Место за авантури и знаење за децата – Зошто вреди да го посетите Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево?

Пространа шума, чист воздух и уникатна природа. Малешевијата е можеби еден од најмалку посетуваните краеви во Македонија, и малкумина знаат што се има во овој предел. Нас, патот не одведе во Негрево, село во непосредна близина на Пехчево. Ова село е познато по просветителството, а во одреден период имало и најголем процент на високообразовани луѓе. Таа традиција на пренесување на знаењето и едукација на младите е сочувана и денес. Во некогашната стара зграда на селското училиште денес функционира Едукативниот центар за зачувување на природата. 

Содржините на Едукативниот центар во Негрево веднаш ја заскокоткаа нашата љубопитност, како повторно да сме деца однесени на настава во природа, да научиме нешто повеќе за магијата на живиот свет, на непроценливото богатство кое не опкружува, а кое нечесто го земаме здраво за готово. 

Не пречека Верица Арнаутовска, млад професор по биологија која со голем ентузијазам го води самиот центар. Работата со најмладите целосно ја исполнува, нема ништо поблагодарно од тоа да се едуцираат децата, за уште од најмали нозе да ја засакаат и чуваат животната средина и природата. 

Арнаутовска трпеливо и енергично знае како да ги претстави сите содржини кои ги нуди Центарот, а нив ги има навистина многу. Замената за секојдневието на школските училници е големо освежување и за самите деца кои доаѓаат тука на организирани работилници со практична работа. 

Посетите може да бидат индивидуални или организирани со повеќе деца, а за организирани групни посети препорачливо е претходна најава. Најпрво се запознаваат за тоа на кој начин природата треба да се одржува и негува, а потоа се запознаваат со карактеристиките на регионот и со кои природни убавини изобилува.

Сигурно ќе се изненадите дека во овој крај постои единственото инсектојадно растение. Муволовката е вистински симбол на богатиот биодиверзитет на пехчевскиот крај во тресетиштето Јудови Ливади како специфичен екосистем. Ова ендемично растение ги привлекува инсектите со слатка материја кои се фаќаат во неговата стапицата.

Дознавањето на вакви факти прават да осознаеме колку всушност малку си ја познаваме сопствената земја, уште помалку колку ги познаваме ретките растителни и животински видови кои ги подарила природата. А, во Едукативниот центар во Негрево може да се научи навистина многу. И тоа се должи како на професионалноста на кадарот, така и на модерните и интерактивни алатки за доближување на материјата на дечињата. 

Ако со вашето семејство сакате да го посетите Центарот за зачувување на природата може да очекувате одлична презентација на приказот на сливот на реката Брегалница која извира токму во овој крај. Децата ќе ги научат сите места низ кои поминуваа оваа втора по големина македонска река, како и за нејзиниот рибен фонд, но и ќе дознаат колку човековото влијание врз природата може да биде и негативно. Исто така има интерактивен приказ на пречистителната станица и сите фази низ кои треба да помине водата од реките за да биде повторно чиста и безбедна. 

Со поставените таблети преку видео игри и мултимедијални презентации може да се научи нешто повеќе од приказната за орелот Оли, величествената птица која мигрира од Африка во Македонија. 

Центарот располага со голем двор каде се одржува и настава во природа кога тоа го дозволуваат временските услови и располага со многу елементи за анимација, куќарки и реквизити за настава. 

Ова место заслужува да биде исполнето со детски жагор. Тука, климата е доста блага, надморската височина од околу 1100 метри го прават местото воздушна бања, па затоа покрај за настава може дојдете за да направите и одлична прошетка. За таа цел е воспоставена Патеката на Петко и шумските жители која низ целата должина од околу 2 километри е обележана со едукативно – информативни табли. Патеката е доста рамна и не е тешка за изодување, па нема да биде никаков предизвик и за најмалите дечиња. 

Пехчево и околните села имаат се помал број на ученици, додека пак Негрево е речиси целосно иселено, па затоа и Едукативниот центар се надева декаможе да биде и двигател на самото село, да се обноват селските куќи за развој на еко, рурален и селски туризам со понудата на уникатната природа и локалните деликатеси.

Обиколката на Едукативниот центар трае околу половина час во зависност од возраста и обемот на материја кој ќе се презентира. Било кое училиште, основно или средно, може да организира тура и посета на Едукативниот центар, за да се реализира настава и да се издвои време за прошетка низ прекрасната природа.

Едукативниот центар за зачувување на природата во с. Негрево, општина Пехчево е воспоставен и поддржан од Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од Фармахем - Скопје.

Со продолжен ентузијазам, и посветеност на едукација на децата центарот во Негрево ќе биде одлично место за авантура и учење на нови работи во Малешевскиот предел.


ПР објава