Откако станав мајка, почнав многу повеќе да ги разбирам постапките на мојата, за која велев “јас кога ќе бидам мајка, ова никогаш, ама никогаш нема да го правам”. И сега се фаќам себе како ги повторувам истите реплики кои сум ги слушала од мајка ми.
Ќе ми простат татковците, но денешниов текст го посветувам на мајките. Што би рекол татко ми “абе мајка си е мајка, еве и на 70 уште кога ми е тешко си офкам-оф мори мајко”. И ќе ми простат и сите синови, но денес пишувам за односот мајка-ќерка, кој ми е (не само) познат и најкомплексен од сите, туку истовремено најубав и најболен. Е сега, кога велам мајка, не мислам само на оние жени кои родиле ќерки, туку и за сите оние кои имале љубов и сила да посвојат дете и целосно да се внесат во односот кој бара не само жртва, туку и голема мудрост. Впрочем, раѓањето на дете не не’ прави мајки-родители, туку се’ она што следи потоа (Господ да ни е на помош-иако не сум верник).
Дилемата и тежината во тој однос мајка-ќерка настана во моментот кога ќерка ми порасна доволно за да има свој став кон нештата кои директно ја засегаат, а и оние кои се дел од нашето секојдневие. Дилемите кои ме удрија беа сами по себе контрадикторни: слобода на личноста-да, ама колку за да не се изгуби контрола и детето да не стане збеснато и размазено; безусловна љубов и поддршка-да, но која е границата за себичноста да се има под контрола....и ред други работи.
Откако станав мајка, почнав многу повеќе да ги разбирам постапките на мојата, за која велев “јас кога ќе бидам мајка, ова никогаш, ама никогаш нема да го правам”. И сега се фаќам себе како ги повторувам истите реплики кои сум ги слушала од мајка ми. Но, заради генерацискиот јаз, учам да сум поопуштена и видиците да ми се пошироки. Би излажала ако кажам дека секогаш ми успева, но, секојдневно се преслушувам и растам заедно со ќерка ми.
Трпение и самоконтрола е она што го научив низ овие 11 и кусур години. Да го почитувам расположението на детето, на кое баш и не му е гајле дали мојата пријателка сака да го изгушка, па се трга и го прави оној лик кој недвосмислено значи “аман, остајте ме на раат”. Во мое време (колку ова страшно звучи), беше неприкладно и безобразно на сите родендени и слави да не дозволиш сите да те испошлапаат по лице по стандардните три пати, да те иштипат по образи и во различни фази од животот да не одговориш на прашањата “како во училиште, имаш ли симпатија, дали имаш дечко, кога ќе се омажиш”, па се до она “ајде, кога дете” или ако веќе го имаш, тогаш кога е другото во план!
За среќа, израснав во бунтовно дете (имав еден професор во средно училиште кој велеше дека презимето и не ми е случајно Бунт-еска) кое научи без грижа на совест да се трга кога не сака интимности кои се “дека така треба”, се омажи на свои 30, роди дете кога беше спремна (уште им го памтам на докторите-стара прворотка!), се разведе најпријателски со сопругот со кој и ден денес има прекрасен однос.
Низ животот научив дека “мора” и ”треба” се најголемите непријатели, доколку е тоа вон она во што верувам и ме прави спокојна и среќна.
Ете, тоа ја учам ќерка ми. Да биде своја, да знае да каже СТОП, да има свој став. И за да не звучи ова како бајка со среќен крај, признавам дека искушенијата се огромни. Муабети, расправии, аргументи. Не се плашам да се искарам со неа, да кажам отворено дека деца на 11 години кои шетаат со ајфон за мене не се кул, ниту дека (и да ги имам тие пари за расфрлање) нема да добие скап телефон. Аргументи, аргументи. Оти дете како дете, ќе проба да издејствува се’ што му се сака. И да, знам да бидам“лошa” и да пресечам дека купување или посвојување милениче доаѓа предвид само тогаш кога ќе е спремна да биде одговорна за секое живо суштество.
Ја учам на вредности кои за мене имаат тежина (и не, не велам дека сум во право, ама поинаку не знам), дека треба израсне во човек кој, кога ќе се погледне во огледало нема да избегнува да си ги види очите.
Разговарам за разводот, за одлуките кои сме ги донеле со татко и’, за храброста која ја имавме и двајцата да застанеме и чесно да кажеме дека подобро е да има двајца родители полни човечка љубов еден кон друг и онаа безусловната за неа, отколку да глумиме нешто што кај неа ќе создаде искривена слика за тоа што е семејство.
Се борам, се трудам, грешам, успевам...но, се’ што правам е со респект и чесност. Без лага, затоа што чесноста кон сопственото дете е најголемиот дар кој можам да го дадам.
Драги мајки, вашите ќерки нека бидат огледало во кое ќе сакате да се видите себе...во подобра и поубава верзија. Растете со нив, учете да ги сакате онака како што ним им е убаво, а не онака како што сте научиле по шаблон. И тука сме, ќе разменуваме неуспеси и искуства...ама ќе учиме, за себе, за нив...и да, Mother knows best...но, само ако ги држи очите отворени и ушите свртени накај нивните зборови и потреби.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска