Може ли да имаме Ковид-19 и грип истовремено: Како тоа влијае на нашиот организам?
Одделно, и Ковид-19 и грипот можат да ги нападнат белите дробови, што доведува до воспаление, течности во белите дробови или откажување на нивната функција.
Лекарите се' повеќе се загрижени за таканаречената „епидемија на близнаци“ од коронавирус и грип, што може дополнително да ги оптовари веќе оптеретените здравствени системи, додека луѓето се соочуваат со друга опасност - истовремено да се борат против обата вируси, пишува Си-Ен-Ен.
- Сигурно е дека можете да добиете грип и Ковид-19 истовремено, што би било катастрофално за вашиот имунолошки систем - истакнува д-р Адријан Барос од Флорида.
Покрај тоа, инфекцијата со еден вирус го прави телото поподложно на болести од друг вирус.
- Штом ќе се заразите со грип или некој друг респираторен вирус, тоа го ослабува вашето тело. Имунитетот опаѓа и ве прави подложни на добивање на друга инфекција згора на тоа - вели епидемиологот Сима Јасмин, директор на Здравствено комуникационата иницијатива во Стенфорд.
Одделно, и Ковид-19 и грипот можат да ги нападнат белите дробови, да доведат до воспаление, течности во белите дробови или откажување на нивната функција, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Секоја од болестите може да предизвика и сепса, да го оштети срцето и да предизвика воспаление на срцето, мозокот или мускулното ткиво.
„Имањето на двете болести во исто време ќе го зголеми ризикот од долгорочни последици за кој било од овие органи“, рече д-р Мајкл Метју, професор по медицина на Универзитетот во Калифорнија.
Сепак, како што истакнува Си-Ен-Ен, рано е да се знае точно колку би било тешко да се имаат и двете инфекции во споредба со само едната од нив. Ова е особено точно за Соединетите држави, каде Ковид-19 се прошири со завршувањето на изминатата сезона на грип, така што нема доволно податоци за луѓето кои ги имале обете болести истовремено. Но, Метју верува дека веројатноста за развој на пневмонија би се зголемила ако двата вируси го нападнат телото.
- Два вируси заедно дефинитивно можат да направат поголема штета на белите дробови и да предизвикаат повеќе проблеми со дишењето - посочува тој.
Д-р Леонард Мермел, директор на Одделот за епидемиологија во болницата Род Ајленд, истакнува дека симптомите на грип и Ковид-19 се прилично слични, па затоа е тешко да се разликуваат.
Овде се вклучени треска, кашлица, отежнато дишење, замор, болка во грлото, болки во телото и затнат нос или течење на носот. Некои може да имаат и повраќање и дијареја, иако ова е почесто кај децата отколку кај возрасните. Но, за разлика од грипот, Ковид-19 предизвикува и губење на чувството за вкус или мирис.
Си-Ен-Ен потсетува дека околу половина од преносот на коронавирусот се одвива помеѓу луѓе кои немаат никакви симптоми, па затоа најдобриот начин да откриете дали имате коронавирус, грип - или и двете - е да се тестирате.
Како, сепак, да се избегне оваа двојна опасност?
Здравствените експерти укажуваат на важноста од носење маски и одржување на физичко растојание.
- Со претстојната сезона на грип, ваквите мерки можат да не заштитат од двата вируса - посочува д-р Јасмин.
На јужната хемисфера, каде што поминува зимата заедно со сезоната на грип, неколку земји објавија неверојатно мал број случаи на грип, како резултат на носење маски и одржување на растојание поради пандемијата на вирусот корона.
Жителите на САД и други земји почнаа да се релаксираат кога станува збор за носење маски и држење други мерки, што, според д-р Марацо, директор на Одделот за инфективни болести на Универзитетот во Алабама, „претставува голем проблем“.
- Совршена бура на забрзана активност на Ковид-19 може да се создаде кога луѓето се' повеќе се собираат во затворен простор, особено затоа што веќе се уморни од носење маски, држење дистанца и миење раце и се изложени на сезонски грип - истакнува таа.
Вакцинацијата против грип може да звучи како јасно решение за некои, но многу луѓе ја игнорираат. Си-Ен-Ен наведува дека околу половина од Американците не се вакцинирани против грип, вклучувајќи ги и повеќето деца кои починале како резултат на оваа инфекција.
Ако се вакцинирате и сепак подоцна фатите грип, симптомите обично ќе бидат поблаги отколку да не сте ја примиле вакцината. Бидејќи сè уште нема јавно достапна вакцина против Ковид-19, вакцината против грип сега е единствениот начин да се заштитите од можноста и двата вируси да ве нападнат истовремено.
Американските педијатри советуваат децата на возраст од шест месеци и постари да бидат вакцинирани против грип, идеално пред крајот на октомври.
извор:srbijadanas.rsфото:Profimedia