Многу луѓе вдомија миленици за време на пандемијата, сега ги напуштаат: Тина Мицковска за новата кампања на ЗОО Скопје и ЈП Лајка

Добивај вести на Viber

Скопската Зоолошка градина и ЈП Лајка заеднички започнуваат кампања наречена „Нашите миленици се наше семејство, не ги напуштајте!". Целта на оваа хумана акција во која се работи строго волонтерски е заеднички обид да се едуцираат граѓаните кои чуваат миленици што значи одговорно сопствеништво, низ колкав стрес поминуваат напуштените животни и зошто е добро децата да растат со миленик кој е дел од семејството. Во кампањата ќе се вклучат и наши познати јавни личности кои се љубители на животните, а во следните фази се планирани и часови по емпатија во училиштата каде што како предавачи ќе се вклучат вработени од ЈП Лајка и ЗОО Скопје, како и активисти од здруженијата за заштита на животните. Портпаролката на ЗОО Скопје, Тина Мицковска, која со најголема љубов и посветеност се грижи за животните, детално ни ја објасни оваа кампања.

*Што точно подразбира оваа кампањa, што ве инспирираше да ја започнете?

- Сведоци сме дека во државата честопати се напуштаат милениците и постои неодговорно сопствеништво, а доказ за тоа е големиот број на бездомни мачиња и кучиња. Преку оваа кампања сакаме да ја зголемиме свеста за милениците, за одговорно чување, за придобивките од растење на децата со миленик, но пред се за стресот кој им се случува на животните кога ќе бидат оставени во друга непозната средина. Колку за пример, само во Скопје Зоо минатата година имавме преку 300 барања да примиме зајчиња кои родителите ги купиле за своите деца, па после 3-4 месеци веќе не може да ги чуваат. За овие мали нежни суштества најголем стрес е од домашна топла атмосфера каде што растеле одеднаш да бидат донесени во надворешна средина, каде што има многу зајци кои не ги прифаќаат баш сите новодојдени. Сакаме луѓето да научат дека животните не се играчка, туку кога ќе пристигнат во домот стануваат дел од семејството.

*Напоменавте дека во неа ќе се вклучат и познати личности, како ќе се одвива процесот?

- Кампањата ќе се одвива во неколку фази и планираме да трае подолг период. Ова не екампања за која ќе бидат потрошени парични средства, напротив сите кои сме вклучени волонтерски и со љубов кон животните работиме на подигање на свеста со години. Јавните личности кои ќе се вклучат во кампањата се наши познати музички имиња, спортисти, актери кои се големи љубители на животните, а покрај нив ќе бидат вклучени и оние кои се директно најзасегнати- активистите кои секојдневно на терен спасуваат животни и својот живот го имаат посветено на тоа.

*Дали сметате дека вдомувањето миленици во време на пандемијата стана тренд, во смисла-децата да имаат занимација, а потоа истите тие луѓе ги оставаат кога ќе станат свесни дека грижата е голема обврска?

- Кога започна пандемијата и карантините многу луѓе вдомија или купија животни за да им прават дома друштво на децата во време на изолација. Ме радува фактот што има голем број на луѓе што во време на пандемија за првпат почнаа да чуваат миленици и кај нив се роди голема љубов кон животните. Сега се веќе неразделни со своите миленици и се пример за одговорни сопственици. Но, за жал голем е и бројот на оние кои ги напуштаат милениците во овој период, или пак сакаат да им најдат нов дом. Токму ова сакаме да го спречиме- да не се зема животно дома пред да се размисли дека грижата за него ќе трае со години и бара многу љубов, трпение и посветеност.

*Вашето мислење: за или против стерилизирање и кастрирање на милениците, различни се мислењата на нивните сопственици..

- За стерилизацијата и кастрацијата причините и предностите се повеќе, а најмногу од здравствен аспект како и за спречување на размножувањето на бездомните животни. Кај нас имаме примери каде сопственици ги пуштаат своите кучиња сами да шетаат по улици, тогаш се случува да се спарат и кога ќе се породат дома со 10 кученца, тие завршуваат трагично, фрлени во некоја кеса во ѓубре. Замислете колку е жално, бебенца дојдени на овој свет да се исфрлат како отпад. Хорор...

Пример се и мачињата, 70 проценти од бебињата мачиња завршуваат кобно, со смрт од вируси, напади од други животни или прегазени... Токму затоа треба да се стерилизираат и кастрираат милениците- да го намалиме целосно бројот на бездомни животни, но и да им го продолжиме животот на милениците кои ќе подлежат на ваков зафат.

Сепак за да се спречи напуштање на миленици и да дојде до намалување на бројот на бездомни животни, не е доволно само кампања. Потребни се високи казни за неодговорно сопствеништво, кои се надевам АХВ ќе почне помасовно да ги изрекува и да оди на терен. Без казните и проверките, џабе ни е целиот труд кој го вложуваме сите- во случајов и ЈП Лајка, Скопје Зоо и пред се здруженијата и активистите за заштита на животните.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива