Миланка Новеска ја освојува оперската сцена во Шведска: Поради кариерата, со сопругот живеевме одвоено осум години .
Од мала го сврте
вниманието на јавноста, како девојчето со беретката, а со својот моќен глас го
стекна епитетот охридско славејче. На „Детски Евросонг“ ја отпеа песната
„Омилена“, посветена на Македонија. На деветгодишна возраст застана на сцената
со оперскиот пејач Борис Трајанов. Својот вистински блесок пред македонската
јавност го доживеа пред десет години, со маестралниот настап во МОБ, рамо до
рамо со светските музичари.
По едукацијата во Македонија, магистерските студии и успешни настапи во Романија, оперската певица Миланка Новеска (26) се пресели во Стокхолм, Шведска, родната земја на својот сопруг. Стана стипендист на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век. Летово ќе настапува во еден од најстарите кралски театри во светот "Drottningholm Slottsteater".
- Отсекогаш ја обожавам сцената. Довербата и насоката ми ја дадоа Милка Ефтимова, Борис Трајанов, Јасминка Чакар и Христу Христоски Мулар уште од дете. Се потрудија да сфатам дека оваа професија бара посветеност и постојана работа за да се стигне до успехот. Поддршка ми пружија и љубителите на уметноста, бизнисмените Љубислав Иванов Ѕинго и Минчо Јорданов. – вели Миланка, која со голема верба во себе продолжува да чекори по патот на операта.
- По завршувањето на средното музичкo во Скопје, аплицирав на "Кралскиот Музички Универзитет" во Данска и "Националниот Универзитет за Музика" во Романија и добив понуда за стипендија од двата Универзитети. Романското министерство за образование одлучи да ми додели целосна стипендија за изучување на оперското пеење и одлучив да го продолжам образованието во Романија. Паралелно се запишав на факултет за оперско пеење и педагогија и на магистратура. Дипломирав како првенец на генерација. Во меѓувреме работев на повеќе проекти. – вели певицата.
Универзитетот ѝ понудил да остане во Романија и да докторира како стипендист.
Сепак, љубовта кон сопругот и желбата за заеднички живот биле пресудни да ја напушти земјата.
- Моето срце страдаше континуирано, затоа што со мојот сопруг, кој тогаш ми беше свршеник, поради кариерата живеевме одвоено осум години. Иако ја имав неговата целосна поддршка, сметав дека е време да најдеме заедничка локација за живеење. Тој во меѓувреме ги изучи своите студии во Данска. Одлучивме да се преселиме во Стокхолм, Шведска, неговата родна земја. – открива Новеска.
Нова средина, нови предизвици. Решила да се запише на уште едни магистерски студии во најпочитуваниот музички оперски факултет во државата и да продолжи со техничка вокална работа.
- Поради мојата сериозност и работлив карактер бев забележана од колективот на Универзитетот и на нивна иницијатива бев номинирана како стипендист на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век. Фондот ми ја додели стипендијата. Чувството е прекрасно и благодарна сум на целиот колектив, особено на мојот професор Јарослав Калиски од Полска, кој беше главниот иницијатор. – откриваа таа и додава дека периодов покрај свечениот концерт, подготвува уште неколку претстави и проекти.
- Станав член на "Програмата на Млади Уметници" основана во Њујорк и ќе бидам дел од продукцијата на Кармен, со прекрасен тим и "Националната Атинска Филхармонија" во Крит. Со оперската певица и пријателка Јохана Елизабет Мартел често имаме заеднички концерти. Летово ќе работам во продукција на "Самовилската Кралица" од Персел, во еден од најстарите кралски театри во светот "Drottningholm Slottsteater" – посочува Миланка.
Нејзина мисла – водилка е дека со работа и труд секаде може да се успее, а притоа да се негува и семејството. Пресреќна е што има сопруг и семејство, кои ѝ се најголема поддршка.
- Мојот сопруг се вика Роде Новески Густавссон и работи како виолинист и учител по музичка теорија и хармонија. Има и своја фирма за едитирање на музика, а често ми помага и во администрација на моите настапи и телефонска комуникација со заинтересираните љубители на операта. Задолжена сум за маркетинг и одржување на нашата Фејсбук страна Milanka/Rode Noveski Gustavsson. Исто така често одржуваме концерти со класична музика во Стокхолм и предградијата. Се запознавме пред десет години кога бевме дел од интернационалниот летен проект „Пријателство" меѓу неговото средно училиште и моето „ДМБУЦ Илија Николовски Луј". Тој свиреше во оркестарот, а јас пеев во хорот. - открива таа и додава дека по завршувањето на последниот концерт, почнале да разговараат, без да забележат дека изгрева сонцето.
- Останавме во контакт и изразивме желба да се видиме повторно. Роде го обожава Охрид и научи да зборува македонски. Следејќи ги нашите празници и посети на нашата ортодоксна црква, почувствува посебен духовен мир и посака да се крсти во Свети Јован Канео. Неговата крштевка и нашата венчавка ја направивме таму пред две години. Веднаш го додаде и моето презиме. Летово ќе работам и нема да можам да дојдам во Охрид, но тој веќе планира патување за себе и дружење со моите родители. Со баба ми ќе готват полнети пиперки, турлитава и ќе месат зелник. - открива Новеска.
Нивниот заеднички живот исполнет е со љубов и поддршка. За викендите работат на администрација, одат на прошетки и размислуваат за обврските.
- Секој го знае и го следи распоредот на другиот. Одиме заедно на карате. Посетувам и интензивен вечерен курс по шведски јазик.Почнав да се навикнувам на Стокхолм, бидејќи имам многу активности поврзани со операта. Од мала сум навикната на брз ритам и на тој начин си ја пронајдов среќата и тука. Операта е многу почитувана во Шведска. Луѓето обожаваат да си го исполнат слободното време со претстави во живо. – посочува певицата.
Соња Алексоска Неделковска