Михаил со видео порака ја изненади Татјана: Драга Тања, многу те сакам
Михаил Китановски, партнерот на познатата презентерка Татјана Стојановска ја изненади со видео порака во која ѝ кажува дека ја сака.
Видеото, Михаил го испрати до екипата на „Еден на Еден“ со Жаре. Татјана е гостинка во новата епизода што ќе се емитува во недела од 18.30 на Канал 5.
Михаил за првпат прозборе во јавноста за Татјана, и во видеото зборува каква е Тања наутро. Гледачите и воопшто пошироката јавност ја доживуваат како смирена личност, а Михаил раскажа каква е кога е лута. Во убавата видео порака, тој јавно ѝ се заблагодарува за нештата кои таа ги прави, а нему и на блиските многу им значат.
„Драга Тања, сакам јавно да ти се заблагодарам за балансот што го правиш... Многу те почитувам и те сакам“, е дел од видео пораката што ќе се емитува во недела.
Татјана за Женски магазин вели дека е изненадена од овој гест на Михаил и не очекувала дека и тој ќе се појави во емисијата, но не е изненадена од самата изјава затоа што тој е многу креативен човек, и често позитивно ја изненадува.
„Михаил е мног укреативен и од него многу често добивам позитивни изненадувања. Така што не се изненадив многу од изјавата која ја даде за мене во емисијата „Еден на Еден“. Тој честопати го има изјавено тоа за мене, дека сум балансер во животот. Дека знам да се справувам со луѓето во многу животни ситуации, што секако ми е комплимент. Иако истото можам да го кажам и за него, и за таа тактичност и дипломатичност, која и тој ја има, учам од него“, ни изјави Татјана.
Во претходно интервју за Женски магазин, таа зборуваше за почетоците на нивната љубов.
- Со Михаил сме заедно 8 години, од кои 7 години живееме заедно. Се запознавме на одмор во Турција 2012, каде бевме со децата и таа пријателска дружба премина во врска, а по една година продолжи и како заедничко живеење. Секако поради одредени околности, прилагодувања, не дојде до официјализирање на врската, но заедничкото живеење без формализирање е неформален брак секаде во светот, нели?“, рече Татјана минатата година.
Она што ги поврзало е искрениот однос, заедничките интереси во животот, семејните вредности, грижата за децата. „Секако кај него ме плени и комуникативноста, смислата за хумор, а пред сѐ интелектот, приземјеноста во сѐ. Со еден збор човечноста и емпатијата за секого, секому да се помогне. Грижата еден за друг, поддршката, љубовта и негувањето на сето тоа е она што нѐ спојува“, ни изјави Татјана во интервјуто.
М.Џаровска