Момче (9) им ги скрши срцата на илјадници луѓе: „Само би сакал да имам семејство“
ФОТО: Принтскрин Јутјуб
Деветгодишно момче од Оклахома ги скрши срцата на илјадници луѓе кога на гледачите во една неодамнешна емисија им порача дека би сакал да има семејство: „Се надевам дека некој од вас ќе ме избере мене“.
По емитувањето на емисијата, една агенција за згрижување во Оклахома беше преплавена со прашања од луѓе кои сакаа да му дадат на Џордан, кој е во системот за згрижување, среќен дом.
Во првите 12 часа по емитувањето на приказната, агенцијата примила 5.000 барања од луѓе низ целата земја, изјави за Today Кејси Вајт, администратор за комуникации во DHC Оклахома.
Тој само посакува да има семејство
Кога новинарот го прашал момчето кои три желби би сакал да му се исполнат, Џордан спремно одговорил: „Семејство, семејство и семејство. Посакувам само да имам семејство, да можам да викам некого мама и тато или само мама или само тато. Всушност, не ми е грижа“.
„Би можел да разговарам со некои луѓе кога и да ми треба. Се надевам дека некој од вас ќе ме избере мене“, рече скромното момче и ги освои срцата на јавноста.
Момчето беше посвоено
Џордан конечно отиде дома кај своето семејство откако Одделот за човечки услуги во Оклахома избра родители за кои сметаа дека добро одговараат за него. Деталите за новото семејство на Џордан се чуваат во тајност за да можат да се запознаат на мир.
Тој има брат, Брејсон, кој првично бил сместен во групен дом со Џордан, но бил посвоен од друго семејство пред неколку години, со што се прекинала една од ретките крвни врски во кои Џордан уживал.
Има многу други деца на кои им требаат семејства
Вајт рече дека се надева дека интересот за оваа приказна ќе ги инспирира луѓето да размислуваат за згрижување на многу други деца во државата и низ Соединетите држави.
Во САД има 400.000 деца во згрижување, а 100.000 деца во моментов чекаат за посвојување.
„Кога ќе се случи таква ситуација и кога приказната за едно дете станува вирална, понекогаш семејствата се заинтересирани само за тоа дете“, рече таа и нагласи дека „има многу други деца на кои им требаат семејства“.