МОЈАТА ПАРТИЈА ШАХ - 2020 ВЕРСУС 2021

Добивај вести на Viber

Секој пат вака се чувствувам во овој период од годината, како да завршувам партија егзистенцијален шах со животот. Декември е месец во кој редовно ги чистам подрумите на психата и ослободувам простор за нови искуства. И пред кралицата да го фати кралот во небрано, ги правам последните пресметки за годината што полека нè напушта. Чудна година! 2020-та беше поинаква од сите претходни - непозната, карантинска, осамена, бавна... А, ние, во неа, како полжавот со куќичката. Но, ретроспективите постојат за достојно да се збогуваме со неостварените соништа и да се мотивираме за утрешното будење. Сите надежи ми се свртени кон 2021-ва...

1 јануари 2020. Скоро една година помина од тогаш, а ми се чини толку далеку, како слика од црно-бел филм. Прв ден од новата година за која тогаш не знаевме колку ќе биде различна. На моите дома им подготвувам изненадување, облечена сум како Баба Мразица. Не е тоа некоја секси црвено-бела варијанта, полу-гола со две плетенки (да не случајно натаму ви одлета умот), туку, просто женска верзија, оти мора да има родов баланс и кога е Дедо Мраз во прашање (се смее). Дома ни личи како реклама за Кока-кола - елката светка, подароците се подготвени, секое ќоше во домот мириса на љубов и цимет.

Магијата може да почне кога... Детето станува од спиење, доаѓа близу кон мене, очите му светат. Најпрво си помислувам дека му светат од радост - неговите очи како две сини езера во кои е потоната целата чудесија на светов. За жал, му светат од температура - 39 со 5! Првиот ден од новата година го пречекуваме на „најјако“. Следните денови состојбата дополнително му се комплицира, температурата не се симнува, но затоа инфекцијата се симнува на плуќа. Во таква здравствена состојба лекарите даваат препорака еден период да не посетува градинка. Советот го прифаќаме, на градинката редовно ѝ плаќаме, ама детето сами си го чуваме. Два месеци потоа, со започнувањето на Ковид-19 кризата, градинката никогаш повеќе не се ни случи... Според тоа како ни почна годината, да бев баба Ванѓа, ќе знаев дека целата 2020-та ќе биде чудна.

Во меѓувреме подготвувам голема промоција на мојата нова книга „Сакам, значи постојам“ за која издавачите „ТРИ“ме убедуваат дека ќе биде голем хит, тоа им е работа (се смее), особено кога ќе почнеме со промотивната турнеја во повеќе различни градови низ земјава (која заради пандемијата никогаш не се случи!) На почетокот на февруари ја правам скопската промоцијата на книгата, поминува одлично (нема потреба од лажна скромност).

По промоцијата, продолжувам да работам со „стотка на саат“, ги искушувам своите лимити на издржливост и се мелам себе си во машината на стресови, секој ден како на центрифуга. Доаѓа март. Правиме голем настан - „Вечери на женски права“ на којшто и Претседателот „му симнува капа“ и ветува дека ќе се заложува за родова еднаквост. Тука застануваме, како кога ќе го стиснеш црвеното копче - СТОП! Ова беше последниот јавен настан од голем формат дозволен за тој период и за следните шест месеци. Со тоа се намалува обемот на мојата работа во 2020 година, барем оној дел од работата што се однесува на концепирање и модерирање на јавни настани – дебати, конференции, промоции... што претходно ми беа со фрекфенција два-три пати неделно. Наеднаш нема веќе сценска шминка, лаковани чевли и сакоа. Обуките по комуникациски вештини и јавно говорење ми се префрлуваат во онлајн формат, па ги „држам“ по папучи што не влегуваат во горниот кадар на компјутерот. Лицето ми се одмора од сценска шминка, клетките ми се релаксираат од неиздржливата доза на адреналин што телото ми го пумпаше години наназад при секое појавување на сцена пред стотици луѓе. Чувствувам како мозокот ми се опушта од преголемиот стрес на кој бев навлечена како зависник. Пижамите ми стануваат најчест „аутфит“. Помалку брзам, помалку се шминкам (да не речам ич), имам и повеќе време за детските игри во семејството.

Од друга страна, во тие пролетни, карантински месеци ужасно почнува да ми фали страста на живата комуникација и „допирот“ со луѓето. И бидејќи од април ми завршува неколкугодишната соработка со списанието „Портрет“, веднаш потоа почнувам фриленсерски да пишувам за порталот Hybrid.mk а потоа и за Женски магазин, но и тоа го правам главно од дома, од царството на моите четири ѕида во кои уште малку ќе почнам да си зборувам со книгите во библиотеката. Низ целиот работен процес од дома, главен колега ми е кучето (се смее).

