Претпразнично интервју со Моника Зајкова: Па и мажите ако пуштат правосмукалка и зготват ручек нема да е крај на светот, нели?

Добивај вести на Viber

Моника Зајкова е храбра млада дама кој умешно плови во политичките води години наназад, а од ноември годинава доби и една нова улога во овој свет- ја презеде водечката позиција во Либерално-Демократската Партија.

Како лидерка на политичка партија сака да докаже дека доколку жената е успешна не значи дека некој стои зад неа, но баш напротив. 

Во јавност може да забележиме дека секогаш е средена и дотерана за приликата во која се појавува, додека приватно вели дека сака да биде без шминка и практикува природен изглед.

Обожава да поминува време со најблиските, особено за празниците кои следуваат и носат една посебна топлина, и сака да ги запамети сите работи од годинава- и добри и лоши бидејќи ѝ помогнале да стане она што е денес.

За годината што изминува, како и за желбите и предизвиците кои ги носи новата, за професијата, но и за приватноста, за празничната еуфорија и за семејните вредности кои вели дека ѝ се на прво место, може да читате во редовите подолу.

* Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? (Колку Ве промени?)

- 2022-ра година ќе ја паметам како година на предизвици за справување со економската и енергетската криза со кои се справува целиот свет.

Година која за мене донесе еден нов професионален предизвик кој со себе носи и голема одговорност пред сè кон граѓаните и државата.

На приватно поле имав уште една година на лични здраствени предизвици кои со позитивната енергија се надминуваат. Сето ова не ме промени како човек, но ме соочи со одредени работи кои ми помогнаа да созреам и да си потврдам себеси дека животот е доста динамичен и не треба да го живееме обземени од негативни чувства, но со позитивна енергија и многу љубов.

* По што ќе ја паметите 2022, што сакате да заборавите?

- Голем дел од луѓето би рекле сакам да ги заборавам лошите моменти, а да се сеќавам на добрите и убави работи, меѓутоа јас би ги паметела сите работи- и добри и лоши бидејќи сите тие ми помогнаа да научам нешто и да се изградам во личноста која што денес стои пред вас. Секогаш сум се трудела да учам и од тешките одлуки и од грешките кои што сум ги направила за да не ги направам повторно во иднина. Единствено нешто што сакам да замине е глобалната криза и војната во која цела година живеат луѓето во Украина.

* Што и кој Ве инспирира во животот и во професијата?

- Моја инспирација и мотивација во животот е мојот брат. И тоа секогаш го кажувам. Гледајќи ја добрината во неговите очи и топлината во неговото срце, среќна сум што на земјата сè уште има луѓе кои зрачат добрина, и помагаат без да очекуваат нешто за возврат, а токму јас ја имам таа среќа таков човек да е дел од мојот живот. Неговата трудољубивост, упорност и човечност ме мотивира да чекорам напред. Иако е помал од мене, од него научив дека во животот колку и да постигнеш не треба да заборавиш од каде потекнуваш. И целосно се водам со таа максима во животот бидејќи секоја позиција е менлива и минлива, а најважно е да останеш човек. Секој мој успех му го посветувам нему. Довербата која ја полага во мене ми создава дополнителна мотивација да чекорам напред кон остварување на моите цели. Во делот на мотивацијата не би била фер, ако не ја споменам и поддршката од целото мое семејство и партнерот, особено на полето на кариерата, за што сум неизмерно среќна и благодарна. 

* Колку е тешко да си жена на водечка позиција на една политичка партија, дали се соочувате со стереотипи?

- За жал, сè уште живееме во општество каде што добар дел од луѓето жените ги гледаат како „домаќинки” кои што треба само да седат дома, готват, чистат и чуваат деца- мислам дека тоа се најчестите стереотипи за жените, генерално во нашата држава.

Рака на срце, не мислам дека е нешто лошо доколку некоја жена сака да се посвети на домаќинството, секој има право на избор и не гледам причина зошто жените не би можеле да бидат и домаќинки и успешни во својата кариера.

На крајот од денот, па и мажите ако пуштат правосмукалка и зготват некој ручек нема да е крај на светот, нели?

Сепак, да си лидерка на една политичка партија не е ни малку лесна работа, особено ако сте млада жена. Перцепциите за жените во политиката кои се успешни сè уште се дека некој стои зад неа. Но сепак НЕ. Не мора некој да стои зад неа и не треба да ги  квалификуваме жените со погрдни зборови. Секоја жена носи во себе квалитет, има соодветно образование и може да одговори соодветно на она што од неа го бара професијата и да напредува во истата со работа, труд и знаење. Секојдневно се соочувам со бројни предизвици, водам битки на сите фронтови, се трудам да не ме допираат погрдните коментари од луѓе кои воопшто и не ме познаваат и се обидувам да издејствувам некоја позитивна промена во општеството.

