Многу родители одобруваат насилство врз децата: Разговор со Татјана Стојаноска Иванова, професорка

Случајот „Јавна соба“ е уште една потврда за проблематичното однесување на младите, но и за одамна изместените вредности во општеството генерално. Групата со експлицитни фотографии и порнографски сеанси снимени со мобилен на малолетнички која пред неколку дена ја возбуди јавноста, уште еднаш не’ натера сериозно да подразмислиме во кој правец ни талка младината и кој е виновен за лошто поведение на македонските тинејџери.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова од Институт за социологија при Филозофскиот факултет веќе подолго време зборува за потребата од формирање на национална стратегија за борба против булингот-меѓуврсничко насилство, во рамките на кое влегува и сајбер насилството. Таа и нејзините колешки проф. д-р Ана Фрицханд (доктор по развојна психологија) и проф. д-р Елизабета Томевска Илиевска неколку години вршеа истражување за овој тип на девијација и добија фрапантни резултати кои се преточени во книгата „Социолошки, психолошки и педагошки аспекти на булингот-меѓуврсничко насилство“ која излезе пред еден месец и каде се дадени и резултатите од истражувањето, но и препораки за превенција.

- Во последната година група универзитетски професори вршиме обуки во неколку општини, посебно кај наставниот кадар за препознавање и превенирање на насилното однесување кај учениците, ставајќи акцент и на сајбер насилството - открива Стојановска Иванова.

Таа вели дека проблемот е покомплексен и дека не може да се лоцира една причина кога е во прашање дискутабилното однесување на тинејџерите.

- Најпрво треба да се појде од семејството и семејните вредности. Дел од оние кои практицираат насилство и се причинители на меѓуврсничко насилство се деца кои живеат во семејства каде има одреден тип на насилство или каде насилството се одобрува - вели професорката.

Во истражувањето имале ситуации кога сугерирајќи им на родители дека нивното дете учествува во насилни акти, добивале одговор од типот „Е, големо чудо некој шамар удрил“. Според неа родителите не го сфаќаат тоа сериозно, или го прикриваат насилството, поготово во помали средини. Некои родители дури ги тераат своите деца, жртви на насилство да молчат, за да не бидат етикетирани.

- Она што мора под итно да се направи е да се сфати сериозноста на проблемот, родителите да се вклучат во ресоцијализација на децата и во секоја нивна активност и со строги санкции. Станува збор за малолетници и ако не може да го воспитува правилно може да се предложи дури и одземање на родителско право. Треба промена на законската регулатива и строги казни и тоа веднаш казнување и сето тоа со истакнување на медиумите. Исто така и во училиштата во рамките на секој час соодветно да се посвети внимание на процесот на воспитување, стручните служби да се обучат, а и сиот наставен кадар како да препознаат булинг, како да ги третираат насилниците, но и да работат со жртвите - објаснува таа.

Стојановска Иванова уште еднаш апелира да се вклучат Институциите на системот, Центрите за социјални грижи и ресорните Министерства. Нагласува дека треба и посебно внимавање со користење на мобилните телефони, посебен пристап до одредени мрежи, како и да се забранат одредени игри кои продуцираат насилство и агресија.

- На масовните медиуми да не се даваат содржини со насилство, туку содржини кои ќе помогнат културно и вредносно да го изградат младиот човек. Ова што се случува е страшно, терба да се откријат јавно ликовите, да сносат санкции и да се охрабрат оние кои се плашат јавно да проговорат. Во исто време да им се помогне на жртвите со соодветни терапии и личности. Да се дадат позитивни примери и модели за идентификација и имитација на младите. Почести трибини, едукативни емисии и вклучување во општествено полезни работи. Не измислуваме топла вода. Постојат добри европски практики, треба само да ги прилагодиме на нашата културна средина - завршува познатата професорка.

Ѓ.Стојанов