Моето време и Твоето време

Добивај вести на Viber

Од сите мои љубови, научив едно. Колку и да го сакаш, нема да имаш љубов за делење ако не се сакаш себе

Животот си го поделив на два дела. Пред и после 30 години. Пред 30 бев само интуиција и моментална енергија, сега знам дека прво размислувам, а потоа сакам. За сѐ ми важи тоа. И сега не знам кога бев посреќна, дали тогаш, комплетно незаштитена, полетна, маѓепсана, кога слепо верував во секој збор и намера, или сега, во стаклено ѕвоно, кога се сомневам дури и во сопствените емоции, а работам на тоа да ги стабилизирам. Бидејќи на крајот од денот, секогаш си го поставувам истото прашање самата на себе: Дали ти Ивана денес беше среќна. И што е тоа или тој кој е заслужен за твојата насмевка. Си ветив сама на себе пред четири години, дека единствено нешто за кое ќе бидам безрезервно себична е времето кое го споделувам. Па така, ако јас ти го дадам моето време, очекувам за возврат среќа, исполнетост во некоја функција, реализација на нешто позитивно, разговор за нешто конструктивно, без разлика дали е тоа приватно или некој работен проект, сакам сето тоа да допринесе да посакам пак да те видам и да споделам нешто со тебе. Колку повеќе ме маѓепсуваш, толку повеќе сакам да го делиме времето, моето и твоето. Колку повеќе време ти давам, толку повеќе те вреднувам.

Во име на љубовта ќе направите многу жртви во текот на целиот свој живот. Ќе сакате повеќе, ќе сакате помалку, искрено и со намера, и ќе се случи една љубов која ќе ви ја одземе комплетно контролата над сопствените дејствија. И тоа е ок. А најголемиот грев што можете на себе да си го наметнете, е да се плашите од љубов. Но…

Кога некого сакаш, големи се шансите себе си да се отсакаш. Да се ставиш таму некаде долу на листата од приоритети. А кога има и дете плус, тоа знае да доведе до комплетно губење за една жена. Ја делиш љубовта на физички интервали и за тебе не стига. И тогаш сѐ што си сакал за себе, се претопува во туѓо сакање, сѐ што си знаел дека ти треба, веќе не ти треба. Стануваш другиот, се претопуваш во неговите дневни навики и ги занемаруваш личните. Сѐ почесто немаш време за себе, ги губиш твоите мали ритуали кои предходно ти го правеле денот исполнет и стануваш дел од целина. Немаш простор да одиш во тоалет со отворена врата, не сакаш лагодно да спиеш во веш бидејќи постои шанса тој другиот да обрне внимание на стриите, целулитот, неотстранети влакна, вишак салце на стомачето, почнува другиот да пие кафе од твојата омилена шоља, сѐ почесто јадете по негов избор, негова храна, а не твоја, немаш време и простор да ги средуваш ноктите на нозете или да ги гледаш твоите омилени серии без некој да ја промени програмата. Од сите тие мали интимни изгубени навики, почнуваме да патиме и да се губиме во нашата втора половина. Често тие навики, поготово кога живеете заедно, се оние кои ќе ја дефинираат иднината на целата врска. И сѐ што си сакал кај некого почнуваш да мразиш, затоа што ти самиот си дозволил да ја преведеш твојата љубов во омраза, од немарност и заслепеност. Затоа што не гледаш дека ти се отвара ѕвездена врата кон нова димензија, нов заеднички свет, каде што индивидуалните навики се менуваат, стекнуваш нови и добиваш заеднички. Затоа што премолчуваме сѐ што не боли, вртиме очи позади грбот на оној со кој сме спремни да го поминеме остатокот од животот без суштинска храброст да се соочиме со него и да дојдеме до заедничко решение. Па така често многу брзо се откажуваме од љубови што менуваат животи.

Себично се поставуваме пред она што може да е љубовта на нашиот живот, за да се вратиме во комфор зоната на секојдневието. И го губиме тој некој што е подготвен да се промени дури ако е потребно, само доколку некој тоа од него го побара. Борбата за живот престанува и почнува да влијае општеството со наметнатите стандарди, семејството со себичните очекувања, пријателите со личните проблеми.. Во име на единствената емоција за која вреди да се живее, а не да се умре, немојте да бегате од личната среќа заради туѓите очекувања. Немој да бегате од себе. Бидејќи правата љубов, дури и кон себе е застрашувачки тешка и дупло повеќе повредна.

Мајка ми еднаш ми рече, рибата и птицата може да се заљубат, но каде ќе градат дом?

Од денешна перспектива, јас велам кај кртот долу. Дека сѐ што се сака, има начин како.

Јас сум Ивана Кнез, ова е за сите вас што знаете да се сакате прво себе, а потоа најбезрезервно, магично, исполнително и бесценето, тој покрај вас.

Се читаме следната недела.