Политиката е професија која е изложена на голем притисок и одговорност, меѓутоа, во моментот кога некој ќе ја препознае и поздрави вашата работа, кога ќе ви се заблагодари и пофали за заложбите, кога во вас гледа надеж и полага доверба, особено кога тоа доаѓа од младите луѓе се чувствувате дека правите нешто корисно за луѓето односно општеството.

Тоа е она што ви дава сила, елан и мотивација уште повеќе да работите и уште повеќе да се борите за доброто на сите.

* Настрана од работните обврски, како ги полните батериите?

- Политичарите се нормални луѓе кои имаат свои навики и пред да влезат во политиката. Секогаш ме нервирало градењето мит дека тие треба да бидат совршени и да го променат начинот на живот само затоа што решиле да запливаат во политичките води.

И полититичарите како и секој човек се забавуваат со своите пријатели, може да се појават без шминка и во несекојдневно парче облека.

Сепак сите на крајот од денот сме луѓе без оглед на професиите за кои сме се определиле.

Работните денови ми се исполнети со многу средби, телефонски повици и многу обврски на работното место.

Иако работата ми го опфаќа најголемиот дел од денот, секогаш гледам барем 1 час од утрото да си посветам на себе, да направам добар тренинг и подготвам некој здрав појадок- мислам дека тоа е она што ми дава енергија во текот на денот да ги завршам сите планирани обврски. Вежбам микс - пилатес нешто што ми е единствениот „издувен вентил'' од секојдневието. Иако работните обврски сè помалку го дозволуваат тоа, бидејќи започнуваат од раните утрински часови, а знаат да завршат доста доцна, се трудам секогаш кога има прилика денот да го завршам во разговор или гледање телевизија со моето семејство. Со оглед на темпото кое ми го наметнуваат секојдневните обврски секогаш се чувствувам спокојно кога крајот на денот ќе го поминам со најблиските, за кои често забораваме да одвоиме повеќе слободно време. Искрено посакувам повеќе време да поминувам со моите родители и мојот внук кој секогаш ми ја полни душата.

Понекогаш знам да ја отворам и мојата виолина и да се вратам во времето кога редовно се дружев со овој инструмент во Музичко - балетското училиште „Илија Николовски - Луј“, како и во Гудачкиот оркестар АРКО. Во моментите кога ќе го почувствувам звукот што го создавам со мојата виолина, кога ќе ја почувствувам совршеноста на класиците од врвните композитори, успевам да ја достигнам неопходната духовна хармонија.

Вечерните часови  во текот на викендите ги користам за дружење. Многу често со пријателите одиме на чаша добро вино односно гледам вообичаено да ги поминам со луѓето кои ме исполнуваат со позитивна енергија.

Со оглед на моите професионални ангажмани постојано се трудам да ги балансирам обврските, за да можам да се посветам не само на работата, туку и на себеси, на моето семејство, партнерот и пријателите.

Во овој дел морам да споменам  дека ги обожувам и патувањата, истражувањето на нови градови и места, а секое познанство со нови луѓе ми е непроценливо богатство.

* Живееме во време кога вештачкиот изглед повеќе се негува од природниот. Кое е Вашето мислење?

- Колку и да не сакаме да признаеме, изгледот е важен, но не треба да е клучен сепак она што го носиме внатре и интелегенцијата е она што не прави посебни.

Сепак изгледот е првиот впечаток кој што го оставате уште пред да почнете да зборувате и за мене секако дека е важно да изгпедам професионално, бидејќи сепак ги претставувам граѓаните и изгледот има удел во тоа како ме доживуваат колегите, граѓаните и пошироката јавност, а и никогаш не може да знаете кога ќе треба да давате изјава, гостувате на емисија или држите прес- конференција. Во таа насока, се трудам секогаш да бидам подготвена.

Знаете, кога живееме во време кога науката и технологијата е толку современа што со различни козметички и хируршки третмани станува дури и нормално да избришете 10 години без никаков проблем, тоа воопшто не ме ни чуди.

Сметам дека секој има право на избор за тоа како сака да изгледа и што го прави да се чувствува добро во својата кожа и да е задоволен со самиот себе.

Лично не му придавам толкаво значење на совршенството, верувам дека несовршеностите не прават уникатни и единствени, а со сите тие корекции и третмани како да губиме и дел од себе. Секоја една брчка што ја имаме, дали од смеа, тага или загриженост, кажува сопствена приказна за нашиот живот, понекогаш не потсетува на убави, понекогаш на тажни моменти, но сите се тие составен дел од животот како своевиден потсетник дека сме живи и јас не би се откажала од таквите спомени. Оттука ќе додадам само дека го негувам природниот изглед и на мене нема ништо вештачко и не сум љубител на вештачка убавина.

Впрочем, сакам да верувам дека луѓето се како виното- стануваат сè подобри со секоја измината година, зошто би сакале тоа да го скриеме?

* Како урбана и модерна жена, кои се Вашите ритуали за убавина и изглед во секоја пригода?

- Почитувам природна убавина и се трудам секогаш да изгледам колку што е можно поприродно, да користам помалку шминка бидејќи толку и ми дозволува мојот распоред и работни обврски, во смисла дека сето слободно време се трудам максимално да го искористам да поминам време со моето семејство и моите најблиски, да прочитам некоја добра книга или уживам во некој добар филм.

Но, би лажела доколку не признаам дека од време на време знаам да тркнам на по некој добар третман за чистење на лице или масажа, па нели, жените треба да се разгалуваат од време на време.

Шегите настрана, сметам дека сите се убави на свој начин, некои се атрактивни, други симпатични, трети харизматични, не постои унифицирана дефиниција за тоа што значи убавината, таа е субјективна и уникатна, како што се впрочем и луѓето. Убавината се гледа и во она што носите во душата.

* Претстојат едни од најубавите празници. Како Вие ќе ги поминете новогодишните и божиќни празници?

- Новогодишните и божиќните празници како и секоја година планирам да ги поминам со семејството и најблиските луѓе. Нема ништо подрагоцено од насмевката на мојот внук кога ги отвораме подароците, покрај елката додека пиеме топол чај и му раскажувам како Дедо Мраз ги оставил истите затоа што бил послушен цела година. Има некоја посебна енергија во вербата на децата овој период во годината, скоро магично. Новогодишните и божиќните празници се време кое сите го поминуваме со оние кои најмногу ни значат и каде се чувствуваме среќни, доколку нормално тоа го дозволуваат приликите, иако за овие денови не треба да има изговори. Тоа е време од годината кога уживам во семејната хармонија.

* Верувате ли во Дедо мраз?

- Да. Јас сум човек кого малите нешта го прават среќен и кој верува во чуда.

* Дали ја негувате традицијата за подарување?

- Да, отсекогаш сум сакала со мали гестови да им покажам на луѓето околу мене колку ми значат и колку ги ценам, не сметам дека тоа секогаш треба да е материјална работа, некогаш најмалиот и навидум незначаен подарок, па дури и вниманието кое ќе го посветите или споделен убав збор за некој може да биде скапоцен и драгоцен.

* Дали го накитивте домот и дали уживате семејно во китењето?

- Секако, китењето на домот е нешто што ме прави среќна уште од дете, ме потсетува на едни поинакви, ајде да кажам безгрижни времиња каде што најголемата дилема беше каде да се слави Нова Година.

Оваа година елката ја накитив по свој вкус и со посебна желба, замислувајќи си желба при поставување на врвот на истата.  Но со оглед на тоа дека имам две кученца и две годишен внук ќе видиме до кога ќе издржи така убаво накитена и кои лампиони се најиздржливи при слободен пад. Резултатите ќе треба да ги споделам со јавноста во некоја друга пригода. 

 * Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?

- Секоја желба е интимна работа на секој човек и нели како мали не учеа замисли желба и не ја кажувај за да се оствари. Затоа она што си посакувам ќе го задржам за себе. Се надевам дека ќе се оствари, бидејќи е силно посакувана.

На политички план посакувам исполнување на европската агенда, а следните 365 денови, фокусот да биде кон граѓаните и државата, а не кон рејтингот на политичарите. Посакувам 2023-та година да биде година на заздравување на економијата, враќање на мирот, стабилноста. Година на промени и прогрес. Година на радоста.

На сите луѓе им посакувам добро здравје и да нема повеќе болни деца во светот.

 * Ваша Новогодишна порака?

- Да бидеме обединети како народ, храбро и гласно да се бориме за нашите права и за иднина подобра од сегашноста. Македонија да биде пристојно место за живеење за секој човек, а не земја на предрасуди, дискриминација, хомофобија, нееднаквост и селективна правда.

Овие празници искористете ги да ги  посетите најблиските и да им споделите љубов и насмевка. Потсетувајте ги секој ден оние кои ви значат која е нивната вредност во вашиот живот. Живејте со позитивна енергија и ширете љубов.

Да бидеме среќна нација.


Даница Караташова Илиоска