по свршувачката, сега малите движења за мене се огромни: Искрено со Ангела Здравковска

Добивај вести на Viber

Пејачката Ангела Здравковска, која по професија е магистер по право на интелектуална сопственост, секој нов ден се повеќе ѝ се радува на како што вели новата Ангела, која ѝ се случи по здравствените компликации.

Само неколку дена по нејзината свршувачка, Ангела под итно заминала на операција на главата, поради абсцес на мозокот, проблем кој морал оперативно да се отстрани. По две години борба повторно да застане на нозе, таа денес самостојно се движи и вели дека му се радува на секој нов чекор.

Шарматната беровчанка искрено раскажа за целата нејзина приказна која ја направила нова и посилна личност, а се присети и на почетоците на својата кариера, во шоуто „Мак ѕвезди“ кај Драган Вучиќ на кој со љубов се сеќава.


*На социјалните мрежи храбро објави дека по две години, конечно можеш самостојно да се движиш. Што се случи, каква интревенција имаше која ти го оневозможи движењето?

-Да, за жал ние со тебе не успеавме претходно да допреме во јавноста со музиката и професионалното искуство надвор, но ова н è спои, Кој парадокс нели?  На крај, секое зошто си има свое затоа што и еве сме. Хаха

Да, јас решив јавно да си говорам за својата состојба, пред с è да ја прифатам самата, за да се доближам до луѓето и со тоа да ја подигнам свеста за трауматски повреди на главата и состојбите пост траумата. 

Пред две години имав интервенција - операција на глава, абсцес на мозок проблем кој за жал мораше оперативно да се отстрани.

*На кој начин и во кој момент дозна за оваа дијагноза?

-Бев на тим билдинг во Грција. За 24часа почувствував главоболки како мигрена. Почна да ми пречи светлина, гужва, галама. После два дена ме однесоа за Штип и ме хоспитализираа. Мајка ми беше таа која ме дијагностицира кога се покажа на магнетот, таа е општ лекар.

*Како дозна дека мораш да го направиш тој чекор (операцијата) како реагираше во тој момент?

-Искрено, не се потресов (можеби не бев свесна во моментот што ме чека понатаму), сепак после 2 месеци по болници знаев дека тоа е решението, а и ми се живееше. Знаев дека имам уште многу да придонесам тука и не сакав да се предадам туку така.

Моите беа многу повознемирени од мене зашто го знаеја исходот. 


*Како течеше и како сега тече закрепнувањето, што во моментите кога беше најтешко најмногу ти даваше сила дека повторно ќе ѝ се вратиш на старата ти?

-Од срце ви кажувам, не ја сакам старата јас. Таа ме донесе тука. Сакам нова Ангела, многу посилна, таа што највеќе ќе се сака себеси и себеси ќе се стави на прво место. 

На почеток прифаќањето беше најтешкиот чекор. Кој ќе ме види, како ќе изреагира кога ќе ме види, зошто тоа мораше да ми се случи само неколку денови после мојата свршувачка … тоа се еден куп прашања на кои во тој момент никој не можеше да ми даде одговор. 

Почнав да читам повеќе за плацебо ефект, за себесакање. Имав една армија луѓе позади себе, внука ми Јана и се имав себе, таа која живее втор живот и која ќе ја искористи шансата да биде најдобрата верзија од себе. И тоа е доволно. Од тука почна промената, малите движења (но за мене огромни). Тоа е процес кој сèуште трае, знаете, ме научи барем на трпение, иако имам уште многу да учам, јас верувам во него (во процесот).

*Како си сега, како гледаш на деновите во изминативе две години?

-Се чувствувам одлично. Почнав да се движам сама, пазарувам, готвам, си играм со внука ми, шетам низ Берово (моето најубаво), дури и играм и пеам. Јас сум благодарна на с è што ми се случи. Му благодарам и на Бог Исус Христос кој ми помогна да стигнам до тука во кој силно верував и со кој до крај остануваме во истиот тим. Ги видов најубавите луѓе околу мене, се простив со луѓе од минатото, се вљубувам секој ден во себе. Станав трпелива и среќна личност. Во животот никаде не се оди со брзање, се оди со мудрост, разбирање, трпение. Ете јас тоа го добив на подарок од мојата состојба.


*Те знаеме како одличен вокал, започна во шоуто „Мак ѕвзди“ на Драган Вучиќ, сними неколку песни, а потоа се повлече од музиката. Која беше причината?

-Вучиќ! Колку ми е драго што го спомна, фантастичен човек!

Во 2015 заминав од Македонија и две години живеев во Шпанија и Италија работејќи во европски агенции, едната за интелектуална сопственост во Аликанте, а другата за заштита на храна во Парма.

*По претстојот во Шпанија и во Италија, се врати во родното Берово. Раскажи ни ја малку подетално и таа приказна.

- Да, како што спомнав работев таму како практикант во Агенцијата за интелектуална сопственост. Тоа можеби ми беше животниот сон, во тоа време, да работам и живеам во Шпанија. Таму се развив како личност во секој поглед. Откако ми заврши програмата заминав во Италија и таму останав 8 месеци, зашто Македонија не можеше да почека уште четири месеци, ме фати носталгија и решив да се вратам. И, еве сум денес, на релација Скопје/Берово.


*Што правиш сега, што ти го окупира времето, и како се гледаш себеси откако сосема ќе се вратиш на стариот животен тек? 

Моето време воглавно е исполнето со терапии, вежби дома (вклучително и пеење и играње), здрава исхрана, дружба со најблиските, по една чаша црвено вино од време на време (имам дозвола од лекарот) и Нетфликс кога одмарам. Во “фиока” имам песна од еден маестрален уметник која ја добив на подарок за мојот 29ти роденден и едвај чекам да ја снимам. Инаку во блиска иднина почнувам како член на Советот во општина Берово и не знаеш колку сум среќна за таа нова улога што ме очекува!Како што кажав, назад враќање нема, одам само напред во една НОВА ЈАС!

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива