Ми стигаа љубовни пораки на маса, сите ги откачив: Оливер Млакар на 84 години е во одлична форма

Не е политичар, не е ни пејач, ниту актер, има 84 години, во пензија е нешто повеќе од 15 години, а господин е од глава до петици. Сплитскиот весник „Слободна Далмација“ вака го опишува Оливер Млакар, легендарниот домаќин на квиз-шоуто „Квискотека“ и на емисијата „Малите тајни на големите мајстори на кујната“, која ја водеше заедно со Стево Карапанџа.

Во 2009 година повторно се сретнаа Оливер Млакар и Стево Карапанџа и снимија специјално издание на легендарната емисија „Малите тајни на големите мајстори на кујната“

Фото: 24 сата.хр  

„Кога ќе ја снимевме емисијата, ќе се соберевме околу масата и целата храна ќе ја изедевме. Колку емисии за кулинарство снимив, а никогаш не научив да готвам. По тоа прашање сум тотален антиталент“, изјавил Млакар. Тој и сега повремено се занимава со водителство. Го канат како гостин на разни проекти. Пред неколку години беше во Скопје како гостин на една конференција за кулинарство, а на 9 јуни ќе биде водител на хуманитарниот концерт „Тоа е мојата земја“ во Сплит. 

„Квискотека“ ги празнеше улиците.- Млакар како водител на популарниот квиз 

„ Можеби ќе делува нескромно, препотентно, но ако некој не ме препознае, никогаш не ме видел или не слушнал за мене, тогаш јас велам дека во него е  грешката. Тоа е навистина големо чудо. Ако по ништо друго, ќе треба да ме познаваат барем по „Квискотека“ која буквално ги празнеше улиците“, изјавил Млакар во интервјуто за „Слободна Далмација“. Тој раскажал интересни детали и за својата сопруга, Дуња.

„Имаше љубовни понуди, стигаа преку пораки оставени на работната маса. Стигаа и на телефон, преку пријатели, колеги. Но, немаше тука ништо, секогаш постоеше само мојата Дуња. Сите понуди ги откачив во стилот на песната: Залуден ви е трудот, свирачи“, објаснил Млакар. Легендарниот водител открива и дека својата популарност никогаш не ја искористувал, освен кога одел да пазари.

Оливер со сопругата Дуња 

Фото: Дамјан Тадиќ, Кропикс 

„Единствено кога ќе одев во месара, а и денес е така, добивав подобро парче месо. На тоа никогаш нема да му се противам“, открил Млакар. Тој и Дуња се во брак 54 години и имаат две ќерки. Маша по дипломирањето на Кембриџ се омажи во Англија и остана да живее таму, а Ива живее во Загреб. Нејзиниот син, внукот на Млакар има 28 години и е шампион во сурфање. 

„Ме одржува во форма времето поминато со моите миленици, со децата и со сопругата“, изјавил Млакар кој има седум кучиња од расата шнауцер, и редовно оди на изложби за кучиња низ цела Европа. 

Насловна фотографија: Билјана Гаурина, Кропикс