Ми треба одмор од одморот: Искуството на Силвија Митевска кое мора да го прочитате
Неодамна се вратив од летен годишен одмор. Ако може да се нарече одмор летувањето со петмесечно бебе и осумгодишно дете. Нејсе, сменивме средина, дишевме чист воздух, пливавме, се сончавме (читај некои и изгореа), па дури и сведочевме на едно или две романтични зајдисонца. Но, сепак од одморот се вративме поуморни отколку што бевме пред да тргнеме. Како е тоа впрочем возможно? Та нели на одмор се оди за да се одмориш, да се оттргнеш од сите работни обврски и стресни ситуации? Да побегнеш од рутината и од сите оние работи кои низ цела година те притискаат и те задушуваат, правејќи те нервозна, анксиозна, незадоволна? Возејќи се назад кон Скопје, го премотувам филмот на последните две недели, колку што траеше нашиот таканаречен одмор.
Колку само се разликуваат моите летни одмори од пред девет години и сега. Одморот пред деца и одморот пост -деца. Речиси да немаат никаква сличност. Добро, може исто е морето и морскиот воздух, но сѐ друго е различно, поинакво. Тогаш баравме плажи со гласна музика и со многу „народ“, и не ни пречеше што лежевме наредени како сардини на жешката песок. Сега… колку потивка и попразна е плажата, толку подобро. Со голема сенка и плитка вода се разбира. Со еден куп расфрлани играчки околу лежалката; топка за вода, фризби, неколку душеци за вода, гума за спасување, пинг-понг ракети, пиштол на вода, пераи, маска за нуркање, балони за вода (најнов реквизит) и што уште не. Најпрв предизвик е како рано изутрината да стигнете на плажа со сите овие реквизити а да не изгубите нешто по пат. Следен предизвик е да ја скенирате внимателно плажата и да ги одберете најубавите лежалки, ниту преблиску до море (ако имате мало дете никако овие лежалки зашто ќе оди само во вода), но ниту најдалечните, зашто ќе треба да ги надгледувате децата додека пливаат без вас. Намерно ги прескокнувам подготовките за влез во вода зашто ќе ми требаат барем две страници за да ги опфатам во целост а и се тема сами по себе. Конечно, поголемиот го испраќам во вода, на помалото му се приспива. Поместувам лежалка под сенка, го дојам, го заспивам и тамам кога ќе затвори очи некое дете ќе се раздере на цел глас од плажа. Ајде, одново пеење, галење, нишање… целата рутина. Здивнувам дури откако ќе заспие цврсто (будно следејќи го детето што викаше од плажа) и го нарачувам првото кафе, себично уживајќи во неколкуте минути тишина и мир.
Кратко трае, станува премногу топло за помалото и мора под итно да ја напуштиме плажата. И, бидејќи сме родово освестено семејство и домашните обврски ги делиме (сè уште не е идеална поделбата), го делиме и времето поминато на плажа. Со сопругот се менуваме, еден ден јас го носам во соба бебето за да спие во ладовина, еден ден тој. Значи плажа гледаме преку еден ден. Нејсе. И тој што останува на плажа има полни раце работа. Поголемите деца сакаат друштво, па бараат да изнајмите педалинка, кајак, да играте фудбал во вода, одбојка на плажа, да нарачате сокови, сладолед, ручек. По неколку часа дружење си досадиле едни на други па почнуваат да се караат за глупости…моја е топката…моја е маската, врати ми ја, па другиот не ја пушта и вие треба да скокнете во море и да ги разделите. Кроите цела стратегија за да ги смирите, зашто инаку вас ќе ви досадуваат цел ден зашто ќе немаат со кого да играат. Денот поминува, а и вашето слободно време е при крај зашто помалото (наспано и полно со енергија) се враќа на плажа и сака да го шетате, да го анимирате, да учествува во играта на другите деца. Со еден збор- не сака да седи во место.
Набрзо децата огладнуваат, па треба да се планира вечера, но за среќа ресторанот е во близина и не ви се верува дека така лесно и безболно ќе поминете. Но и на маса повторно голгота, тоа сака фаст фуд а вие мудрувате дека треба да се храни здраво, наведувајќи го да нарача риба или морска храна но на крај попуштате и нарачувате бургер со помфрит.
Ете ја и ноќта (делена барем трипати за доење). А пред да заминат во кревет задолжително натегање да се истушираат (секојдневна борба ни е дали да ја измие и косата). Попуштам и тука, си велам ајде здраво е да спијат солени од морската сол. Па и малото иако има само пет месеци како да го разбира брат му, тамам кога ја подготвувам кадата за бањање, почнува да плаче за спиење, одеднаш не може да издржи буден, трие очи и завива на глас… се нервирам но немам сили да се пресметувам со него и го легнувам во кревет. Го стискам до мене, ми мириса на море и на песок, си велам ајде здраво е така, во Скопје и така нема море, нема да биде и таму солен. Заспиваат и двајцата, сопругот преку прозорец ми дава знак да излезам во дворчето, ми ја покажува чашата бело вино, му велам доаѓам за пет минути и му се смешкам. Затворам очи колку да ги одморам и паѓам во кома. Следно што знам ме буди малото за доење во два часот по полноќ.
Ах, да, заборавив да ги наспоменам и останатите хаварии од „одморот“ како: паѓање од велосипед, панично трчање до продавница по стерилни гази и завои, неколку убоди од инсекти, една прележана настинка и две ноќи врескање поради стомачни грчеви (верувам дека цел камп не мрази зашто во пет часот се шетавме меѓу приколки неуспешно обидувајќи се да го смириме), една прележана сончаница, еден удар од топка по глава, два дена црвени раменици, една сочна караница на плажа на грчки јазик околу тоа чија е сенката од палмата, два часа плачење во кола и една врнежлива вечер која ни ја упропасти скарата.
Секако, одморот има и неколку фини доживувања: нарачани три пива на плажа, испиени две чаши бело вино (во ноќите кога не се комирав), многу сладоледи, пици, едно пливање во длабокото од каде можам да го видам целиот морски брег, километарски прошетки околу кампот, утринско џогирање и изигран тениски меч, искрени насмевки (без заби), прегратки и слатки зборови од сопругот, неколку – те сакам мамо, неколку доверени тајни (која му е симпатија во кампот), разговори со пријателките (small talks of courseМ), дваесетина прочитани страници од новиот роман и неколку добиени комплименти на плажа од пријателките.
Ете сме на последниот ден, безволно се пакуваме додека си го подаваме помалото како пинг-понг топче. Не ни е многу жал дека си одиме, туку се секираме за долгиот пат што не чека. Знаеме дека нема да биде лесно. Точно предвидуваме. Помалото вреска до помодрување, одбива да седи во седиштето и сака да го држам во раце, а поголемото се нервира што губи на видеоигрите и мава по Нинтендото. Во заднина по стоти пат се слуша …тен литл манкис џампинг он д бед… Се погледнуваме со сопругот и не знаеме дали да плачеме или да се смееме. Се разбираме и пред да проговориме. Потребен ни одмор после овој одмор.
(Идејата за колумнава е добиена во кола, на пат кон Скопје, кога двете деца изнемоштени од плачење, заспаа на патарина кај Катланово)
За Женски Магазин, Силвија Митевска (јули,2018 година)