„Меморија“ промовираше три спота и најави концерт: Перо Камиказа се расплака

Добивај вести на Viber

Секогаш директен и сурово искрен во комуникацијата, Петар Георгиевски Камиказа лидерот на „„Меморија“, на вчерашната средба со медиумите ја покажа и другата страна на личноста-емотивноста. По прикажувањето на новиот спот за темата „За тебе“, во кој во еден миг се појавува и ликот на починатата сопруга на вокалот Апостол Икономов Поце, заплака и со солзи во очите им се обрати на присутните. Споредбата на новинарите со рокенрол дедовците „The Rolling Stones“ кој сè уште се активни со концерти на 80 годишна возраст, го предизвика да се отвори и искрено да прозбори.

-Сум се соочил со смртта неколку пати. Божјата волја била да бидам тука и да продолжам да се занимавам со музика. Не знам до кога ќе траеме, но ќе бидеме активни сè додека сме живи. Ќе создаваме македонска музика. Ние сме бенд низ кој поминале повеќе од 30 члена, но никогаш не сме запеале на друг јазик. Да го чуваме нашето, да ја сакаме Македонија. Голема благодарност на Универзитетот „Скопје“ и ректорот Аце Миленковски, за соработката и создавањето на заедничкиот проект рок-фолк сплетот „Македонски бисери“ – изјави Камиказа кој нагласи дека интенцијата на бендот освен промоција на македонското, исконското е и ѝ хуманата нота.

-На претходниот концерт специјални гости ни беа лицата со посебни потреби. Посебно бев трогнат кога слушнав дека бил присутен човек кој 15 години не излегол од дома. Го запознав неговото семејство и бев гостин во нивниот дом. Парите кои еден Македонец кој живее во странство сакаше да ни ги даде како спонзорство, ги пренасочив во средното музичко училиште во Штип. А тие ни возвратија на прекрасен начин. Учениците направија хор кој изведува сплет од песните на „Меморија“-откри лидерот на бендот.

На настанот присуствуваа пријатели и бивши членови на „Меморија“ како и познати музичари од постарата генерација, а покрај премиерата на видеото за поп-рок баладата „За тебе“, беа јавно промовирани и рок-фолк сплетот „Македонски бисери“, како и преработката на песната „Јано“ од легендарната рок група од 70-ите „Триангл“, снимени во живо на неодамнешниот концерт на „Меморија“ во „Домот на млади“ во Штип.

„За тебе“ е песна чии стихови допираат сечија душа, која за жал и стана посветена на прерано починатата сопруга на пејачот на бендот Поце Икономов, во чија чест лидерот Георгиевски побара од присутните да и оддадат почит со едноминутно молчење.

Големиот солистички концерт во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи во средината на ноември. За прв пат пред претставниците на медиумите јавно беше претставена и новата постава, поточно новиот гитарист на „Меморија“, прилепчанецот Рубин Димкоски кој ги доби сите пофалби за неговото свиречко умеење и енергијата која ја носи во себе и прикажува на сцената.

С.А.Н

Фото: Вангел Тануровски