Моден викенд слави полнолетство

Добивај вести на Viber

Од утре до 4 ноември, во скопскиот хотел „Мериот“ , ќе се одржува „Моден викенд Скопје“, кој годинава слави полнолетство. Модниот настан ќе ги донесе најновите колекции на домашни и дизајнери од регионот со темата „Модата како дел од екосистемот, одржлива приказна“. 

Четиридневното модно случување ќе го отвори дизајнерката Лидија Георгиева во „F.A.M.E.’S“ и по повод 20 години од создавањето на брендот ќе ја претстави роденденската колекција „Милион милји време“, утревечер. 

„Скопје Мериот Хотел“ како официјална локација на осумнаесеттиот Моден викенд Скопје ќе биде местото на кое ќе се одржуваат ревиите три дена.

На 2 ноември вечерта ќе започне со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk со капсулните колекции на учесниците и гостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој. Ќе следува модниот перформанс на дизајнерката Ирина Тошева со колекцијата за есен-зима 2018/2019 и несекојдневен концепт. За прв пат на Моден викенд Скопје ревија ќе има и дизајнерката Теодора Митровска со колекцијата “We Are Not Machines”. Посебно изненадување ќе биде модното шоу и креациите на Кренаре Ругова која во Скопје ќе ја донесе колекцијата за која вели дека е работена „користејќи бавна мода за да претстави нови форми на размислување однапред“.

За крајот на првата вечер ќе ја видиме колекцијата „Full of grace“ на дизајнерката Силвија Миха која оваа 2018 година заокружува два нејзини зачајни јубилеи, 20 години од првата самостојна ревија на ФЛУ, како и 10 години од постоењето на нејзиното модно ателје “Алшар“.

По првиот ревијален ден, ќе се одржи забава со познатиот диџеј „Gramophonedzie“.

Во сабота на 3 ноември модна ревија ќе имаат студентите од академијата „Џолев и уметности“. Квалитетот и напредната технолошка доработка се главните императиви при креирање на секое парче накит на „SIGMA“ и на нивната најнова колекција наречена „Future now“. Веднаш потоа за прв пат кај нас ќе ги видиме моделите на „Matrons dresses“ и за крај на вечерта ревијата на Олгица Ѓоргиева и новата колекција „Bridges“ поддржана од „БИСИ“.

Есенското издание на Моден викенд Скопје 2018/2019 ќе го затворат модните парчиња на „error kolektiv“ и нивните три брендови: „Atami“, „Em Ellephantski“ и „[0.10] error of harmony“. Потоа ревијата на Сара Реџиќ и за крај на вечерта Александра Јовановска со ретроспективна ревија и колекцијата „Архетип“ од десет годишното творештво како моден дизајнер.