Музичари и пејачи, време е да ги напишете нотите по кои ќе заиграат сите, особено Министерството за култура

Добивај вести на Viber

Министерството за култура го поддржа Макфест со околу 6.500 евра. Ако тие се наменети само за авторите чии песни ќе се изведат на фестивалот, тогаш по некоја матемитака, композиторот, текстописецот и аранжерот ќе добијат по 50 евра. Во случај да не се изведат 30 нумери, тогаш нивното конто ќе се зголеми за неколку центи.

Во делот за музичка и музичко сценска дејност, Министерството за култура одобри 3.000 евра за концерт на хрватскиот пејач Петар Грашо.

Зошто? Македонските музичари и изведувачи одговорот ќе го најдат, ако решат само еден ден да ја следат програмата на локалните и националните радиостаници. Да запишат колку пати во текот на денот се емитувале песните на Петар Грашо и пејачите од екс ју просторите, а колку на Меморија, Некст Тајм, Тоше, Каролина, Калиопи, Дарио, ДНК и останатите изведувачи. Потоа да одвојат уште еден ден и да ја следат програмата на националните телевизии. Заклучокот ќе биде очаен, загрижувачки, деградирачки. Утеха ќе им биде само МРТВ, која законски е обврзана да емитува македонска музика.

Грашо е пејач со блесклава долгогодишна кариера и тоа е неоспорен факт. За Хрватите е национално богатство, впрочем како и останатите тамошни звезди. Нивните песни постојано се емитуваат во етерот. Го негуваат својот идентитет и преку музиката. А тој идентитет е регулиран законски. Поточно, постои закон за квоти за емитување на хрватската музика во медиумите.

Оној што добро ја познава европската аудиовизуелна политика, знае дека Европската унија води активна културна политика во насока на заштита и негување на различните културни идентитети, од кои е составена Европа. Токму оттука произлегува концептот за поттикнувањето на културната разновидност или културните посебности на различните земји.

Во прилог на ова ќе ја цитирам Емануел Маше, експерт од Европскиот институт за медиуми и автор на поголем број студии од аудиовизуелната област: „Во Европа, идејата за заштитата на културниот идентитет е генерално сфатена како синоним за интервенционистичка политика и систем на квоти“.

Музичките квоти се едно од средствата за заштита и негување на културниот идентитет и тие се воведени во радиодифузните закони во поголем број европски земји. Во Франција домашната музика се штити со квота од 70 проценти, во Хрватска со 20, во Словенија со 10, во Германија со 30, а во Грција дури со 90 проценти. Тргнувајќи токму од тие искуства, во еден период и во Македонија беа одредени квотите за емитување македонска музика во медиумите.

Но, очигледно за некои музичките квоти беа глупост. Здружени во „пакт“, ги укинаа. Не постојат. 

Што направивме? Сами на себе си го подаривме „тројанскиот коњ“, од кој преку ноќ излегуваат „војници“ од други земји и ни ги освојуваат дискотеките, салите и Арената. А, нашите пејачи наместо во етер, пеат во ветер.

Во стилот на народната, ќе ги запрашам сите од музичката сцена: „Каде сте Македончиња? Каде сте да дигнете глас и против оваа состојба која музичката фела ја поистоветува со познатиот македонски синдром на самоуништување?“ Со години молчите. 

Прва ваша дестинација нека биде Министерството за информатичко општество и администрација.

Потоа посетете ја Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и видете колку радија „се заколнале“ дека нема да емитуваат македонска музика и зошто?

А потоа, правец во Министерството за култура.

Светската организација УНЕСКО презеде иницијатива - заштита на нематеријалното, односно духовното, истакнувајќи ја важноста на сегментите што ја обележуваат традицијата на еден народ. И песната е наша традиција. Изборете се материјалното да не биде позначајно, од духовното.

Секој медиум си ја крои својата програмска политика. Тоа право никој не може да му го одземе, ниту да го казни ако ги исполнува пропишаните законски обврски.

Но, без закон, на поголем дел од медиумите дострел ќе им биде музиката од поранешните ЈУ простори. Вие „пукајте“ повисоко. Делувајте европски како што доликува на вашиот музички квалитет. Борете се за законот што ви следува.

Музичари, автори и пејачи, време е прецизно да ги напиште нотите по кои ќе заиграат сите, особено Министерството за култура.



Соња Алексоска Неделковска