Музичка промоција на „Пијанистика 1“ од м-р Дирона Соколовска на Факултетот за музичка уметност – Скопје

Добивај вести на Viber

Новата книга „Пијанистика 1: Основи на музичката писменост за пијано“ од м-р Дирона Соколовска ќе биде промовирана на 12 декември (понеделник), со почеток во 19:30 часот во малата сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Промоторки на книгата ќе бидат уредничката Бранка Бугариска и рецензентката Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Промоцијата ќе биде збогатена со музичка изведба на м-р Јована Трајчева и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“- Скопје.

„Пијанистика 1“, која е во издание на „Арс Ламина – публикации“, претставува учебно помагало за целосно изучување на техниката на интерпретација на музичкиот инструмент пијано, наменето пред сè за возрасни почетници, вклучително и учениците во средните музички училишта кои немаат претходно музичко образование.

Книгата преку оригинален метод и интегрирани содржини од сродни подрачја (историја на музиката и теорија на музиката) на корисниците без и со претходно музичко образование ќе им овозможи системско и темелно совладување на вештината за свирење на пијано и запознавање со богат репертоар на национална и светска музичка литература. Во книгата, освен теориски содржини наменети за објаснување на поимите од теоријата на музиката (тоналитет, скала, акорд, интервал, начини на свирење итн.) и историјата на музика (конструирање на пијаното, историјат и типови на пијана), се содржат близу 150 нотирани музички дела – нотни партитури од композиции за свирење на пијано со две раце. Овие партитури опфаќаат оригинални авторски композиции од авторката за почетници, автентични композиции за пијано од светското класично музичко творештво, но и композиции од домашни, национални композитори, кои се вклучија со свој придонес во публикацијата. Во книгата, авторката користи и обработени популарни класични теми, песни од мјузикли на Бродвеј, џез-стандарди, како и аранжмани за пијано на песни и ора од регионалните етнички и културни поднебја.

Методот за изучување пијано во „Пијанистика 1“ е оригинален, создаден од авторката преку грижливо евидентирање, анализа на податоци и педагошка практика со ученици од најмала до средна возраст, во текот на сопствената 25-годишна работа како педагог по пијано, а со цел ефективно и ефикасно совладување на градивото и усвојување на знаењата. Секоја тематска единица е грижливо обработена и содржи: воведен текстуален дел, кој на корисникот му помага да го поврзе знаењето со претходни знаења; практичен дел – избор нотен материјал од ризницата на светската музика за свирење, наменет за усвојување на новото знаење преку свирење; и заклучен дел – за проверка на знаењето.


Книгата „Пијанистика 1“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk а ќе може да се набави и за време на промотивниот настан во ФМУ.

Пр објава