Модерни врски, осамени луѓе

Добивај вести на Viber

За 4 месеци ќе полнам 48. Оставете ги настрана муабетите дека не изгледам за толку, или ко што би се рекло, баш изгледам добро за годините. Ги имам и си ги осеќам, особено кога ме фаќа спондилозата, кога мензисот почнува да ми се однесува ко маж кој не знае што сака, па те го има те го нема. Си ги осеќам на телото, целулитот, свадбарките и брчките кои уште имаат усул да не се познаваат премногу. Ги носам онака како што си ја носам ташната која личи на онаа од цртаниот Спорт Били, во која ќе најдете се’ што можете, а и не можете да замислите. Си ги сакам оти имам привилегија да кажам оти сум наполнила цели 47 и 8 месеци. Единствено нешто што ми се нема променето тоа е духот и срцето.

Уште сум истата романтична будалетинка која верува во љубов, која е спремна светот наопаку да го преврти за оној што го сака. Верувам дека односот маж-жена може да е совршен микс на љубов-пријателство-страст-па дури и перверзии. Верувам дека за секој од нас постои онаа совршена половина која ќе легне како парче од сложувалка и целата слика ќе добие смисол. Ете, наречете ме наивна во ова модерно време, ама навистина верувам во љубов. Онаа која ќе ме соголи, ќе ме тресне од земја и ќе ме направи сите сетила да ми бидат вклучени на максимум. Веќе имам во песна кажано дека не знам и не сакам да љубам на грамови. Не се откажувам, не бегам од проблеми, не верувам во паузи и одмор еден од друг. Љубовта е одмор, засолниште и полнач на батериите, истрошени од секојдневието.

Наивно, нели? Дури и малку смешно на мои години. Ако, немам проблем со тоа да ми се потсмевате или да ме наречете глупава. Та во денешно време е се’ до толку испревртено што веќе навредите ги земам за комплименти. Значи, не сакам инстант чувства, луѓе, евтини приказни и емоции на грамови. Или се давам или не ни влегувам во нешто. Отворени врски, комплицирани односи, “пријатели” со повремени сексуални средби, за мене се само арчење време и нерви. А да бидам искрена, немам премногу и од едното и од другото. Те љубам? Тука сум, ама сериозно тука. Без изговори, без напнување. Но, не можам да кажам дека немам очекувања оти тоа би било лага. Очекувам почит кон она го го давам и ако ми се изјави љубов, да, очекувам да стои човек зад тоа. Не со зборови, ами со дела. Не со фрази кои напамет ги знам, туку со постапки кои ќе го покажат и докажат тоа.

Многу барам, м? Да, знам. Барам она што во денешите модерни времиња е скоро невозможно да се добие и живее. Страв од врзување, синкир сите тргнавме со синџирчето в раце. Се врзувам сама, со љубовта и не го сметам тоа за ограничување на мојата слобода. А јас без слобода не знам да функционирам. Ми треба исто како воздухот што го дишам и никому не сум ја одземала. Но, сега сфаќам дека за повеќето луѓе слободата не е слобода на духот и волјата, туку слободата се врзува најчесто за оној момент “знаеш те сакам, ама сакам слобода за да можам да се гледам и со други”. Еве, убијте ме ама не го разбирам тоа. Како можам да сакам некого, а да се гледам со други (не зборувам за пријатели, туку за попатни љубовни врски). За мене, мажот кој го љубам е центар на мојот свет. Не ми требаат други да ми кажуваат накитени фрази и да ме величаат. Не ми треба да се докажувам себе каква жена сум, си знам. И тоа со сите мани и доблести кои се неизоставен дел од мојот табиет.  

Има периоди во животот кога човек не сака да е во врска. Поштено. Се кажува и се остава на другиот да одбере дали ќе го прифати тоа или не. Но, кога веќе ќе се изговорат тие волшебни зборови ТЕ ЉУБАМ, е тогаш веќе преземате одговорност кон љубовта и човекот кому сте му ја намениле. Тука нема простор за сакам-не сакам, можам-не можам, ама чекај. Што да чекам на 48?! Не чекам ништо и никого. Дај да пробаме, оти времето врви и кога ќе се одважиме на љубов можеби ќе е доцна. Оти и оние кои чекаат знаат да се уморат. Едноставно, моментот заминува и повеќе не може да се врати. Ко што ми се гледа по муабетов што го терам, ќе си останам сама, м?

Е па, не беше Ленка родена за овие модерни врски, во кои не гледам уживање. Па и кога ќе ми се каже дека сето тоа е само спонтаност, ми се блуе. Демек љубовта не е спонтаност. Од што се плашите побогу?! Не разбирам. Мене ме плаши дека нема да доживеам љубов каква што сакам, а не дека ќе ја имам.

Ме плаши дека сето ова што го гледам околу мене, наликува на се’ освен на дишење и живеење љубов. И кон себе и кон другите. Бегање од емоции со изговори дека не сакам да сум повредена? А кога се живее без љубов, тоа не е самоповредување? Имам толку многу прашања, а малку одговори. И не ви ги сакам модерниве врски. Ама ич. Не сакам лажна заштита од нешто што треба да е релакс, уживање со сите сетила, будење на телото, умот, духот. Не ја сакам осаменоста која ја гледам кај паровите кои наводно се заедно, а не се. Кои се будат и заспиваат едни покрај други, а душите им мирисаат на други тела и бакнежи. Не ја сакам лажната слобода од “заедно сме, ама си бркаме работа”. Во тоа ми нема драж, ми нема спокој и на крајот, ми нема ниту љубов. Изборот на она што го живееме си го правиме сами. Па поарно ми е да сум сама-сама, отколку сама-во пар. Не го можам тоа, не можам психички да го издржам.

И да, старомодна сум. Скроз ретро кога се работи за емоции. Оној кој станува центар на мојот свет, го обожувам. Нема маж кој тогаш може да ме заинтересира, па макар бил и Кијану Ривс (да сме на чисто, тој ми е симпатија одамна). Значи, се’ останато во форма на маж ми е сосем неважно. Немам ни желба да флертувам. Сакам да флертувам и да го заведувам оној со кого сум. Тоа ми е предизвикот. На безброј начини да го заскокоткам на сите полиња. Со разговор, провокација, па и долен веш. И да, ич не сум интересна сега, знам и тоа. Какви се овие глупави муабети за моногамија и љубов кога надвор е се’ на “изволте”.

Сакам љубов...старомодна, потполна, со сите марифети и тертипи. Сакам љубовта да ми е оаза, а не зона во која ќе сум колку да не сум сама. Оти од искуство знам дека нема поосамен човек од оној кој глуми љубов, макар и кон себе.

Љубете...па нека сте и смешни во тоа, ама љубете. Онака како што сакате да сте љубени, ете баш така...со сето срце и душа. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa


Велат оти луѓето ко различни се
Појќе знаат да се засакаат
Тој и таа
Ко ден и ноќ
Ко сонце и месечина
Ко лето и зима
Ама ете
Им се погодило пилињата да им пејат
Еден за друг да си црцорат
И заедно во хор без да се надвикуваат
Та да ти е милина да ги гледаш
За рака фатени ко ветар да ќе ги одвее
Стиснати силно еден во друг
Дури и сенката ко едно им личи
Тој и таа
Тој зборлест до немајкаде
Таа молчелива била
Ама ете
Во тишината таа ќе кажи се’ на душата што и’ лежи
А тој со зборој ѕвездите од небото ќе ги симнува
Оти ниту таа од него ќе бара нем да биди
Ниту пак тој од неа муабети ќе влечи
Ама заедно ко се ко оној дел од денот
Кога и сонцето и месечината се гледаат
Ко денот и ноќта иста боја имаат
Та не знајш дали се стемнува или разденува
Тој и таа
Ко лајче шеќер во вода измешано
Та блажина дава а сепак жед гаси
И не е ко во водата масло ко ќе туриш
Та мешај до немајкаде
Маслото секогаш на површината ќе исплива
Тој и таа
Секој свој свет сам за себе
Ко две различни планети
А заедно еден универзум прават
Така велат
Велат оти дал си ист со некој или не
Не менува ништо ако љубов има
Ако срцето ти го бара оној другиот
Оти срцето појќе од умот знај
И си влечи онаму кај шо убо му е
Без да ти ја праша глата шо мисли
Тој и таа
Најдени на пола пат од животот
Зад нив минато кое тежи
А напред пат кој за одење ич лесен не е
А тие боси
И двајцата угол голи и боси
Ама одат
Одат дур стапалата не им прокрварат
Дур прашината по која газат
Црвена не ја обојат
Оти знаат
И тој знае
И таа е со истата мисла во глата
Оти пилињата не прашваат дали е лесно или не
Или пејат или молчат
И дур пејат напред одат
Со испреплетени прсти
И секој стисок на срцето го носат
Ко да им се градите тетовирани со името на оној другиот
Тој и таа
Тој чекори и зборува
Таа молчи и чекори
Крвави во нозете и среќни
Во нејзината тишина која со зборојте негој е обоена
И во неговиот џагор во кој таа мир му дава
Тој...и таа