Очекувано, заради рестриктивните мерки, се одложува промотивната турнеја на книгата во различни градови. И тамам кога си помислувам дека во оваа криза и книгата што ја пишував скоро две години ми е осудена на пропаст, за среќа „Сакам, значи постојам“ си го фаќа својот книжевен пат под нозе и стигнува до голем број верни читатели. Набрзо потоа ми носи награда на којашто се гордеам, ама, пак од дома, од пижами, без можност за гушкање и славење со блиските и пријателите.

Но, зарем се важни моиве гушкања и награди кога секој ден луѓе се збогуваат со своите најблиски?! Зарем е важно што редуцираме забава и „кафански живот“ кога смртта тропа на врата? Сепак, ако на колумнава ѝ дадам зрнце радост како што доликува во месецот пред новогодишните празници и ако решам да ја завршам со доза оптимизам, толку многу потребен во ова сиво време, дали ќе ми се фатите на орото?

Ако ги уважиме, но за момент ги тргнеме настрана фаталните здравствени последици на вирусот – компликациите на болеста, починатите луѓе кои не се само голи бројки или статистика на прес-конференциите на министерот Филипче и тимот, тогаш ајде да се обидеме да проговориме што добро ни се случи во 2020-та. Силно верувам дека покрај сето црнило мора да постои зрак светлина што дава надеж. А надежта ни е насушно потребна пред самиот праг на новата година. Особено во година во која анксиозноста кај луѓето е скокната до плафон!

Конечно, деновиве, надежта ја добиваме во мали дози со информациите за вакцините против Ковид-19 што ги очекуваме во првите месеци на 2021 година. Искрено им се радувам! Но, без да навлегувам во оваа тема, да не повлечам цела низа анти-ваксерски муабети од кои се ужаснувам, предлагам секој/а од нас да се праша себе си по што убаво ќе ја памети 2020 година. Знам, шашав ми е предлогов, ама ајде да ги најдеме индивидуалните и колективните проблесоци во годината што полека се збогува со нас и врз нив да изградиме поголеми очекувања од годината што доаѓа.

Да не заборавиме дека во 2020-та некому му се родило дете. Нечие дете прв пат тргнало на училиште. Некој вдомил куче и направил добро дело. Некој се преселил во нов дом. Некому му се случила првата љубов. Некој одново се запознал со својот партнер со кој претходно во низата на работни обврскии кафеански бегства надвор од домот, долго се игнорирале. Некој се зближил со својата стара мајка со која заедно живее. Некој донирал и помогнал на сиромашните. Нечиј татко оздравел од болест.Нечиј дедо наполнил 90 години.Некои имале повеќе време за читање, медитација и возење велосипед. Некој напредувал на работа. Некој почнал да свири гитара, некоја да шета по планини... Верувам листата е голема, затоа, ајде да ги понесеме убавите спомени во новата година, да ги запишеме сите лекции на кои 2020-та  нè научи и да ги закачиме на нашата духовна елка. Да... дозволете си да се прашате себе си што убаво ви се случи во 2020-та?

Чуден е феноменот на г-ѓа Нова година. Ги пакува куферите на сè што сакаме да заборавиме и со еуфорија влегува во новиот вител на календарот. Грегоријански или Јулијански календар, кинески, будистички или исламски, сеедно, сите се подготвуваме за шах-мат со старите навики и новите предизвици. Оваа година, предизвиците нека ни бидат поблиску до нас самите, поблиску до природата и до хуманоста. Оваа година ќе ги прескокнеме нашите консумеристички желби и ќе се свртиме кон најчовечкото во човекот – чистата љубов која е подготвена да се бори со сè! Дури и со тој лукав парзит што дојде како непоканет гостин и редно е во 2021-ва да си замине! На господин Ковид му ветуваме дека од проклетава година излегуваме посвесни за човековото девастирање на природата, поумни во однос на нашата алчност, поскромни и пофлексибилни. Но, за желбите треба заложби, затоа, ајде сите заедно да се избориме за човештвото кое е клекнато на колена. Само заедно, со трпение, (само)дисциплина и солидарност ќе можеме што побрзо да ги тргнеме маските од лицето и да ги направиме нашите насмевки повторно видливи.

И, за инает, за Нова година ќе ставам црвен кармин! Макар носела маска и пижами.

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој