Можам сè

Добивај вести на Viber

Ама не морам сè сама!

Ја започнав и есенската група од мојата омилена (сега онлајн) програма, наречена „Ти си таа“, којашто е создадена од повеќе пристапи за личен развој, охрабрување и самодоверба кај жените. Впечатоците ми се вртат околу следниве сознанија, а тие произлегоа не само од она што го видов, слушнав (во групата кој сака споделува, прашува, не е задолжително) и почувствував со оваа група, но и во дискусија и коментари со жените при разговорите пред пријавување и во коментарите со претходните учеснички, од други, претходни групи.

Во еден од убавите коментари со учесничка од летната група, дискутиравме дека со оваа обука (а, и не мора да се ограничиме само на оваа обука, постојат голем број книги, видеа, други прекрасни програми) жените учат, разбираат и си признаваат дека можат сè – што ќе замислат.

Ограничувањата ги ставаме сами внатре во нашиот ум и емоции, кога си велиме во себе дека ние нешто не можеме (повеќе е дека не смееме - од страв дека ќе не’ осудат што не сум доволно добра, ќе ни се смејат, нема да бидеме прифатени...) И вистина е дека се’ што можеме да замислиме, ние можеме и да оствариме. Инаку, не би го ни замислиле. Ние, можеме да оствариме и нешто што во овој момент и не можеме да го замислиме, оти не сме го виделе или слушнале, па не знаеме дека постои како можност. Тука има место за личен развој и тука е корисна надворешната помош од коуч (тренер).

Она што сакам да дополнам, и каде што се случува голема промена, е следново: да разбереме дека од нас не се очекува ние се’ да направиме и да постигнеме, за да се покажеме дека можеме. Или, пак, да ги ставиме сите други и нивните потреби пред нашите.  Или, пак, да бидеме измачени хероини кои се’ носат на својот грб и влечат.

Не мораме се’ сами да постигнеме. Треба да се научиме да бараме помош (ви пишува една што со децении сакала да остане цврста како камен и да биде никому товар, колку што може сама да си сработи), потоа, да делегираме работи (секогаш има некој што нештото може да го направи подобро, побрзо и полесно од нас, а при тоа можеби и да овозможите некому приход на тој начин) и да влегуваме во сојузи, да се здружуваме, да работиме тимски. Не е срамота да направиш нешто заедно со други, нашата вредност така не се намалува, туку се умножува. Тука помага и моќта на работата во или со група, бидејќи така, не само што разбираме дека не сме сами (а ние, човечките суштества во мозокот сме програмирани така што ни е потребно поврзување со други луѓе), туку енергијата што ја имаме, бараме или користиме во таа работа, кога сме во група – само се умножува и повеќе не’ храни.

Тука, конечно, привршувам со уште еден совет, насока или сознание што е поврзано со „Можам се’, ама не морам се’ сама!“, а тоа е следново: за да можам се’ што ќе замислам (со умот и емоциите), треба да најдам време и начини да ги одморам, освежам, нахранам, регенерирам – и умот и телото, и душата! За да можам СЕ’ заедно со нив, треба да се грижам за нив како за мои најблиски соработници.

Помислете и запишете си: во која област од животот (работа-професија, дом, семејство, интимна релација, здравје, хоби, учење, друго...) сега, во перидов, имам најголема потреба да побарам помош, да ја поделам работата (обврската, активноста), да вклучам и други, да направам сојуз (здружување, групирње), да одморам малку (кога и како)...

Потоа, поразмислете и побарајте од себе идеи – како да го направам тоа, на кој начин?

И запишете ги првите чекори.

Можеш сè, ама не сè мораш сама!


Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching