Може ли да имам нова розова вештачка рака украсена со цвеќиња: Саша од Украина-девојчето херој на денот

На 9-годишно девојче од Украина морала да му биде ампутирана раката откако било пукано кон неа додека бегала од својот дом во Киев - и рече дека се надева дека руските сили „не сакале да ме повредат“ во нападот, во кој загина нејзиниот татко, според извештаите на светските медиуми.

Девојчето, идентификувано само како Саша, се гледа на потресна фотографија во болница во близина на главниот град на Украина, каде што се опоравува од катастрофалната повреда, објави Дејли мејл.

Саша, нејзините родители и сестра бегале од борбите во градското предградие Хостомел кога нивното возило било под оган, во кое таа е ранета а нејзиниот татко е убиен. Таа, нејзината мајка, брат и сестра се засолниле во визба.

Откако се освестила после неколку дена, таа била пренесена во болница од страна на жители кои вееле бело знаме, според медиумот.


„Не знам зошто Русите ме пукаа. Се надевам дека тоа беше грешка и немаа намера да ме повредат“, наводно рекла девојката од креветот.

„Го зедов куршумот во раката. Ја бркав сестра ми. Мајка ми падна. Мислев дека е крај на светот. Но, таа не беше мртва, туку само се криеше од пукотницата“, рече Саша.

„Потоа паднав во несвест. Некој ме однесе до подрумот. Таму добив одреден третман. Потоа некои луѓе ме однесоа во болница со пешкири“, додаде русокосото девојче.

Д-р Владислав Горбовец, васкуларен хирург во Централната болница во Ирпин, одлучил да и ја ампутира раката на Саша, откако открил дека развила гангрена опасна по живот, пишува Дејли мејл.

Друг лекар ги опиша ужасните моменти откако семејството се најде меѓу пукотници и рафали.

„Таа беше тешко повредена, ја изгуби свеста и падна во делириум“, рече д-р Генадиј Друзенко од Првата мобилна болница за волонтери.

„Руските војници се обидоа да упаднат во подрумот. Тие пукаа на вратата и врескаа по луѓето да излезат“, рече тој. „Конечно девојчето беше донесено во болница од цивили кои вееја бело знаме додека трчаа низ борбената зона“.

Друзенко додаде: „Таа е едно од многуте деца кои претрпеле страшни повреди. Сите тие изгубија барем еден од нивните родители“.

Медицинска сестра која ја лекувала Саша се восхитила на храброста на девојчето среде траумата.

„Првото нешто што Саша ми рече кога се разбуди беше: „Биди искрена, дали имам лева рака или не?“ изјавила медицинската сестра за Дејли Меил.

„Не знаев што да кажам. Не знаев дали да не кажам ништо, да лажам или да ѝ ја кажам вистината“, рекла таа. 

„Што му велите на дете кое нешто силно го боли, но кое знае дека го поднесува тоа?

„Таа праша дали би била здрава и дали може да има нова розова вештачка рака украсена со цвеќиња“, додаде медицинската сестра. 

„Таа е толку силна. Таа не плаче затоа што знае дека плачат само слабите луѓе“.


Извор: дејли меил

Фото: Твитер